Dog Eat Dog: Целта не ја погодуваме секогаш, но никогаш не се плашиме да се испробаме

Во средината на 90-тите години, Dog Eat Dog беа дебитанти на музичката сцена што, сепак, не си спречи набрзина да станат MTV бенд. Тогаш на овој канал спотовите и песните беа главна тематика, а не реалните шоуа, и затоа оваа квалификација не би можела да се смета за навреда. А и онака, во период кога интернетот од Македонија беше далеку колку што е недостижен скандинавскиот начин на живот, видеата (како што денес се викаат клиповите, а во таа ера зборот се користеше за ВХС-плеери) беа еден од начините да откриеш нов звук. Во таа констелација се случи навистина чудна работа. Групата што ја гледавме на малите екрани се нацрта во – за моиве неискусни тинејџ очи – огромната прва хала на скопско Сајмиште. Овој четвток тие повторно ќе гостуваат во земјава, сега во Младинскиот културен центар. За ова и за низа други нешта електронски „поразговарав“ со фронтменот и еден од основачите на составот, Џон Џеј Си Конор.

Во Скопје ќе свирите на 15 мај, речиси 19 години откако ја посетивте Македонија за прв и досега, последен пат. Тогаш настапивте на „Т-фестивал“ и очигледното воведно прашање е колку и на кој начин се сеќавате на државата и на луѓето овде?
– Бре, времето лета навистина брзо. Нашиот престој во земјата беше прилично кратко, немавме воопшто време да видиме нешто освен што посетивме пар клубови вечерта пред „Т-фестивал“. Единствено што се сеќавам е дека беше едно од најзачадените места во кои што сум се нашол. Дали сите кај вас пушат цигари? Луѓето навистина беа гостољубиви и имавме пријатен прием од публиката.

Бруталните граѓански војни завземаа најголем дел од животот на Балканот од почетокот до средината на 90-тите години и западните медиумите ги покриваа овие настани со голема посветеност. Најпрво, како воопшто се најдовте на овој фестивал, ви се потврдија ли стравовите и имате ли такви сомнежи или можеби очекувања за претстојната свирка?
– Не ги паметам баш сите детали, но сигурен сум дека било како и за секој друг настап, односно сме добиле понуда од букинг агентот да дојдеме и да свириме. Секогаш сакаме да посетуваме нови места и да среќаваме нови луѓе. Немавме никакви стравови, секако, бевме свесни за турбулентната ситуација. Сега, пак, тоа што доаѓаме скоро 20 години подоцна е одлично чувство и се радуваме што ќе свириме на поинтимна локација и уште повеќе ќе се поврземе со луѓето.

Во тие сурови времња, вашата музика, особено пораките за „непостоење на поделби“, за потребата да се размислува и да се преиспитува „кралот“, како и љубовта за комедијата, сето ова, обезбедуваше утеха и инспирација за многу луѓе. Претпоставувам слушате слични приказни од сите страни на светот. Каква реакција создава ова на ваша страна – дали е премногу за издржување?
– Нè трогнува кога слушнеме приказни како нашата музика ги инспирира и им помага на луѓето во животот, во текот на лошите, но и на убавите времиња. Ние, исто така, сме обожаватели на музика и лично можеме да се поврземе со идејата дека музиката може да креира и да поттикне силни сеќавања и чувства. Верувам дека кога кој било бенд постои 24 или повеќе години тие можат да очекуваат такви конекции со луѓето. Не е пренападно, туку е чест и благослов за сите нас. Искрено го цениме тоа.

Покрај овие пораки, вашата музика отсекогаш поседувала и одредена леснотија преку која ја подвлекувате позитивната страна на животот, слично како што и Beastie Boys го правеа, особено во раните, но и во доцните години од кариерата. Не сте променети, толку може да се забележи, но како реалниот живот влијаеше на оваа страна на бендот и на секој од вас посебно?
– Вистината е дека се променивме во текот на овие 24 години, и како група, и како личности. Нашата порака за славење преку музика остана неизменета. Сè уште сме позитивни и сè уште уживаме во основното чувство дека музиката на која што сме потпишани може да ги зближи луѓето и тоа е моќно. Мислам дека „реалната страна“ на приказната е дека посветивме огромен дел од нашите животи за да опстои Dog Eat Dog. Во текот на последните неколку години можеме помалку да „работиме“ на групата и повеќе време да посветиме на себеси.

Ќе го посетите Скопје во рамки на турнејата со која што славите 20 години од издавањето на деби-албумот All Boro Kings. Од ваша перспектива, но и од таа на луѓето со кои често контактирате, со пријателите, со фановите, како издржа ова издание во битката со времето?
– Изгледа навистина добро, нашите обожаватели имаат омилени песни од сите изданија, но се чини дека општиот консензус е дека го обожуваат All Boro Kings. Имав проблем да го слушам тоа цеде поради квалитетот на звукот и вокалната изведба, кои се помалку „сурови“, но ги прифатив како такви и сега навистина уживам во плочата.

Play Games е вашиот втор албум на којшто ја покажавте својата понагласена поп-страна. За мене лично, тоа не беше екстремно, всушност, беше изведено прилично добро, но на многумина не им се допадна. Може да се каже и дека изданието како целина е поврамнотежено и сконцентрирано од претходникот. Како гледате вие на ова цеде?
– Како изведувач, како колектив, секогаш се обидуваш да откриваш нови територии. Без разлика дали се работи за звучни елементи, текстуални или за концепциски идеи. Ние сме група разновидни луѓе кои можат да понудат многу различни нешта. Успехот на All Boro Kings ни овозможи да сонуваме високо и да не плашиме да ги притиснеме работите уште повеќе на Play Games. Нема многу состави кои можат на иста плоча да ги стават и Dio и RZA од Wu Tang Clan и сето тоа да има логика. Целта не ја погодуваме секогаш, но никогаш не се плашиме да се испробаме.

