Run the Jewels – Run the Jewels 2 [Mass Appeal, 2014]

Љубопитноста, ми се чини, ем е како измислена за актуелниов дигитален век, ем токму веб-семожноста изгледа како нејзина ахилова пета. Секој што сака да остане умствено свеж, нескротен истражувач, денес има прилика непрекинато да ја задоволува ваквата врховна потреба. Истовремено, баш јасноста со која знаеме оти само допир на екранот нè дели од пристап до сè и сешто, прави да прелетуваме, наместо да се кренеме и да си дадеме дозвола за препуштање и за лебдење. Пуст е стравот дека во секундата кога ќе се исклучиме од мрежата, нешто – било што – ќе ни побегне. Желбата за знаење (или за дознавање) така ќе загуби драгоцен здив во трката со противниците кои се измислени како вестите во Македонија. Затоа, нема запирање. Единствено: консумирање. Убеден сум дека ова, а не квалитетот, е причината поради која сè поретко слушам албуми на рипит. Со второто издание на Run the Jewels, сепак, натфрлив со надокнадувањето.

Едноставно, со ротацијата на RTJ2, замислената игла на уште посонуваниот грамофон ја отапев како мозок гоен со ТВ-оброци од реални шоуа. Кога музиката е во прашање, повторувањето најчесто не е мајка на осознавањето туку навестува здосадување што доаѓа нагло, треска на плочник и исчезнува од сеќавањето. Острината на материјалот, пак, што Ел-Пи и Килер Мајк го потпишале, гарантира дека опасноста од згадување е значително намалена, ако не и збришана. Бонус-поени почит се додаваат затоа што збирката без тетеравење го престасува одличното ланско првенче. Пред 2013 ова дуо воопшто и не постоеше, во минатата година дебитира самоуверено, како божем имале долговечна кариера заеднички да калат искуство, а сега сè надигруваат себеси со цеде исполнето со уште посилни, поубедливи и поистенчени траки. Тие извонредно стојат и одвоени и споени, градејќи безмалку непробојна албумска целина.

Најсериозно, дисков не само што нема вишок композиција, туку и внатре, во песните, бројот на непотребни елементи е сведен на безначаен, особено толерантен, минимум. Килер Мајк ја отвора Jeopardy, а со тоа и колекцијата, со гласен извик дека ќе искрши сè пред себе и веднаш штом удри басот, најавата не останува празна туку се претвора во вистина што разорува до самиот финиш. Фри-џез саксофонот набргу навестува оти Ел-Пи продукцијата ја третира слободарски, со нетипичен избор на инструменти и на семплови. До крајот се појавуваат и гитари, лајв-тапани, фриковски испади, а на тонот што доаѓа одоздола, од дното, му е овозможено речиси без пауза да корне чудовишно. Издвојувањето траки е излишно, ама протоколарно, ќе ги изберам Blockbuster Night, Pt. 1 за бенгерското интро, Close Your Eyes за олд-скул суровоста, All My Life и Early за соул-беседите, Lie, Cheat, Steal за сајзерите и Angel Duster за врвното финиширање.

Инструменталната платформа е современа, спакувана е да наликува на дабстепот, ама нема промашување на очигледното: дека тоа е исклучиво EDM-форма, а есенцијата е тврдо хип-хоперска. Рокнати баеги гласно (материјалот само тоа го заслужува, не да се измачува на лаптоп) овие 11 парчиња грабнуваат инстантно, стегнуваат како менгеме и не дозволуваат вниманието да попушти. Набилдани со грув којшто бездруго ќе крева патос – не и патетика – тие се најсоодветна база за Ел-Пи и Килер Мајк да се истакнат како рапери. На овој план и првиот е солиден, иако аудио-подлогата е негово поле за командување, но вториот рецитира со спремност, издржливост и со концентрација на древен мајстор по боречки вештини. Текстуално, дуото обработува сè од чаталење до небо, преку општество, политика и полиција до егзистенцијални маки и човечки лаги. Не е пресудно овие состојки да се проучат низ лупа за да се искуси албумот. Ритмите и римите и така се закатанчуваат без барање согласност. И звукот и лириката, меѓутоа, изобилуваат со куп детали кои создаваат чувство дека сè не е дешифрирано туку оти секогаш може уште нешто да се открие. Затоа – репете!

Оцена: 94/100

Артист: Run the Jewels
Албум: Run the Jewels 2 [download]
Датум на објава: 24 октомври 2014
Продуценти: Ел-Пи и Литл Шалимар
Етикета: Mass Appeal

Листа на песни:
1. Jeopardy – 3:21
2. Oh My Darling Don’t Cry – 3:24
3. Blockbuster Night, Pt. 1 – 2:32
4. Close Your Eyes (And Count to Fuck) (feat. Zack de la Rocha) – 3:54
5. All My Life – 3:07
6. Lie, Cheat, Steal – 3:28
7. Early (feat. Boots) – 3:44
8. All Due Respect (feat. Travis Barker) – 2:47
9. Love Again (Akinyele Back) (feat. Gangsta Boo) – 3:45
10. Crown (feat. Diane Coffee) – 3:45
11. Angel Duster – 5:09

Слични написи

Остави коментар