20/06/2018

Helms Alee – Sleepwalking Sailors [Sargent House, 2014]

Постирано на 03/04/2014 од во Албуми, Музика

Во една од најдобрите серијализирани СФ-драми на сите времиња, извонредно потценетата Star Trek: Deep Space Nine, има раса позната под името changelings. Суштински, станува збор за метаморфи кои можат да се претворат во практично кој било облик што ќе го посакаат, што е клучен за да преживеат или со којшто би направиле исчекор во врховната мисија – покорување на познатата галаксија. Нивната основа е течна. Иако се индивидуи, тие се дел од басен или „конекција“ која што застрашува не само со големината туку и со величината на искуството, на знаењето и на моќта напластени низ милениумите присуство и еволуција во космосот. Знам, кревам премногу врева за ништо, ама токму овие мистериозни суштества некако се претворија во асоцијација за Sleepwalking Sailors, новиот албум на Helms Alee.

Причината за тоа е проста според физиономијата, а комплексна по срцевината. Најочигледна надворешна карактеристика на цедето е едноставната флуидност, но таа мами и мошне успешно сокрива дека под неа е собрана сложена лепеза од најразлични влијанија. Ова е тежок, грамаден, дисторзиран рок што често се граничи со метал, ама тој е поткрепен и информиран од сè што е возможно да се смести од хардкор преку електроника до поп. Последново се забележува и во дел од структурата, но доминантно е присутно во чувството и во потребата за вметнување мелодија не само во вокалите туку и во инструментите. Без разлика што ова, во основа, е хеви-концепт чиј што примарен мотив е да се наметне, да нападне и безрезервно да освои, сепак, истиот во голема мера знае и да разгали, да распее, а дури на моменти и да вознесе (драма, нели).

Фонијата, која буди слики на гитара што гневно се приближува до засилувачот, воведува во Pleasure Center која, прилично буквално, како и насловот, најпрво го скокотка со тапаните, а потоа со рифот го растресува центарот на задоволство. Слаџерското лице се покажува на Tumescence, што почнува мрсно и разбеснето, но набргу се истенчува со кршливиот женски глас. Обратен процес се случува на Pinniped, која е претежно „рефренска“ со мигови на агресија, додека Dangling Modifiers со галопирачкиот ритам ги вози акордите кои се вртат во круг пред да експлодираат во пост-рок финале. Алтернативата се прикрадува на Heavy Worm Burden, детонира нагласено металски, со монолог креира амбиент на параноја и се префрла на Crystal Gale која хорски го прекршува материјалот и дава интро на истакнато груверската, успорена и магнетна, транс-фрлачка New West.

Фрагилноста уште повеќе се истакнува на стартот и во гласовните размени на Fetus. Carcass., пред шестте жици, набилдани со бас и дисторзија, ударно да се растопотат во рефренот. Гитарите, со меѓусебно надополнување, старошколски ја навестуваат Slow Beef која тоне во амбиенталност, бликнува во нова тура од наизменични лидовски испади и кулминира во ѕид што се гради со бучава, а во заднина се врзува со питоми клавијатури. Роботиката сјае на Animatronic Bionic, а Dodge the Lightning ниту најмалку не покажува знаци дека ја избегнува туку ја прегрнува луњата и плочата ја затвора со тресок на молња. Претходно, и оваа трака е прошарана со облаци на симпатичност и ветрови на интимност што на сликовит начин потсетува дека Helms Alee на Sleepwalking Sailors натрупува планина од разновидни, а често и спротивни нагони и пориви, но сите вешто ги врамнотежува. Тие укажуваат оти го достигнале стадиумот на состав што умно управува со својот брод од идеи, а не лута како орда морнари-месечари.

Оцена: 85/100

Артист: Helms Alee
Албум: Sleepwalking Sailors
Датум на објава: 11 февруари 2014
Продуцент: Крис Комон
Издавач: Sargent House

Листа на песни:
1. Pleasure Center – 3:04
2. Tumescence – 2:46
3. Pinniped – 4:34
4. Dangling Modifiers – 3:17
5. Heavy Worm Burden – 3:34
6. Crystal Gale – 1:34
7. New West – 4:29
8. Fetus. Carcass. – 3:44
9. Slow Beef – 4:59
10. Animatronic Bionic – 2:00
11. Dodge the Lightning – 4:48

Тагови: , , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>