21/08/2017

Chk Chk Chk: Не арчиме премногу време навраќајќи се на минатото

Постирано на 19/05/2014 од во Интервју

Рокенролот одамна не е музика создадена исклучиво за уживање. Кога албуми од изведувачи со гитари и со минимална дисторзија в рака се оценуваат, се гледа колку се умни, оригинални, промислени, како проникнуваат низ актуелната политичка, економска и културолошка ситуација и дали сè тоа на куп држи вода или е подобро низ неа само да се пропушти. Ваквиот пристап, секако, е супер и со резултатите од него е фино кога можете да си ги размдрдате мозочните неврони, но нели е исто така „закон“ кога поради тоновите од слушалките или од звучниците добивате нагон да го тресете газот, да ги исчашувате колковите и да ги потекувате табаните? Членовите на !!! ( едногласно изговарани Chk Chk Chk, ама може и поинаков крик да употребите) цела кариера се убедени во овој начин на израз и в петок во МКЦ на годинашниов „Здраво млади“ ќе дојдат и во живо да го демонстрираат. Еве што Ник Офер понуди како одговор на моите прашања пред настапот.

Претстојната изведба на фестивалот „Здраво млади“ на 23 мај во Скопје ќе биде концертно деби на !!! (Chk Chk Chk) пред македонската публика. Веројатно не го знаете ова или можеби промоторите веќе ви го кажале, но бендот има прилично посветени следбеници во земјава. Како реагирате кога ќе чуете дека за составот постои толкава страст толку далеку?
– Немав поим за оваа ситуација. Секогаш е возбудливо да мислиш дека луѓето ја сакаат нашата музика во земји што никогаш не сме ги посетиле.

Страста изгледа е атрибут којшто го носите со себе уште од основањето и нема навестувања дека бендот ќе го изгуби иако изолиран, овој квалитет не гарантира „бонус-поени“ во поглед на културолошко значење и влијание. Зошто овој аспект се потиснува, а „интелектуалната страна“ почесто е воздигнувана?
– Интелектуалната страна веројатно е повеќе почитувана бидејќи музиката е документирана од луѓе кои размислуваат со главата. Личностите кои уживаат во музиката бидејќи таа им го тресе газот не се вообичаено тие што за неа пишуваат. Тие обично се презафатени борејќи се со своите мамурлаци. Луѓето кои пишуваат за музиката се грижат што таа ги поттикнува да размислуваат. Немам проблем со ова. И јас уживам во музика за умот. Тоа само значи дека денс-музиката останува повеќе вкоренета во моментот, а токму таму музиката треба и да опстојува.

И покрај сето ова, Chk Chk Chk не покажува никакви намери за успорување, за насочување кон порезервиран или дури „кул само за да се биде кул“ пристап. По 18 години од формирањето бендот продолжува да распалува со сите – журкаџиски и бас – цилиндри без разлика на перцепцијата на јавноста. Поради што е вредно да се гази цврсто по оваа патека?
– Никогаш не сум нашол нешто што ме исполнува на начин како што тоа го прави музиката. Ако постоеше друга забавна работа за правење, со неа ќе се занимавав. Обожувам да читам, но тоа не ме опседнува како музиката. Затоа не верувам дека книга ќе напишам толку добро како што би направил албум.

Во минатата година излезе THR!!!ER, вашиот петти студиски албум, што го дели името со иконската лонгплејка на Мајкл Џексон од 1982 година. Зошто токму ова име, особено ако ги знаевте „опасностите“ што доаѓаат со споредбите и со асоцијациите?
– Опасности?! Ние сме дел од школата на размислување што најдобро може да се опише со реченицата „нека кршат глава ако не можат да прифатат шега“.

Многу или можеби мнозиството од фановите, како и голем дел од критичарите, рекоа дека вашата последна плоча е силно враќање во форма по Strange Weather, Isn’t It? од 2010 година. Од ваша гледна точка, зошто мислите дека ставовите на ваков начин се променија и во ист контекст, зошто третото цеде не беше прифатено со ист ентузијазам?
– Не знам, тоа беше едно од најчудните искуства во животот. Снимив плоча која што многу ми значеше за потоа да откријам дека на луѓето не им е битна на начин на којшто нам ни беше. Бевме убедени дека се туркаме себеси кон нешто ново, но од денешна перспектива, можеби стварите на тоа издание можеа да бидат подобри. Сепак, сè уште ја сакам, но дефинитивно многу повеќе го сакам THR!!!ER. И искрено, никогаш немаше да создадеме материјал возбудлив како последниот доколку не кикснавме со Strange Weather.

Од друга страна, Pitchfork во својата рецензија напиша: „И покрај сите очигледни задоволства во Thr!!!er, обвивката, која што нужно е посветена на логото со трите извичници, е најхрабрата идеја, што ја прави плочата исклучително скромна во споредба со поп-споменикот според којшто е именувана“. Што велите на ова?
– Кој ги ебе!

Chk Chk Chk беа едни од предводниците на американското денс-панк-движење што се појави на почетокот на новиот милениум. Дел од современиците од оваа сцена се растурија, други променија правец, што вас веќе извесно време ве прави знаменосци. Добропознато е дека музиката е циклична, но поради што ова конкретно движење изгуби сила?
– Сите музички движења бледнеат. Денс-панкот си го кажа своето. Мислам дека постоеше толку долго колку што заслужуваше.

Повеќето, ако не и сите ваши песни, се креирани исклучиво за танцување. Вашето чувство за грув е безгрешно. Имајќи предвид дека сте состав сериозно посветен на лајв-перформансите на сите страни од светот, како и од каде црпите инспирација за континуирано денсање ако се знае дека секоја вечер ги свирите речиси истите песни?
– Сè е во интеракцијата со публиката. Искуството секоја вечер е различно токму поради луѓето присутни во салата. Не знам баш како сме способни и понатаму да го правиме ова и во исто време сè уште да го сакаме. Меѓутоа, веројатно работиме напорно за сет-листата да ја одржиме свежа. Новите песни дефинитивно се најзабавни за свирење.

Од луѓе што неколкупати ве гледале и од разгледување на Setlist.fm забележав дека скоро никогаш не ја свирите Bend Over Beethoven. Ова е целосно себично прашање, но бидејќи ми е една од омилените, морам да го поставам – зошто?
– И мене ми е една од омилените и не знам зошто не ја изведуваме. Имаме премногу нови песни за свирење и не сакаме да арчиме премногу време навраќајќи се на минатото. Никогаш не сум мислел дека тоа е основата на пост-панкот. Неговата суштина е движењето напред.

Тагови: , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>