22/10/2017

ISIS – In the Absence of Truth [Ipecac, 2006]

Постирано на 13/09/2014 од во Репост

In the Absence of TruthПовторувањето е мајка на знаењето. Ако учите за испит, можеби, ама во музичка смисла, ваквите трикови значат пропаст. Според светите записи, од артистите се очекува да внесуваат динамика, разновидност и живост во сопствениот звук и да бегаат од репетицијата како што демоните ги виткаат опашките пред Џон Константин од закон-стрипот Hellblazer.

Бостонскиот состав Isis, пак, уште од првото ЕП, Mosquito Control, издадено во 1998 година, се намерачи на струјата контра ветрот и реши, во солидна мера, да го базира својот пристап токму на повторувањето. Неодамна го преселија кампот во Лос Анџелес, но од источниот брег на САД си го понесоа уметничкиот интегритет, неуморната креативност и бескомпромисните ставови. Со други зборови, при создавањето на четвртото студиско издание, In the Absence of Truth, не дозволија да бидат вовлечени во калифорнискиот вител на силикони, лоша шминка и евтино сончево расположение. Нивниот свеж материјал е проникливо, остроумно и ѓаволски добро напишано (монолитно) парче музика.

И тука, за Арон Тарнер и за неговата екипа, репетицијата, градењето на атмосферата и играњето со кулминациите, како што самурај владее со својата катана, се дел од грандиозната 65-минутна „финта“. Покрај боговите Neurosis, бројот на состави кои од „вртењето исти рифови“ направија вистинска магија, е невозможно мал. Петоркава, предводена од основачот на одличната независна етикета Hydra Head, со гордост влегува во врвот на децималната листа. Имајќи предвид дека, освен новото цеде на Red Sparowes, годинава немаше слични остварувања, Isis, барем моментно, се наоѓа на нејзиниот пиедестал. Некому тоа можеби не му значи ништо, но ако ги слушнете чудесиите што групата ги прави со своите повторувачки итрини, не кукајте дека некој сосила ви навлекол тазе зависност. Едноставно, како и на претходниците Panopticon (2004) и Oceanic (2002), квинтетот си подигрува со емоциите на слушателот додека не предизвика целосна катарза. Секако, овде не станува збор за агресивно, секс-за-една-вечер, празнење на каналите, туку за постепено „малтретирање“ кое ќе ви отвори нови чакри во телото. Добро де, не е дека Буда излегува од звучниците, но мора да се признае дека цедето има силни медитативни и филозовски страни.

Нормално дека бавното темпо и репетицијата се оружјето на Isis, но тоа не значи дека In the Absence of Truth се потпира на неколку гитарски тонови кои се вртат повеќе од еден час. Ситуацијата е спротивна. Дискот изобилува со фасцинантни моменти кои се паметат уште од првото слушање, ве принудуваат да им се навраќате и на таков начин ви откриваат нови елементи. Иако работено од истиот продуцент, Мет Бејлс, изданието отскокнува со потопол, поприемчив и далеку помасивен звук отколку претходните две ремек-дела. Ако „паноптиконот и океанот“ имаа страшен слаџ-призвук, истиот тука е надграден со силна пост-рок обоеност. Далеку од тоа дека материјалот не е тежок – напротив – но, очигледно е влечењeто кон сировоста на нови бендови како Pelican.

Сепак, се работи за чист продукциски аспект, а доколку зборуваме за музиката, на ова поле Isis повторно напредуваат. Со Not In Rivers, But In Drops докажуваат дека можат да бидат енергично-динамични, на Dulcinea демонстрираат пеколно рифовско финале, со 1.000 Shards ги прикажуваат своите вокално-мелодични желби, а преку Holy Tears потенцираат дека и тие имаат формула за „балада“. Иако вокалите се загрозено малцинство на цедево, Firdous E Bareen (рај на персиски), е интересна триперска-инструменталка. Како и претходно, групата ја отвора (Wrist of Kings) и затвора (Garden of Light) плочата со силни нумери кои ве вовлекуваат и ве испраќаат без шанса за заборавање. Уствари, иако материјалот е одлично смислена и издржана целина, во него, мошне интелигентно, се расфрлани запаметливи сегменти музика кои ќе ве инспирираат на постојано навраќање. Не се секирајте, ќе ги најдете – уште од првото слушање.

Можеби е најдолгото цеде во кариерата на Isis, но ниту една секунда од In the Absence of Truth не звучи непотребно, изнасилено и вештачко. Со течение кое потсетува на голема река, албумот се издига како совршен пример за пост-метал звук што има речиси неограничен дофат. Стопосто ќе остане дел од кремот на подземјето, ама и онака, меинстримот нема доволно мозочни клетки, трпение и храброст за да го разбере.

Артист: ISIS
Албум: In the Absence of Truth [стриминг]
Датум на објава: 31 октомври 2006
Продуценти: ISIS и Мет Бејлс
Издавач: Ipecac

1. Wrists of Kings – 7:45
2. Not In Rivers, But In Drops – 7:48
3. Dulcinea – 7:10
4. Over Root and Thorn – 8:31
5. 1,000 Shards – 6:17
6. All Out of Time, All Into Space – 3:04
7. Holy Tears – 7:04
8. Firdous E Bareen – 7:50
9. Garden of Light – 9:17

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat во ноември 2006 година]

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>