22/10/2017

Captain America: The Winter Soldier – Војник и во добро и во зло

Постирано на 11/04/2014 од во Филм

Паралелно со сè останато, моментно е модерно да се мрази Америка. И пожелно. Не е во прашање недопаѓање или одбивност туку зовриено „хејтање“. До одреден степен и во извесни случаи, кои не се така ретки, ова има логика. Иако, нели, прашање е каде е рационалноста во носење таква пизма за цела држава, згора на тоа оддалечена 7.500 километри од најблиското маало, но тоа се премногу детали во свет сè повеќе зависен од острата, црно-бела, поделба на опстојувањето. А и онака, навистина е тешко да се сака најголемиот, најсилниот и најснаодливиот „снагатор“ во околината, а камо ли на планетарно ниво. Освен во случај кога истиот тој Џекил и Хајд – понекогаш силеџија, понекогаш спасител – пропагира, практикува, но и фреквентно прекршува, вредности кон кои безмалку секој би можел да се стреми. Тогаш вистински одговор не постои, а контрадикторноста – експлодира.

При овој распоред на случувањата, набилдан супервојник во темносин костим со бела ѕвезда распослана на градите веројатно е последното нешто кое би го одобрувале и за кое би навивале. Вториот дел на марвеловскиот Captain America, чиј поднаслов е The Winter Soldier, сепак, исклучително ја отежнува решителноста, која полека преминува во автоматизам, грлато да се пеат химни против Соединетите Држави и сите нејзини симболи. Секако, барем додека го гледате филмот. Приказната, поткованоста со која таа е раскажана, интелигентната акција, референците од постари култни дела, заедно со алегорискиот осврт на дел од горливите општествени теми од сегашноста, дури и откако сте минале низ двочасовната авантура, не дозволуваат веднаш да го отфрлите ова издание како ново поглавје во пропагандата на Холивуд и воено-индустрискиот комплекс. Зашто, без разлика колку и да поседува такви елементи, ова е значително повеќе од памфлет-проект за регрутација.

Што се однесува до надворешниот изглед и првичната намена, Капетан Америка не се разликува премногу од историскиот Чичко Сем. Токму тој патриотски кожурец, што во првото кино-остварување The First Avenger беше делумно поистакнат, многумина би ги оттргнал од ликот и од сè со него поврзано. Со ладна глава гледано, пак, овој аспект е само сегмент – и тоа мал – во поголемата палета од која е извајан карактерот. Како и сè што во суперхеројскиот филмски медиум се промени по ревитализацијата на Бетмен низ рацете на Кристофер Нолан, така и Стив Роџерс, прво на режисерот Џо Џонстон, а сега на браќата Ентони и Џо Русо, повеќе е приказ за интерната битка на хуманоста и уверувањата со суровата стварност отколку мистичен лавиринт за нечија натприродна моќ. Очекувано, тематскиот фундамент на The Winter Soldier е грандиозен. Не е епски во фазонот на Game of Thrones ниту симпатично мегаломански како кај Iron Man туку со огромна широчина на екранот го обработува односот слобода – сигурност.

Роџерс, одлично одигран од Крис Еванс, е извонредно податлив лик за илустрирање на противречностите кои ова прилично старо прашање ги создава. Во совремието, низата што стартува со The Patriot Act, а која во светот на подвижните слики така живописно прв ја пренесе Џек Бауер, е обработена повеќепати, но сценаристите на новиот „Кеп“ умно ја насочиле кон масовното прислушкување од агенции како НСА кое во филмот го прави работодавецот на носечкиот јунак, S.H.I.E.L.D. Со оглед на тоа што припаѓа на највеличенствената генерација, Стив е идеалист кој под слобода подразбира токму тоа – слобода без компромиси, превиткувања и прилагодувања. Негов контраст е Ник Фјури, фраерски ефективно пренесен од Семјуел Л. Џексон, кој е брутален реалист и смета дека откажувањата и жртвите се нужни за општествената целина да може мирно да се развива. Тоа и Џорџ Х.В. Буш го тврдеше, а сега и заштитниците на PRISM, но за закоравениот антинацист Роџерс ваквите релативизации се невозможни.

