20/06/2018

Real Estate – Atlas [Domino, 2014]

Постирано на 24/11/2014 од во Албуми, Музика

Изразот што го практикува бендот со потекло од американската сојузна држава Њу Џерси, а сега сместен во Бруклин, Real Estate, уште од основањето во 2009 година беше интелигентен и образован, ама и неверојатно воспитан. Под тоа се подразбира впечатокот дека триото што го создава нема намера да се откаже од добрите манири иако сигурно се свесни оти нивното постоење денес попрво ќе послужи за сеир отколку за почит. Таквиот пристап резултира со звук којшто е прибран, питом и приспособлив на скоро сечии потреби. Кога е рокенролот во прашање ваквата ненаметливост не е некаква предност ако се знае дека бунтот – токму против културноста – е неговата (барем основна) суштина. Без разлика на ова држење до „златната средина“, групата целосно ја избегнува блуткавоста.

И како сите молчаливи и срамежливи „ученичиња“ тие со секое следно издание тивко ја доусовршуваат својата вештина што значи дека на Atlas се на – досега и засега – највисокото скалило. Повторно, „Бич бојси“ (обожувам вакви исконско југословенски транскрипции) се најочигледната прва појдовна точка. Разликата од претходникот, Days, е што океанот сега се оддалечува додека комплетно не се изгуби од видокругот по што фокусот се префрла на идиличните, перфектно подредени, предградија. Бескрајното синило е посоодветно за фантазирање, за планирање, а совршено асфалтираните улички за присетување и препрашување. Тоа и веднаш се забележува во стихот за „рефлексија во хромот и живеење во сонот“ од воведната трака Had to Hear.

Колку и да изгледа парадоксално, музиката на Real Estate е инспиративна иако меланхолијата е нејзината природна средина уште од дебито од пред половина деценија. Песните на Atlas се сеќаваат на минатите битисувања (Past Lives), ја ископуваат химната на април (April’s Song), се навраќаат до маалската кривина (The Bend), ја ре-откриваат примитивноста (Primitive) и се прашуваат како би можеле да живеат (How Might I Live). Значи, овие песни би требало да се повеќе тажни отколку радосни, но и покрај ова, триото од нив беспрекорно проектира поттик наместо да емитува очај. Притоа, не е во прашање агресивно навивање како од книги за самопомош туку чувство дека екипата е особено задоволна со тоа што го работи и како им функционира секојдневието. И покрај јасниот нагласок на навраќањата, на крајот од цедето тие веќе го гледаат хоризонтот (Horizon) и поставуваат терен за навигација (Navigator) кон – моментно – непознати простори.

Заслугата, пак, за поттикнувачкиот дух на тие што сега ги населуваат припаѓа на аудио-аспектот на колекцијата. Општиот тон на потиштеност, на којшто се надоврзуваат стиховите, е порамнет од мелодии – подеднакво поделени меѓу гитарите и вокалите – кои вбризгуваат позитивизам. Најдобар пример за ова е Talking Backwards со нејзиниот мек, пресметан, ритам, потоа, глас за којшто прво помислуваш дека е плачлив, но набргу заклучуваш оти си потпевнува со „твистиген“ расположение, додека поради гитарите си замислуваш забавени снимки од незаборавна рокенрол журка. Полево или подесно, не е важно, и останатите парчиња од збирката во себе ја носат истата способност за подзастанување, постепено губење во длабочината на ретровизорот, евоцирање и создавање – барем за одредено време – убаво насликан атлас на сеќавањата. На тој начин Real Estate осигурува дека ќе остане во мислите на слушателите и во иднината.

Оцена: 85/100

Артист: Real Estate
Албум: Atlas [стриминг]
Датум на објава: 4 март 2014
Продуцент: Том Шик
Издавач: Domino

Листа на песни:
1. Had to Hear – 4:51
2. Past Lives – 4:33
3. Talking Backwards – 3:08
4. April’s Song – 3:32
5. The Bend – 5:12
6. Crime – 3:16
7. Primitive – 4:15
8. How Might I Live – 2:28
9. Horizon – 3:11
10. Navigator – 3:36

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Критика.мк на 29.10.2014]

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>