20/06/2018

Pallbearer – Foundations of Burden [Profound Lore, 2014]

Постирано на 16/09/2014 од во Албуми, Музика

Чувството на празнина е еден од најдлабоките бунари од кои што уметниците – од која било жанровска графа или историска ера – ја црпат инспирацијата. Несомнено, истата таа состојба на умот и на духот е подеднакво опасна, а неретко и – смртоносна. Скоро и да не е битно дали е во прашање збор, звук, слика, изведба, сè ова споено или што било друго креативно. Таа пештера, која знае да се прикажува и како понор што бескрајно се продлабочува, во себе носи мелодија, ритам, проста порака, комплексна филозофија и што уште не, кои трпеливо чекаат авторите да ги откријат. Нивната среќа тука не игра којзнае каква улога. Тие може да се најведрите суштества на планетата, ама еден миг на неизбежна загуба, на неочекувано разочарување или на впивање на фактот оти сме крајно небитни во корелација со космосот, и тој статус на „јама“ шокантно лесно се достигнува. На Foundations of Burden, Pallbearer го прегрнува и го преполнува.

Пред да се обидам да опишам (не да објаснам, тоа на секој засебно останува) со што и како, ќе подвлечам оти бендот не затрупува само некој замислен ментален кратер туку ова го прави и опипливо. Од цедево прекипува материјал што во многу сегменти од повеќето песни може да се грабне и да се стегне во тупаница. Ова е масивен, страшно окрупнет, звук. Композициите се џиновски. Не само по просечното течение од девет и кусур минути туку и по аранжманската конструкција распослана на мрежа од цврсти, монолитни и импресивни, столбови од идеи. Дискот, дефинитивно, повеќе се обраќа на хоророт што доаѓа со ѕверењето во темнината на сопствениот амбис, а резултатот од ова е комплет што без мака затрупува секаков широк простор – од дневна соба преку катедрала до НБА-арена. Притоа, нема бомбардирање. Сè е збиено во пристап којшто може да се прераскаже со роман, но и со еден, единствен, збор – елеганција.

Колекцијата успешно функционира на линијата „разбирливост – сложеност“ затоа што е очигледно оти површинската приемчивост е добиена со часови и часови смислување и напластување, а не е препуштена на случајот. Ова, пак, не значи дека сè е наместено. Напротив, буквално од сè испира органското. Не мора да се оди далеку (иако, секако, така е подобро) тоа се забележува од старт. Групата ја отвора Worlds Apart со секунда гитарски крик, па директно, како со силен удар на чекан врз наковална, се префрла на риф од милион тони што веднаш е разбиен од морничаво-прекрасна вокална мелодија. Веќе на четвртата минута лидот сè крши и крева во височините за набргу да остави да слета, да почне да се развлекува и да се претвори во монструозно бавен и неверојатно потентен повод за хедбенгинг. Гласот на Брет Кембел тука брилијантно истерува (или повикува) демони по што целиот облакодер се здробува на успорена снимка.

Иако се одвоени Foundations / Watcher in the Dark реално се една песна од безмалку 20 минути. Јасно е и од претходната, но од неа 100 отстотно се потврдува дека се работи за дум-израз со силен нагласок на пеење, наместо на нискотонско мумлање. Да не се лажеме, басот и генерално, нотите од најдолните делови на скалата владеат не само на оваа, туку на сите траки, но исто толку простор е отстапен и на хармониите. Членовите за референтни точки ги споменаа Boston и Rainbow, кои се и тоа како присутни, ама ги има и Led Zeppelin, Black Sabbath (нели), па дури и Thin Lizzy во некаква си слоу-темпо варијанта. На Foundations тоа се манифестира во налутено No Quarter привидение, а на Watcher in the Dark добива набилдана Into the Void градба. Воочливи се, а и составот не бега ниту ги крие ретро-влијанијата, меѓутоа, не е ова простачка носталгија. Освен што е модернизиран со сè помеѓу Kyuss, Sleep и Neurosis, тој е индивидуализиран со книги, филмови и искуства што му даваат јасен, кристален, личен идентитет.

Затоа и покрај сите јасни референци The Ghost I Used to Be не делува преџвакано, туку се наметнува како еп што ги слави појдовните точки, ја задржува суштината што денес често недостасува и самоуверено се вкопува во актуелната ера. Со Ashes четворката не прави само куса одишка туку и одлично се покажува како фолк-кантавтор беседник, а Vanished се враќа со гоџира-риф којшто израснува во колективен топот за на крајот да се изгуби во мракот со репетирачки, фрагилен, гитарски акорд. Откако збирката ќе се најде на таа точка, по финишот лесно се заклучува оти до неа е дојдено природно, со исклучително течни премини и претопувања. Имајќи предвид дека се работи за дум, а тој воглавно се занимава со црнила, необично е да се зборува за бои, за преливи или за нијансирања. Најсилната карактеристика на Foundations of Burden, сепак, е токму тоа што постојано се движи, се поместува како тектонски плочи и Pallbearer од него излева извонредно компактна маса од различности. Втемелена во бремето со кое што, вака или онака, сите сме насамарени, таа варира од црна темница до заслепувачка светлина.

Оцена: 95/100

Артист: Pallbearer
Албум: Foundations of Burden [стриминг]
Датум на објава: 19 авгст 2014
Продуцент: Били Андерсон
Етикета: Profound Lore

Листа на песни:
1. Worlds Apart – 10:17
2. Foundations – 8:42
3. Watcher in the Dark – 10:40
4. The Ghost I Used to Be – 10:17
5. Ashes – 3:19
6. Vanished – 11:42

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>