Без да продолжам во детали за да избегнам „спојлери“ ќе додадам само оти и The Black Widow е значаен карактер поради, од една страна, сопственото моделирање на етиката и моралот, а од друга, новоосознаениот нагон и потреба да биде битие поеволуирано од вообичаен платен убиец кој (сега) работи за добрите типци. И само ова мини-чепкање на заплетот е доволно за да се констатира дека Captain America: The Winter Soldier не е типичен суперхеројски филм туку е некаде на половина пат меѓу овој и трилер-жанрот специфичен за 70-тите години и за ерата на Ричард Никсон. На овој план, ангажманот на Роберт Редфорд како некаков глобален премиер потсетува на елегантно завртување последен шраф во мајсторски подмачкана машина. Кадарот на неговото влегување во дејствието – панорама што успорено го покажува хотелот „Вотергејт“ кој е клучен во задолжителниот All the President’s Men – е една од неколкуте закон-референци.

Тие не се само фановски туку и образовни – и од страната на режисерите кои гордо се поврзуваат со своите учители, но и кон погледот на публиката, која ако тоа досега не го направила, треба на овие дела да се осврне. Следно оддавање почит што е вредно за истакнување е цитатот (перфектно ископиран од Скарлет Јохансон) од WarGames со којшто, всушност, во петта брзина се префрла и напнатиот расплет на комплексната приказна. Со него, исто така, се потврдува духот на Советскиот Сојуз и шпионските периперии од Студената Војна кои ликовите ги носат во матното подземје на тајните агенти наместо круто да ги заглават во светкавата димензија на нескршливите јунаци. При одмотувањето на примарното „досие“ на приказната акцијата достигнува оперски величини, а индивидуалните фајт-сцени уште од старт грабнуваат со свежината. Кунг-футо се чини стана најмодерниот курс меѓу маскираните „крстоносци“, ама „Кеп“ не делува оти се повторува туку дека се надградува себеси во споредба со првиот дел.

Сцените што вбризгуваат адреналин низ очите и ушите на кино-посетителите (звукот, а и музиката на Хенри Џекмен громогласно сè надополнуваат) потсетуваат оти, пред сè, ова е визуелна вртелешка наменета за масовна употреба, а не за арт-пребирливците. И да е само такво – потпрено на возбудливи кореографии и на балет со боречки вештини – ова остварување нема да се распадне, но исчекорот што авторите го прават на тематски и на сценаристички план го издигнува до ниво на интелигентна поп-култура. Покрај сè останато што набројав, а го потврдува ова (има и уште, ама да оставам нешто и од свој агол да извлечете) симболизмот на филмот е скриен на најистурено место, пред очите на јавноста – во насловот. Од една страна, тој е шифра за негативецот, а од друга, со него се укажува на истражувањето на злосторствата од Виетнамската војна отпочнато не од властите, туку од самите војници кои се вратиле од фронтот.

Терминот „Зимски војник“ има основа во писанието на револуционерниот филозоф од САД – кои тогаш биле во формирање – Томас Пејн. Тој подвлекол дека во времиња на големи кризи, некои луѓе, кои ги нарекува the summer soldier and the sunshine patriot, ќе се повлечат од службата на својата земја. Слично на тоа, кога се вратиле од џунглите во Индокина, стотина униформирани лица, кои веќе биле измачени од непотребниот и долг конфликт, рекле дека можеле да бидат мирни, да молчат, но решиле да зборуваат бидејќи, според нив, злоделата што нивните соборци ги извршиле се вистинска закана, а не комунистите и нивните симпатизери. Така и Капетан Америка можеше, во име на колективната безбедност, да го сврти погледот за злоупотребата на агенцијата на која што ѝ припаѓа, меѓутоа, тој реши комплетно да ја разоткрие и да ја закачи на интернет. Не одам дотаму и да тврдам оти „Кеп“ е алузија на Едвард Сноуден, ама S.H.I.E.L.D. во филмот прикажува премногу сличности со NSA за оваа паралела да се игнорира дури и на најминимално ниво, како темел за инспирација. А тоа може да значи само едно: дека Captain America, всушност, е The Winter Soldier. Или ако сакате крајно слободен превод – војник и во добро и во зло.

Оцена: 85/100

Наслов: Captain America: The Winter Soldier [„Капетан Америка: Зимски војник“, официјален превод]
Премиера: 4 април 2014 (Скопје) / 04.04.2014 (САД)
Режија: Ентони и Џо Русо
Улоги: Крис Еванс, Скарлет Јохансон, Себастијан Стен
Продуцент: Кевин Фиџ
Сценарио: Кристифер Маркус, Стивен Мекфили
Музика: Хенри Џекмен
Кинематографија: Трент Опалох
Студио: Marvel
Дистрибуција: Walt Disney Studios

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>