Дивизија – Втора шанса [Шурикен, 2014]

Суштински, во коренот, рапот е локална работа. Маалска, улична, дворо-школска или зградо-влезна. Во ера кога Кимје се распостила на секоја хартиена и онлајн насловна страница, кога Дре за три милијарди долари ја продава својата фирма за „дизајнерски слушалки“ (мхм, секако, еве „Зенхајзер“ се пали масовно) и The Roots имаат вечерна свирка на дневна база кај Џими Фалон, тешка иронија е да се потсетува оти хип-хопот „доаѓа од населбата“. Ама така е – тие што без пресметливост пишуваат и испукуваат рими и ритми тоа го прават најверодостојно за она што им е најблизу, во кое што се пронаоѓаат и од кое што константно учат. Да не беше битно, мултимилионери немаше истото да го глумат иако се провидни како квазибарокна фасада на „Скопје 2014“. За среќа, на ниво непознато за суперстар-уредниците од спалната соба, овој тип израз сè уште гази упорно, а во него неодамна се покажаа и струмичаните „Дивизија“.

Погоре, она „локално“, бездруго, не е само извртено парче од силеџиската појава што се опишува со терминот „локалпатриотизам“. Кога е рапот во прашање, тука се мисли на претопување во креативност на она што најдобро го познаваш, што си го преживеал во прво лице и кое што се надеваш дека ќе го искусиш. Како и секаде и во секоја форма на уметничка-ентертејнмент експресија, така и кај нас почесто налетуваме на ситните приказни од покрупните средини, а микро-судбините од помалите места можеби не ги забораваме, но до нив не ни стигнуваме. „Втора шанса“ ја разбива предрасудата или, пак, наметнатата прва асоцијација дека Струмица е само провинцски рај за „чушки и френки“, но не е и локација каде што би вирееле чисто асфалтно-бетонски урбани дела. Колективот основан во 2003 година покажува оти продукциско-рецитирачките лекции излезени од улиците на Бронкс и Харлем се учат каде било, а „потеклото“ е неважно.

Новото издание на „Дивизија“ потсетува оти, колку и да се обидуваат сосила на глава да ни натиснат розови очила, во Македонија животот е воглавно мачен и тмурен без разлика дали си сместен во северот што паѓа во транс на архитектонски фејслифтинг или во југот, истокот или во западот заборавени во буџетското дивеење. Политика, much? Да, нормално, но не партиска, не клановска, туку индивидуална и човечка. Тие на албумот се преточени во изблик на креативноста за која членовите се прашуваат – како и сите што на ова парче земја се занимаваат со нешто слично – дали се работи за проклетство или за дарба. Тука се и чувството на скитништво или дека си Марсовец во сопствениот град, сомнежите дали е подобро да се „остане или да се бега“, цензурата проширена како зараза и низа други егзистенцијални тестови низ кои што катадневно поминуваме. Ова, сепак, не значи дека сè на збирката е тмурно и очајно.

Ваквите сериозни и мачни теми се прошарани со стихови за вечна љубов, потомство, насмевки, искри и за нагонот засекогаш да се остане дете. Генерално, целиот пакет се приклучува на струјата на модерниот, авторски, МК-рап, која што продорно секцира сè што ни се случува, тоа го прави конфронтирачки, но не заборава на надежта, поттикот и на желбата да се биде инспиративен за слушателите. Ова најгласно (дури во мигови кога е тивко) се слуша во продукцијата, избраните винили и влијанијата кои опфаќаат сè од блуз преку соул до рок и џез. Како и кај Страјк, Гоце и Брус, евергрин-плочите од македонски изведувачи најефективно ги болдираат емоциите и ставовите во римите со што уште повеќе се зацврстува идејата оти токму тоа е формата на хип-хопот којшто е автентичен за ова поднебје. Колекцијата, секако, не е перфектна, пред сè, непотребно е долга што потоа се манифестира во делови кои помалку лутаат, а во одредени траки има и тематски репетиции. Ова се слабости што на следбеникот лесно се поправаат со посилна фокусираност и стегнатост, но тоа воопшто не е причина за отпишување на „Дивизија“. Сосема спротивно, составот со албумов си заслужи неколку, стоотстотни и издржани, а не само уште една, нова и провизорна – „втора шанса“.

Оцена: 75/100

Артист: Дивизија
Албум: Втора шанса
Датум на објава: 18 април 2014
Продуцент: Кискин
Етикета: Шурикен

Листа на песни:
1. Нашата приказна (Дивизија) – 2:01
2. За раперцките работи (Бандит и Страјк) – 3:07
3. Проклетство или дарба (Дивизија, Симеон Цонев, Танкица Ѓорѓиева) – 4:33
4. Скитници (Бандит и Кискин) – 3:10
5. Засекогаш деца (Киндер и Бандит) – 3:32
6. Вечна љубов (Бандит, Tha Titanium, Drazi Drags) – 2:31
7. Рапдеву (Бандит, Киндер, OkyDoky) – 3:06
8. Шпато (Кискин, Да Џака Накот) – 3:05
9. Сенки (Скептик, Кискин) – 2:44
10. Цензура (Tonyo San, Кискин) – 3:27
11. Последниот Марсовец (Киндер, Кискин, Chronic) – 3:42
12. Еден живот (Дивизија, OkyDoky) – 3:35
13. Од една до друга станица (Кискин) – 2:22
14. Автостоп (Кискин) – 2:32
15. Потомство (Кискин) – 3:09
16. Дијалекто наш (France) – 3:08
17. Хип-хоп, значи постојам (Бандит, OkyDoky) – 2:55
18. Насмевка (Tha Titanium, Кискин) – 2:30
19. Никој друг (Дивизија, Tha Titanium, Славе) – 4:50
20. Нашиот ден (Кискин, Chronic, Страјк) – 2:26
21. Втора шанса (Дивизија) – 3:56
22. Искра (Кискин, Гоце САФ, Страјк) – 2:31

Слични написи

Остави коментар