19/08/2018

Mastodon – Once More ‘Round the Sun [Reprise, 2014]

Постирано на 25/09/2014 од во Албуми, Музика

Убеденоста дека можат да бидат значително повозбудливи и покреативни, но решаваат да „брилјираат во нормалноста“ е еден од најзезнатите стадиуми што често ги достигнува врската обожавател (или следбеник, слушател, почитувач) – одреден бенд. Особено ако на тапет е состав што недвосмислен потврдил, всушност, подолго време бил фактички лидер во поширокото поле на жанрот што го избрал. Проблем тука не прави одлуката да се приближат на безличната маса на мнозинството. Маката ќе биде поголема, ама и ќе се истрпи, дури и ако скоро целосно во неа се претопат. Зафркнатоста испливува во ситуацијата кога засегнатиот артист ќе направи ваков исчекор и притоа ќе се истакне со исклучително силна, своја, интерпретација на „вообичаеното“. Тогаш ем е тешко да не им симињаш капа за внесувањето лична свежина во колективно испробаното ем те јаде јанѕа од свесноста оти се способни за екстремно отскокнување, но го избегнуваат.

Таква нагласено двосмислена конекција воспоставив со Once More ‘Round the Sun на Mastodon изминативе два и кусур месеци откако излезе. А го слушам. Поприлично. Ќе го свртам неколку пати и во различни опкружувања во период од неколку дена, па ќе го баталам бидејќи сомнежот, што постојано расте во споменатиот период, ќе скокне до врвот на термометарот на толеранцијата. Таа скепска не е резултат на одвратниот неквалитет. Спротивно, таа се јавува поради очигледната поткованост, прочистеност и дисциплинирана посветеност на детали со кои четворката е јасно дека била опседната. Од една страна, ме фасцинира заразноста, мајсторската едноставност, на мелодијата, која што во каква била форма е ѕвезда на материјалот, а од друга, ме гризе мислата оти истото тоа бендот можел да го пренасочи за да изроди нешто бизарно замрсено, сурово и казнувачки тешко за слушање и интерпетирање.

И вака како што е, хеви-елементот е присутен – секој што тврди поинаку е инаетливо необјективен – само што тој е избрусен, измазнет по претходно острите рабови, за да помине што побезболно низ филтерот на пошироките маси. Искрено и реално, тоа ни од далеку не значи дека Mastodon сега наеднаш ќе се здобијат со милиони тазе фанови, но нема дилема оти со овој пристап нивниот број ќе нарасне. Гледано исклучиво низ таа призма на авторство што значително се проширува додека (колку-толку) останува и поврзано со своето поударно минато, Once More ‘Round the Sun е добар, на моменти и импресивен, албум. Оваа транзиција од лавиринтско прог-забегување во автопатско, безмалку праволиниско рок-метал-развозување, навестувана уште од Crack the Skye, драстично се потврди на The Hunter, а тука е заокружена. Сето тоа претставува реална основа на многумина да им биде крајно одбивно, но дури и на ним би им било тешко да негираат оти групата ова го изведува вешто и умно наместо простачки и глупаво.

Двојната бас-педала и решетањето на добошот на тапанарот Бран Деилор, басот којшто рие низ утроба на Трој Сандерс, како и јужњачките, замастени, растегнати и лизгави рифови и лидови на Брент Хајндс и Бил Келихер се тука, нема шанси да ги избегнете или помешате со друг состав, меѓутоа, тие се ставени во контекст на „песнопојството“ наместо на плетењето мрежи и правењето каша-попара од самата идеја за композиција. Структурата строфа-рефрен-строфа сега доминира иако на нешто подолгите Asleep in the Deep и Diamond in the Witch House има силни траги од старото „мешетарење“. Без разлика на јасното насочување кон редот, не се ова типични радио-синглови (просекот е пет минути без пар секунди), но вокалот токму таа форма ја интерпретира. Врвот го искачува на убедливо најпевливите The Motherload и High Road, а слично ниво – иако со не толку меинстрим тон – имаат и Tread Lightly, потоа насловното парче, Aunt Lisa (самоиронијата со хорот е одличен отскок) и Ember City.

Chimes at Midnight, Feast Your Eyes и Halloween будат бледи сеќавања за хардкор-испадите од минатото иако и тие повеќе сакаат да бидат масивни фестивалски химни отколку гаражни изливи на гневна катарза. Од ова последново на збирката има сосема малку – само скици – а нема ниту лудачка, огромна, тема што сè обединува во цврст (и со ЛСД-натопен) концепт. Наместо тоа, секоја песна е приказна за себе. Во рацете не стегаат акустични гитари – иако студиски вметнале во неколку наврати – но членовите на квартетот на збиркава демонстрираат дека еволуирале во мајсторски композитори. Материјалот дури содржи и брдо моменти, детали и сегменти кога тие се и генијални, ама поради што, во целина, не поместуваат планини туку само индивидуализираат и рефрешираат претходно изгазени патеки, не дозволува и фактички да ги сметаме за брилијантни. Тоа што, пак, Mastodon го овозможува – море го осигурува – е на Once More ‘Round the Sun често да му се навраќаме. Ако ништо друго, барем уште еднаш, за секој случај, со сигурност, да провериме дали станале разводнети квазихитмејкери или восхитувачки автори. Гледано од нивен агол, тоа е феноменален успех – така албумот постојано ќе врти кругови околу Сонцето.

Оцена: 82/100

Артист: Mastodon
Албум: Once More ‘Round the Sun [стриминг]
Датум на објава: 24 јуни 2014
Продуцент: Ник Раскулинеч
Етикета: Reprise

Листа на песни:
1. Tread Lightly – 5:14
2. The Motherload – 4:59
3. High Road – 4:15
4. Once More ‘Round the Sun – 2:58
5. Chimes at Midnight – 5:32
6. Asleep in the Deep – 6:12
7. Feast Your Eyes – 3:23
8. Aunt Lisa (feat. The Coathangers & Gary Lindsey) – 4:08
9. Ember City – 4:59
10. Halloween – 4:39
11. Diamond in the Witch House (feat. Scott Kelly) – 7:49

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>