По овие две остварувања дојде Amped и потоа Walk With Me што излезе во 2006 година. Како би ги опишал или споредил овие два албума во рамките на вашата дискографија – што се обидувавте да постигнете со обете заедно и со секој од нив засебно?
– Amped се случи во време што за нас беше навистина лудо. Проблеми со менаџмент, со издавачка куќа, толку ги имаше многу што беше убаво што можевме да се скриеме во студио. Продуцентот Italric беше навистина насочен кон детали, далеку повеќе од кој било друг со којшто сме работеле претходно. Лично, научив прилично за снимање и за изведба на вокали. Не беше лесно, но мислам дека направив огромен исчекор напред во споредба со претходните снимки. Помалку беше разочарувачки што дискот не излезе во вистинско светло и не стигна до луѓето бидејќи вложивме многу и чувствувавме дека тоа е нашата најдобра креација до тој момент. Од друга страна, Walk With Me беше целосно различен, имавме сосема мал притисок и бевме опуштени со енергијата и со атмосферата. Тоа беше најлесната плоча за правење бидејќи бевме толку релаксирани едни со други на креативен план. Скоро и да немаше проблеми со его или со карактери на луѓето. Другата добра работа беше што одржувавме концерти во текот на викендите, а снимавме за време на неделата поради што бевме на врвот на изведувачките можности. Кога ќе добиевме нова песна или идеја можевме да ја свириме во живо за да испробаме аранжмани или темпо пред да ја снимиме. Со оглед на тоа што сме група со огромна енергија на бина, сето тоа ни помогна во студиото. Имајќи го предвид процесот, продукцијата и севкупното достигнување, ова ми е омилен албум.

Само четири студиски албуми во 24-годишна кариера и навистина мал излезен резултат особено ако се знае дека Dog Eat Dog се бенд што често оди на турнеи. Која е причината за ова и во смисла на стил и звук, каде би сакале да се движите во иднина, што ве возбудува на музички план најмногу последниве години?
– Се согласувам. Пропативме поради невројатните проблеми со менаџментот (никогаш немавме вистински менаџер или здрав однос) како и издавачка куќа што се поклопува со бендот и со нашата мисија. Успеавме да живееме од извонредната лајв-репутација што ја изградивме преку изведби со висок квалитет на сите страни од светот. Никогаш не ги анализираме нештата претерано, која е поентата? Можеби малиот број албуми е главната причина поради која толку долго опстоивме? Како и да е, моментно немаме многу интерес да снимиме нова плоча. Најлошиот сегмент од кариерата на групата беше работењето со музичкиот бизнис. Да имаме нов договор или дури менаџмент нема да ги направи нештата баш забавни за нас, јас во тој случај не би ни сакал да го правам ова повеќе. Би можеле да снимаме во иднина, но засега, нема официјални планови. Лично, сакам да слушам дел од новите имиња што се појавија изминативе години, најмногу регетон, дабстеп и баунс бит. Експериментите и испробувањето нови нешта можам да го видам за нас бидејќи тоа е најинтересното при креирањето – значи дека се движите напред.

Разгледувајќи низ дел од неодамнешните концертни фотографии забележав дека мнозинството од фановите во „шутките“ се постари, а „клинците“ се малцинство. Ова изгледа е случај со доста од бендовите најпознати по нивниот успех во 90-тите. Како гледаш на новите генерации музички фанови кои растат со интернетот како нивна придобивка?
– Секако, не очекувам дека привлекуваме само тинејџерска публика. Немаме нов материјал и тешко е да примамиш група млади луѓе без притоа да им дадеш нешто што ним би им „припаѓало“. Забележувам дека помладите кои доаѓаат на нашите свирки навистина добро ја познаваат постарата музика и знаат многу за историјата на панкот, металот, кросоверот, рапот, било што – тие се свесни. Моето чувство за „даунлоуд“-генерацијата е оти нејзините припадници се поподложни на консумирање и веднаш продолжување понатаму. Опсегот на внимание е уште пократок на тие што имаат 20, во споредба со тие на 30 или на 40-годишна возраст. Луѓето кои ми се врсници сигурно се сеќаваат како купувале плочи и касети и како проучувале стихови и забелешки во албумските обвивки. Тогаш немаше толку информации или беше потешко да се дојде до пристап до изведувачите. Поголемата мистерија создаваше повеќе интерес и имагинација.

Во 1995 година освоивте награда на MTV за најдобар нов изведувач и притоа ги победивте Alanis Morrisette и Weezer кои беа номинирани во истата категорија. Во 90-тите години се појавија многу добри бендови – едни никогаш не застанаа, други се обединија, а не е мал бројот на тие што се растурија. Кое е најдоброто искуство со кое се здобивте преку долговечноста на Dog Eat Dog?
– Би рекол дека патувањето, можноста да посетувам места и да среќавам луѓе од сите страни на светот ми е омилено нешто. Личните врски и споделувањето на музиката беше извонредно. Можноста да ги развиваме нашите таленти и да ги споделуваме со светот е извонредно. Горд сум што ја делам сцената со моите браќа секоја вечер и среќни сме што има толку многу луѓе кои се грижат за нас и ни мислат добро.

Слични написи

Остави коментар