White Lung – Deep Fantasy [Domino, 2014]

Панкот е толку прост – рудиментарен, не сељачки – поради што неговото создавање по правило е прилично замрсена задача. Звукот има распон колку што вселената е широка (добро де, таму буквално е мртва тишина), а темите за текстови се множат како што се зголемува човечката глупост (или брилијантност). Сложеноста на мисијата наречена „касапски остар панк-израз“ е како да се пронајде и избере вистинскиот риф – најчесто само еден – и вистинската строфа – од две, три, реченици – и да се сместат во песна од 60, 120 или преку сила, 180 секунди. Потоа следуваат потпрашања од типот „дали ќе се јуриша како коњот Гром“, „ќе има ли пеење или ќе се вреска ѕверски“ или „каков тип продукција ќе се примени, односно ќе се снима ли на касетофон или на диктафон?“.

Карикирам, знам дека сфативте, ама трескајќи си ја вилицата од фасцинација поради чудесната економија на Deep Fantasy замислив дека White Lung до неа пристигнале низ сито и решето, а не лизгајќи се низ широка, права како пушка, цевка во аквапарк. Во второво не верувам затоа што е бајка за големи деца раскажана на државна телевизија. А дури и кога нешто така фантастично ќе се случи, тоа веројатно е резултат на собрана лутина истурена во баеги среќен момент (и личен и општествен) наместо на проблесок на генијалност што вечно ќе се повторува. Сите што слушаат музика со поискусни уши се свесни оти овие артисти се исклучок, а не правило, и затоа не очекуваат револуција од секое следно издание. Не значи дека канадската група на дебито од 2010, It’s the Evil и особено на наследникот Sorry од 2012 не прикажа бранови од ингениозност, но тие, беа во сенка на трудот, вештината и кондицијата наталожени со љубопитно впивање секакви влијанија. Успехот на третата плоча е што сè тоа повторно го подобрува.

Воведната фонија на Drown with the Monster е како сирена што најавува неизбежно артилериско парчосување. Додека да стигнат последните 15 секунди тензијата веќе може да се допре со прсти кои треперат од страв и исчекување, а откако ќе поминат, испукувајќи цела рифовска батерија, сосема е јасно оти овој пат сè е пофокусирано и понатискано. Сировоста, исто така, пак може да се стегне во тупаница, но наместо да се држи под маса, Down It Goes ја исфрла исправено во височина. Преку првите две се прикрадува, ама со третата и четвртата трака, Snake Jaw и Face Down, се запечатува заклучокот дека рефрените, односно мелодискиот вокален магнет на лидерката Миша Веј е неколкукратно засилен. Дури и во рафалната I Believe You, која нагласува дека не треба да се заборават ноиз-основите на бендот, гласот е тој што инстантно се засадува во сеќавањето. На Wrong Star, пак, нешто поистакнато се потврдува втората ѕвезда на збирката – гитарите кои светлосно брзо менуваат акорди со лидови и обратно.

Истото продолжува и на Just For You пред фронтвоменката да го развиори хитовското знаме, а Sycophant се надоврзува за неколку степени помрачно, речиси параноично, за да финишира со еластичен танц на шестте жици. Највисоките, пискачки, прагови на тонската скала воведуваат во Lucky One по што командантот на микрофонот превзема контрола баш така, нескриено наметливо и со извици зажарени за доминација. Крајот, иако доаѓа по девет траки и одвај 19 минути, изгледа како да пристигнал по жестоко и бурно патување составено од далеку подолг список емотивни доживувања. Со малото зауздување на темпото и енергијата In Your Home отвора простор за голема оддишка. Нејзиното опстојување, сепак, е безначајно кратко бидејќи речиси веднаш е потиснато од нагонот за „рипит“. За ова има повеќе причини – од авторската едноставност, која е брилијантно ефективна, преку свирачката суровост, која е и технички поткована, до текстуалната соголеност, која е спортски истопена – ама главната останува чувството оти поривот на White Lung е реален, опиплив, чист, а не изваден од длабока фантазија.

Оцена: 90/100

Артист: White Lung
Албум: Deep Fantasy [стриминг]
Датум на објава: 17 јуни 2014
Продуцент: Џеси Гандер
Етикета: Domino

Листа на песни:
1. Drown with the Monster – 2:04
2. Down It Goes – 2:23
3. Snake Jaw – 2:21
4. Face Down – 2:36
5. I Believe You – 1:42
6. Wrong Star – 2:23
7. Just For You – 2:09
8. Sycophant – 1:37
9. Lucky One – 2:00
10. In Your Home – 2:46

Слични написи

Остави коментар