Underworld – Beaucoup Fish [Junior Boy’s Own, 1999]

Заедно со The Chemical Brothers и The Prodigy, Underworld во средината и кон крајот на 90-тите години ја искорна електронската денс-музика од нејзината природна средина – подземјето – и ја фрли во котелот што, да бидеме реални, вака или онака, ги прибира сите жанрови: меинстримот. Тогашното трио, сочинето од основачите Карл Хајд и Рик Смит, засилени од диџеј-клинецот од маало, Дарен Емерсон, без сомнение отскокнуваше во ова Свето Тројство на електрониката со нагон за комерцијален успех. Beaucoup Fish е петтиот студиски албум на бендот што работи уште од 80-тите години, период кога, како и многу артисти од тоа време, повеќе беа познати по лошиот имиџ, отколку по добрата музика.

Случајно или не, Underworld креативно експлодира со третото издание, dubnobasswithmyheadman од 1994 и следбеникот од две години подоцна, Second Toughest in the Infants, две плочи создадени откако во групата пристигна Емерсон. Истата постава во 1995 го промовира синглот Born Slippy .NUXX, хит од филмот што ја дефинира деценијата, Trainspoting и нумера што на следното студиско остварување на Underworld најјасно ја истакна способноста на бендот за пишување денс-нумери што без проблем можат да се вртат на меинстрим-радијата, дотогаш реткост кога се работи за електрониката. За разлика од The Prodigy, кои станаа, буквално, музика за светските маси и The Chemical Brothers, кои доминираа во Велика Британија, звукот на Beaucoup Fish ја задржа препознатливата острина на претходните изданија на дуо(триото), ама не се наметна како албум со непобитна авторска генијалност.

Кога се појави, многу критичари не беа штедливи во ругањето на цедето, а на тоа публиката одговори со масовно купување и огромна посетеност на журките што групата тогаш доби шанса да ги прави на скоро секое ќоше на планетава. Сепак, Beaucoup Fish е далеку од разочарување. Во контекст на претходните ремек-дела, што стојат сами за себе и кои ги поместија сфаќањата за електронската денс-музика, албумот потфрла, но не зашто е безидеен, туку оти е помалку ригиден, а повеќе забавен. Од таа причина ова е остварувањето со најголем број успешни синглови во кариерата на Underworld. Push Upstairs, Jumbo и Moaner (претходно искористена во навредливо очајниот Batman & Robin) се трите сингла по кои, денешнава диџеј-генерација или барем дел од неа, имала шанса да се запознае со составот.

Овие три нумери најпросто го опишуваат пристапот на Beaucoup Fish. Пулсирачки хаус/техно-ритми, пештерски длабоки бас-линии, глас што параонично, но мелодично, се провлекува низ бучавата и продукција од која ќе се стресе и бетонски најконцентрираниот столб на Земјава. Даб-атмосферата и постулатите на овој жанр, толку добро изманипулирани на претходните два албума, овде речиси и да ги нема. Парчиња во ваков тоналитет се расфрлани низ целиот материјал, но нивното присуство е минимално во споредба со изданијата од 1994 и од 1996 година. Ако тие плочи беа ритмички далеку поразновидни, Beaucoup Fish од почеток до крај се држи до тапите техно-удари и само на некои нумери запливува во квазибрејкбит или забрзани трип-хоп-води. Со Moaner албумот завршува на транс-нота, стил со кој Underworld отсекогаш сакал да си поигрува.

Несомнено, на сите што се сеќаваат на годините на „Аквадро“ или, пак, на „Метропол“ во Скопје, Beaucoup Fish им е особено драго издание. Преслушувајќи го од денешна перспектива, загубило малку од приемчивоста и грувот што тогаш го направи толкав хит, но доколку го анализираме со мала резерва и несентиментално, станува јасно дека не е креативниот врв на групата. Албумот нема конкуренција во поглед на потенцијалот за комерцијален успех и пробив на подиумите, нешто што и фактички се докажа по неговата објава. Како и каде понатаму почна да се развива кариерата на Underworld е поопсежна дебата, но веројатно и на најголемиот обожавател ќе му биде тешко да негира оти со оваа колекција бендот го заокружи триумвиратот од авторски и популарно најбитни албуми во сопственото постоење. До денес, сите чекаме нешто подобро, но бендот сè уште не го испорачал.

Артист: Underworld
Албум: Beaucoup Fish [стриминг]
Датум на објава: 1 март 1999
Продуцент: Underworld
Издавач: Junior Boy’s Own

Track listing:
1. Cups – 11:45
2. Push Upstairs – 4:34
3. Jumbo – 6:57
4. Shudder/King of Snake – 9:30
5. Winjer – 4:30
6. Skym – 4:07
7. Bruce Lee – 4:43
8. Kittens – 7:30
9. Push Downstairs – 6:03
10. Something Like a Mama – 6:37
11. Moaner – 7:38

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat во ноември 2009, на 10-годишнината од издавањето на албумот и пред гостувањето на Underworld во Скопје]

Слични написи

Остави коментар