22/11/2017

Jessie Ware – Tough Love [Island, 2014]

Постирано на 30/10/2014 од во Албуми, Музика

Не постојат завиден број ѕвезди или, ако ништо друго, музички изведувачи свесни оти некогаш ќе го достигнат овој статус, кои избираат да бидат прибрани, да ја одбиваат фамата како што се бега од лепра и да не џавкаат колку (слепо) ги следат трендовите. Ако се знае дека селебрити-позицијата е најмногу перцепција, а најмалку есенција, од претходното тврдење никој нема да се изненади. Особено денес, талентот е излишен. Желбата, пак, за „кварцање“ под медиумските рефлектори, е најпотребна. Дополнета со екстремно прилагодлив „предузимачки“ дух, секој што ја поседува, со радост ќе се однесува како во циркус, ќе додава масло во огнот со афери и со гордост на француски дворјанин ќе се менува во сè што носи профит. Плитко, секако, но извонредно плодно за нивите засадени со кратки сеќавања.

Џеси Вер, иако ги поседува сите површински предиспозиции да биде суперстар, е сè спротивно од поимот за артист кој се проституира за внимание. Уште повеќе, таа на дебито од 2012 година, Devotion, истакна оти планира долго да вирее во – дури и да ја слави – прегратката на дискретноста. Со неодамна објавениот следбеник, пак, Tough Love, таа продолжува да трага по перфектниот поп-хит што ќе допре до илјадници, а зошто да не и милиони луѓе, но тоа го прави со питомост значително понагласена од претходно. Некои пејачи никогаш не издаваат албум вреден како нејзиното првенче. Таа можеше комотно со него да го исполни креативниот минимум во кариерата и да се префрли на кеширање преку глупирање, меѓутоа, 30-годишната авторка и вокалистка се одлучи за посуштинското – да пишува и со гласот да оживува префинети песни.

Бездруго, тие се наменети за меинстримот, за светот на „комерцијалата“, ама врската на Вер со овој денешниов – од имиџ преку однесување до компонирање и перформанс – е блиска колку што човештвото е на прагот на меѓуѕвездените патувања. Конекција има само во поглед на жанрот, некаков си современ, нео-соул, чии што претставници од спротивниот пол се Џејми Вун, Сем Смит и донекаде Џејмс Блејк. Остатокот нема ниту трага од агресивните, простачки и синтетички лелеци за привлекување интерес кои сега вриштат од сите можни друштвени, антисоцијални и фрижидерски мрежи. На Tough Love, уште позабележително од дебито, се случува спротивното. Можеби затоа што ги истрениравме сетилата да добиваат сè и веднаш, изданието не се наметнува на прва рака. Најинтересно, сепак, е дека и по неколку вртења впечатокот на повлеченост не се губи, но без разлика на ова, материјалот успева да се прикраде во крвотокот.

Потоа, мошне лесно се констатира дека на збирката скоро и да нема лоша трака иако останува импресијата оти сега целината е побитна од засебните делови. Со оглед на насловот, провлекувачката тема се запознава на прва топка и како било која замрсена романса, така и овие нумери бараат и изнудуваат интроспекција и преиспитување, а тоа насекаде расфрлува извесен госпел-филинг. Најочигледен на Say You Love Me, тој се истакнува и во Kind Of…Sometimes…Maybe, Keep On Lying и во последната, Desire, каде што има и одредено сајзер-експериментирање. Подиумскиот грув – разбирливо, пуштен низ филтерот на меланхолијата – го разигрува темпото преку Cruel, You & I (Forever) и Want Your Feeling, а на оваа тројка и фанкот го прикажува своето лице. Несомнено, сите 11 композиции се галежни, но на овој план за нијанса отскокнуваат насловното парче и Sweetest Song. Филмската широчина, пак, со оркестрации кои на други места се поназад, е најочигледна на Pieces и на Champagne Kisses, каде што и вокалот на авторката е најударен.

Очекувано, гласните жици се инструментот на кој е отстапен најголем простор. Џеси Вер го искористува за да демонстрира дека навистина сака да пее, ама и да го прикаже подеднакво битното – создавањето поп-песни. Нејзините се до тој степен исчистени од непотребности поради што речиси сигурно се прилагодливи и беспрекорно би звучеле и во акустична, џез или во рок-варијанта. Тие не ги потчинуваат слушателите со напад ненадеен како наци-блицкриг туку ги повикуваат, заведуваат и ги освојуваат. Ништо од ова не е просто за „да се шири вирално и мултиплатформски“, а сепак, на разбирлив, едноставен, топол, човечки јазик со глас и со звук ја слика комплицираната љубов.

Оцена: 83/100

Артист: Jessie Ware
Албум: Tough Love [стриминг]
Датум на објава: 13 октомври 2014
Продуцент: Бензел
Етикета: Island

Листа на песни:
1. Tough Love – 3:26
2. You & I (Forever) – 3:58
3. Cruel – 3:52
4. Say You Love Me – 4:17
5. Sweetest Song – 3:27
6. Kind Of…Sometimes…Maybe – 3:34
7. Want Your Feeling – 4:21
8. Pieces – 3:25
9. Keep On Lying – 3:28
10. Champagne Kisses – 3:22
11. Desire – 3:11

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>