20/06/2018

ХАХАХА – Сами мажи и жени [Moonlee, 2014]

Постирано на 08/09/2014 од во Албуми, Музика

Сами мажи и жениАко се најдете пред свршен чин да донесете одлука, замислете, дали би избрале вашето дете да се вика Светомир? Не мора, еве, да се работи за решение под принуда ниту да е во прашање некое пресекување изнудено од бирократска бизарност како измислена за влегување во фолклорот. Да речеме, имате време. Можете темелно да размислите, да направите про-контра листа, да спроведете анкета меѓу незасегнати граѓани. Дали и во такви услови, екстремно поволни за рационалност, во изводот од матичната книга на родени на сопствениот наследник би го запишале спојот меѓу „свет“ и „мир“? Јас, не. Оваа моја реакција е инстинктивна, чисто естетска, но и помалку од внимателност – не е фино уште од прв ден на планетава некому да нагрбачиш таков „филозофски“ товар, нели? Ваквиот заклучок сè уште ми е најлогичен, ама по слушањето на истоимената трака од третиот албум на ХАХАХА истиот малку (повеќе) ме растажува.

Не поради името. Само по себе, како збир од букви, тоа е прилично смешно – особено во актуелниот, модерен, англосаксонизиран, контекст. Ме смрачува еден од можните корени на таа комичност. Скопската група конкретната песна ја посветува на ерата по 1945 година, по најкрволочната војна, кога сè е пустина, стартува новиот век, меѓутоа, во него нема место за идеализмот. Тука ја најдов врската со Светомир. Бидејќи, тоа е име на верба, на пренесување порака од претходната до следната генерација, ама ако скоро сите се убедени оти светот и мирот се исклучуваат, а не надополнуваат, зборот создаден од нивната фузија станува излишен. На некој начин, тоа разочарување, тој пораз, таа безнадежност, се во срцевината на „Сами мажи и жени“. Не станува збор за дефетизам. Плочата има доволно звучна енергија за да укаже оти претопувањето во масата е на сигурна далечина, но тонот на помирување и на прифаќање е евидентен.

Токму во „Светомир“ Васко не е двосмислен, јасно вели дека „нема повлекување и нема поправање“. „Влае салеп“, која што е досега најверодостојно напишана химна на неколкуте последни, загубени, генерации титови пионери, не остава простор за дилема – „кога-тогаш ќе наебеме“. Сизифовски насловената „Два милиони тркалачки камења“ (или дилановско-џегерска) потсетува на Травис Бикл, но не за да го воздигне Роберт Де Ниро, туку да послужи како предупредувачка приказна: „еден ден си херој, утре на црн лист“. Одата на емиграцијата, односно на желбата за опстојување во својата земја, во „Сакам дома да живеам“ подвлекува дека сме во голем град, долго патуваме, меѓутоа, никаде не стигнуваме. Отпеана во име на сите што ги користат рацете за да преживеат „Ти што возиш велосипед“ укажува дека не е до природата, ниту до стомачните туку до сиромаштијата поради која многумина се заробени на двете тркала.

Сето ова остава впечаток на неизбежност, на суровост и на безизлезност. Мрачно, нема дилема, веројатно и најзатемнето досега од бендот, но во ера кога сите и на најблиски се радуваме штом слушнеме дека „нашле начин да киднат“, ваквите стихови делуваат порелевантни од чиј било субвенциониран вештачки хит за расплод. Музиката, сепак, е таа што ја врамнотежува вагата. Мелодичниот, рудиментарен, хардкор панк од 80-тите и тука е основата, ама групата сега прави феноменални екскурзии со мандолини и со мегарефрени како на „Радио моторика“. Однадвор, „Ема“ е извонредна, поп-натопена, романтична балада, а всушност, е постхумна исповед за прегазеноста од животот пред првата жена на анархизмот, како и „римајндер“ вистинските херои да не се заборават. Насловната композиција, пак, ја содржи најлепливата и најнежна вокална линија што составот ја напишал, а таа е контраст на осаменоста и отуѓеноста во нејзините стихови.

Продукциски, сè е живо, блиско, исполнувачко, а на ова поле добро е додавањето на монолозите на Ристо Шишков од „Најдолгиот пат“, како и исечоците од спортскиот пренос од мечот меѓу „Црвена ѕвезда“ и „Панатинаикос“. Славниот актер зборува за лебот (а солунскиот даскал за пацифизмот), додека српскиот коментатор со уживање нè навраќа на игрите (на Панчев среде Атина) коишто постојат за да се насладуваме. Целиот овој широк, сочувствен, со отворено срце изцртан, круг ХАХАХА го затвора со секого од нас – и мажи и жени – и напомнува оти ние сме тие што вртиме, дишеме, што навиваме, викаме и секој ден пароли пишуваме. Притоа, квартетот се вклучува себеси во равенката според која ние (наместо да попува со „вие“) сме гладните што мораат да јадат. Така бендот не креира оправдување за некакво евентуално откажување од танго-револуцијата во идната можна пресметка меѓу сиромашните и богатите. Само го прави најсолидарното – споделува. Трибините, ами што друго.

Оцена: 90/100

Артист: ХАХАХА
Албум: Сами мажи и жени
Датум на објава: 8 септември 2014
Продуцент: Ненад Трифуновски
Етикета: Moonlee

Листа на песни:
1. 2 милиони тркалачки камења – 3:05
2. Радио Моторика – 3:02
3. Ема – 3:23
4. Сами мажи и жени – 3:08
5. Сакам дома да живеам – 3:40
6. Светомир – 4:17
7. Влае салеп – 3:50
8. Ти што возиш велосипед – 2:48

Тагови: , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>