YOB – Clearing the Path to Ascend [Neurot, 2014]

„Време е да се разбудите“, смирено, но самоуверено, како во овие неколку збора да е собрано сето животно искуство, а не изјава исплукана откако ќе ја избришете првата лига од перницата, Алан Вотс го отвора Clearing the Path to Ascend, новиот албум на YOB. Британскиот филозоф, кој своевремено бил епископален свештеник, по што се преобратил во еден од најзначајните приближувачи на источните размислувања пред западната публика, е епитом за сè што американскиот дум-бенд и особено неговиот фронтмен, Мајк Шид, го претставува. Интелигентен, начитан, љубопитен и пред сè, убеден дека човечкиот род може да се издигне од кршливата школка во која што се раѓа и умира, овој уметник, како и мислителот од Кент, непрестано впива делови од огромното знаење присутно насекаде околу нас и го претвора во обземачки микс од зборови и звук. Тој не е надмен гаталец, туку приземен паталец којшто процесот на духовна еволуција и на седмата лонгплејка го распостила невоздржано и чисто.

И покрај тоа што во 2004 се осврнаа на неговите илузорни карактеристики, за бендот основан во 1996 година движењето отсекогаш било носечко. Без разлика дали станува збор за песна или плоча што се тркала низ аудио-универзумот или, пак, во прашање е личниот развој од детство до старост, статичноста никогаш не е опција прифатлива за групата. Ако претходното цеде, Atma, праќаше димни сигнали нанадвор, кон космосот, Clearing the Path to Ascend, раскопува навнатре, кон индивидуата и кон битието. Или да поедноставам, Шид во 2011-та буричкаше низ гигантски идеи, а сега е заинтересиран како во нив се вклопуваат и како ги достигнуваат луѓе од крв и месо. Тоа резултира со четири композиции преку кои се преиспитува постоењето на реалноста, се лупи кожа и се соголува срце. Кога сè што се љуби е истото што и се крши, кога природата се враќа кон изворот и кога копнееме да го допреме знаењето закопано длабоко во нашата срж. Можеби делува апстрактно, но од стиховите се чита конкретното искуство на авторот.

На ова изразено истражувачко, диво, сурово човечко, лице на зборот се надоврзува и звукот на 62-минутното остварување. Таму каде што Atma газеше етерично, мистично и со замислен поглед, сега Clearing the Path to Ascend топоти со решителност, јакост и со тежина на планински масиви. Фреквенциски, бидејќи е дум и поради што е YOB, ова рие во долините, пештерите и во амбисите, а повремено се искачува и до врвовите со гитарските лидови и со вокалните мелодии на Шид. Грото од оваа аудиоавантура не се повторува, односно сосема малку се придржува до испробаната поп-рок структура. Наместо тоа, бендот – и особено фронтменот – треска со широки, пространи, акорди и рифови, кои иако одѕвонуваат безмалку до недоглед, не се расфрлани безидејно туку се наоѓаат на прецизно, предодредено, место. Секое од тие звучни решенија, истовремено, е предвесник на тоа што следува и резултат на она што претходело. Со нив се копа, се продира, па се поставуваат темели, ѕидови, столбови (и сè така по ред) во мегатунел.

Како алегорија може да послужи и кулата – бидејќи сржта е градењето тула по тула – но „лагумот“ е посоодветен избор поради интересот на групата за помрачните поглавја од прирачникот на човечката психа и карактер. Додека истражува, триото плете подземна мрежа од сурови искуства неизмазнети по рабовите, а на слушателот остава над нив да крене буквално што сака или, пак, низ истите катакомби да скита до бескрај. Оддишка нудат ситници, како пар високи гитарски тонови на финишот од In Our Blood; финеси, како басот што се претвора во рифовско клатно (да, тоа е преводот на „пендулум“) на Nothing to Win; подробности, како затскриената, плачлива, не и размрсулавена, солажа на Unmask the Spectre; детали, како воведното шестжичано беседничење, кое подоцна се претвора во блуз-рефлексија и со своевидно пост-рокерско крешчендо става точка на Marrow, а со тоа и на дискот. Исцеденоста, ама не таа еднаква со претепаност туку онаа што доаѓа по мирен, неделен, 10-километарски трк, тука се наметнува нагласено природно. Одовде произлегува силното чувство, а не само опипливиот впечаток, дека YOB ве оставил на работ од заплетканиот поткоп наречен Clearing the Path to Ascend. Којзнае дали неговите автори и изведувачи, како и секој од восприемачите, потоа ќе се пробијат до возвишеноста, ама во најмала рака, патеката им е подрасчистена.

Оцена: 93/100

Артист: YOB
Албум: Clearing the Path to Ascend
Датум на објава: 2 септември 2014
Продуцент: Мајк Шид
Етикета: Neurot

Листа на песни:
1. In Our Blood – 16:56
2. Nothing to Win – 11:21
3. Unmask the Spectre – 15:25
4. Marrow – 18:48

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Критика.мк на 30.09.2014]

Слични написи

Остави коментар