Opeth – Pale Communion [Roadrunner, 2014]

Дозволено ли им е на музичарите да бидат искрени, отворени, страстни, фанови? Или можеби попрецизно, до кој степен смеат да ја искажуваат сопствената фасцинација на слушатели во моментите кога ја исполнуваат улогата на автори? Прашањата воопшто не се реторички. Ако сите го знаеме одговорот базиран на консензус – дека секогаш се претпочитаат тие што се издигнале, а не тие кои заглавиле во своите влијанија – каде е тогаш дилемата? Веројатно во моментите кога се појавуваат исклучоците. За нив, од една страна, е сосема јасно дека креирале своевиден фестивал на принесување жртви пред идолите, а од друга, сето тоа го направиле со пристап, став и идентитет типичен само за тој и за никој друг изведувач. Тука, дефинитивно, секој е оставен на себе. Овие артисти и изданија или те поттикнуваат да уживаш, или те тераат да ги одминуваш или те принудуваат да ги одбиваш.

Новото остварување на Opeth, Pale Communion, веднаш по првото, но и по наредните слушања ме инспирира – истовремено – да се воодушевувам од очигледната љубов со која е напишана оваа посвета на прог-рокот од 70-тите, но и да се двоумам дали тоа е подвиг вреден за почит во 2014 година. Ваквото двојство не е никакво изненадување при перцепцијата на шведската група. Разликата е што порано, причина за восихтот беше хармоничниот брак помеѓу Колачето-чудовиште и Сината самовила, а сега на дневен ред е дебатата за (без)вредноста на авторскиот потпис на Микаел Акерфелт. Меѓу најпроблематичните страни на колекцијата се вбројува фактот што таа не нуди премногу новини – и тоа во две насоки. Прво, во рамки на сопственото опстојување: составот уште од старт го прикажа, а потоа го докажуваше, романтизмот и желбата да мелодизира врз фолк-основи. Второ, со овие осум композиции тие не успеваат којзнае колку да го апдејтираат стилот од пред неколку децении што толку го обожуваат.

Најголемата мака, сепак, го носи крајниот резултат, односно констатацијата дека оваа збирка е проклето добро обмислена, претворена во ноти и егзекутирана во звук. Иако не може – и не треба – да се избегне споредбата со одличните албуми Morningrise и Still Life или со ремек-делата Blackwater Park и Deliverance / Damnation, набљудуван сам за себе, изолиран од сè што би можело да се смета за очекување или предубедување, Pale Communion е изненадувачки богато, слоевито и разновидно издание. Траекторијата на лупење на својата дет-метал-кожа, стартувана со Watershed, нагло забрзана со Heritage, сега е тотално и најубедливо заокружена. Грофтањето не се наѕира ниту во ретровизор, а ги нема и тензијата, драмата и прочистувачкиот стрес на севкупната атмосфера. Овој пат, буквално, сè е нежно, фрагилно и емпатично дури и во миговите кога е рифовски мрсно и тешко. А, да не се лажеме, има тука цепење со секирите, само што бендот го изведува повлечено, дури и потиснато, наместо истурено, со нагон за парчосување.

Едни траки, како Eternal Rains Will Come и Cusp of Eternity, најсветиот метал-елемент го применуваат цврсто и нескриено, а други, како Moon Above, Sun Below и River го препакуваат во мека, еластична, школка. На Goblin гитарата развозува во шпионски филм снимен по кривините на италијанското приморје, на Voice of Treason танцува со импресивен оркестар, на Faith in Others беседи трогателно, а на Elysian Woes истото го прави претерано сентиментално и излишно. Помеѓу сето ова се стиснати клавиште со хамонд-боја, прекршените ритми (во кои „Леб и сол“ се значително подобри) и мигови со акустика што знаат и да отпатуваат до Шпанија. Иако не е ткивото што успева сè да сврзе во восхитувачки организам, фанкот се провлекува како ритмичкото решение кое најчесто командува со пулсот на изданието. На површината, тоа и натаму остава блед впечаток и секако, за ова има очигледна основа во внатрешноста. И покрај тоа, Pale Communion е албум со којшто Opeth зема причесна и искрено се заблагодарува – со слушателска желба на обожавател и со вешто свирење на талентиран, идеалистички, автор.

Оцена: 80/100

Артист: Opeth
Албум: Pale Communion [стриминг]
Датум на објава: 25 август 2014
Продуцент: Микаел Акерфелт
Етикета: Roadrunner

Листа на песни:
1. Eternal Rains Will Come – 6:48
2. Cusp of Eternity – 5:35
3. Moon Above, Sun Below – 10:52
4. Elysian Woes – 4:47
5. Goblin – 4:32
6. River – 7:30
7. Voice of Treason – 8:00
8. Faith in Others – 7:39

Слични написи

Остави коментар