20/06/2018

Wovenhand – Refractory Obdurate [Deathwish Inc, 2014]

Постирано на 22/10/2014 од во Албуми, Музика

Пристапот „религија во музика“ не само што не ми носи ниту најмал предизвик туку најчесто и ме оттргнува од потенцијално возбудливи изведувачи. Без разлика дали се практиканти на христијанство, ислам, будизам, кабала или The Force (добро де, лажам, нив ги обожувам), ваквите артисти повеќе ме потсетуваат на узурпатори на уметноста отколку на споделувачи на мудроста. Барем денес, во оваа ера на бескрајно достапно образование, кога и покрај неговата близина до дланките, не успеваме да научиме да си го бришеме цивилизацискиот задник, идејата за семоќно брадесто битие кое само што не се симнало од небесата да нè избави, е најкомично-иронична. Од друга страна, пак, не така одамна, кога едукацијата била луксуз, токму песната била најдостапен простор за комуникација со Бог што резултирало со форма присутна во секоја нива, село, град, земја или континент – фолкот.

И покрај „библиската содржина и инспирација“ овој народен израз отсекогаш, дури и во нашава аутотјун кантри ера, низ ситото на звуците и зборовите мошне потресно ја процедувал ср’жта на индивидуата (или на колективот). Баш затоа и токму тука ми се концентрира парадоксот поради којшто одамна сум резервиран кон Wovenhand, но и исто толку – фасциниран. Поради неверојатната стилска разновидност, сировост во компонирањето и во изведбата, како и непобитната уверливост на актуелниот албум на бендот, Refractory Obdurate, ова двојство изгледа го достигна зенитот. Чувството не ми е непознато. Таа дилема хокеарски се уфрлува веднаш штом се навратам на беседите со Господ на Џони Кеш, на сличните прашања што го прогонувале Мади Вотерс или од најскоро време, ланската соло-авантура на Џим Џејмс од омилените ми My Morning Jacket.

Како и кај секое од овие имиња, евангелијата се семето од кое никнува, израснува и расцветува седмата плоча на групата предводена од Дејвид Јуџин Едвардс и како и сите погоре споменати, така и 46-годишниот автор од Колорадо истражува, копа и пребарува низ древните текстови. Ова не значи дека му верувам или ме преобратил – напротив – ама поради цврстата убеденост во сопствените верувања ми олеснува во две работи: набљудувањето на „неговиот“ тип духовност и апсорпцијата на најзначајната страна на ова издание – музиката. Таа, барем ако се држиме до ултраортодоксните сфаќања за дисторзијата, ритамот и за катарзата, е безбожна. Вкоренет длабоко во американата, во Југот, каде што експлозивно се претопуваат слободата на движењето, нагласениот индивидуализам и најбазичното преживување, Refractory Obdurate од фолкот прави тотем што го резба со орнаменти од старошколски рокенрол, забрзан панк, нечист хардкор, а меѓу тоа скицира и метал и африканска пустинска традиција.

Сето тоа е отпеано со шаманска манијакалност која е микс помеѓу натурализмот на Ник Кејв и урбанизмот на Дејвид Боуви. Едвардс на концертите обично е седнат, но песните од првата половина на новиот диск, на потегот од Corsicana Clip до Salome се перфектни за онакво фронтменско, иги-џегерско, командување со сцената и со салата. Гитарите се најголеми виновници за тој ефект, но тука некаде се и ритмите, а пијаното не заборава да се појави и сè да врзе во сноп од цврстина. Нештата за извесен степен се потсмируваат (иако поточно е дека само стилски се прошируваат) од King David до El-Bow, ама и на оваа трансверзала, како и на остатокот од збирката, прочистувањето е моторот што ги носи Wovenhand до – нивната – највозвишената цел. Дефинитивно, ова е екстерен дијалог произлезен од интерниот монолог што Едвардс веќе со години го води на јавна сцена. И покрај бучноста – на музиката и на библиските референци – материјалот и понатаму е непобитно интимна исповед и не се претвора во безочна пропаганда. Како резултат на ова Refractory Obdurate е фасцинантен и интригантен од човечки аспект, а не одбивен поради неговата нескриена религиозна природа.

Оцена: 86/100

Артист: Wovenhand
Албум: Refractory Obdurate [стрим]
Издавач: Deathwish Inc.
Продуцент: Санфорд Паркер
Датум на објава: 29 април 2014

Листа на песни:
1. Corsicana Clip – 4:47
2. Masonic Youth – 3:39
3. The Refractory – 4:53
4. Good Shepherd – 4:00
5. Salome – 5:19
6. King David – 4:47
7. Field of Hedon – 3:33
8. Obdurate Obscura – 5:20
9. Hiss – 3:53
10. El-Bow – 2:42

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Критика.мк на 12.09.2014]

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>