Spoon – They Want My Soul [Loma Vista, 2014]

Кога некој „си свирка“, барем ние тука, во преполнава со басни Македонија, сакаме да кажеме оти некому „ич не му чуе“. Или да не користам една за да објаснам друга фраза – мислиме на луѓе кои воопшто не се заинтересирани. За ништо и за никого. Селото кај и да е ќе изгори, тие не го ни побарале чешелот, а камо ли да го забришат огледалото за да си ја наместат фризурата. Неважно е што гладуваат, побитно им е да нагласат до кој степен „мува не ги лази“ (ете, трета изрека) отколку да се солидаризираат во гасење на пламените јазици. Затоа, кога ќе слушнам песна во која што нечија уста добила задача да глуми кавал, најпрво помислувам дека авторите се потсмеваат и ја злоупотребуваат позицијата на надмоќ врз слушателот. Или се кинам од смеење. Не за друго, проклето е тешко, ем да свиркаш, ем композицијата, не само да не звучи лошо, туку поради тоа да е подобра. На Knock Knock Knock ова им појде од рака на тексашаните Spoon.

Петтата трака од новиот албум They Want My Soul е доказ за нивниот талент за врвно откривање, создавање и претопување на најпростите музички идеи во клучни делчиња од комплексна, често и рокерски генијална, целина. Всушност, не е само оваа нумера во прашање, осмата збирка на составот е таква од старт до финиш. Уште од секундата кога Џим Ено ќе удри на добошот на Rent I Pay, чија зарипнатост има пандан во гласот и во гитарата на фронтменот Брит Даниел, се кристализира економичноста со која што e искомпонирано изданието. Наспроти дилемата за свиркањето додека републиката е во пламен, ова е сериозна задача до која што бендот сигурно дошол по часови минати во испробување, премерување и кастрење додека не се споил овој ударен комплет од скокотливи строфи, запаметливи рефрени и инструментални решенија кои молат да ги изведуваш во воздух, под маса, на улица или во глава.

Јужњачката звучна нечистотија и леплив грув се зашиени на сите десет песни, но веќе од втората, Inside Out, се забележува оти и „синтетиката“ отсликана во клавијатури, машински ритми и минмалистички семплови, ќе игра значајна улога на плочата. Во оваа рамка најелегантно се вклопува Outlier. Со галопирачкото темпо, сајзерите, кои во ехо ги надополнуваат потипичните рок-елементи и со силното денс-чувство, траката е како измислена за подиум. Електрониката се истакнува и на New York Kiss која што не е диско-химна, ама со неа составот најмногу се приближува до формата на разиграна клабинг-композиција. Преку Rainy Taxi тие се префрлаат во некој дарк постпанк-вајб, на Do You лидерот ги распарува гласните жици, а насловното парче плива во некакви, не претерано груби, гаражни води. Најкусата I Just Don’t Understand остава џез-аренби впечаток, а Let Me Be Mine вози ли вози, како по бескраен американски автопат.

Клавишите, овој пат употребени како класично пијано, се сврзното ткиво на секоја од овие неколку, последно набројани, песни. Пулсот, маршот или танцувачките чекори се темпирани според нивниот такт при што групата покажува скици од своето олд скул рокенрол лице без да биде одбивно носталгична. Ретро-моментите, секако, се дел и од ова, како и од претходните остварувања на петорката, меѓутоа, нема дилема оти се работи за саунд екстремно актуелен и релевантен за сегашноста. Стиховите, пак, се надоврзуваат на интелигентната инструментација со слична едноставност, збиеност и пред сè, начитаност отсликана во одлични референци. Тука, RIP, не е само „Почивај во мир“ туку и „Киријата што ја плаќам“. Се појавува и теоријата на релативитетот на Алберт Ајнштајн, како паралела меѓу емотивната привлечност и физичкиот магнет на гравитацијата. Освен ова, во „лириките“ се скриени и Нил Јанг, Дилан и градот Остин во Тексас, Мартин Скорсезе со After Hours, како и Garden State на Зак Браф, ама и куп други инспирации со кои авторите прикажуваат продорно познавање на разновидните аспекти од културата. Затоа, членовите на Spoon не мора да се плашат. Дури и некои да посакуваат, ѓаволски тешко ќе им биде да им ги земат душите.

Оцена: 88/100

Артист: Spoon
Албум: They Want My Soul [стриминг]
Датум на објава: 5 август 2014
Продуценти: Џо Чикарели, Дејв Фридман, Spoon
Етикета: Loma Vista

Листа на песни:
1. Rent I Pay – 3:09
2. Inside Out – 5:02
3. Rainy Taxi – 3:58
4. Do You – 3:33
5. Knock Knock Knock – 4:39
6. Outlier – 4:22
7. They Want My Soul – 3:22
8. I Just Don’t Understand – 2:38
9. Let Me Be Mine – 3:26
10. New York Kiss – 3:27

Слични написи

Остави коментар