Две децении подоцна: Soundgarden – Superunknown [A&M, 1994]

Слатката точка – знам што помисливте, ама не, таа со латинско „ге“ е сосема друга – на англиски е позната како sweet spot. Фразата често се употребува во филмови, голема е веројатноста за неа да сте слушнале. Тоа што можеби е помалку јасно е оти се работи за спортски термин. Суштински, под него се подразбира место во кое што мешавина од фактори носи максимален резултат за конкретен напор. Тенис, бејзбол, сквош, крикет и други слични активности, што вклучуваат мали топчиња и поголеми палки (со или без мрежа) се причина што овој идиом постои, меѓутоа, тој веќе подолго време се користи и за скоро сè останато од животот и од стварноста. А зошто да не е така кога со спојот на овие два збора се објаснува момент во којшто огромен број елементи, околности и чиста среќа се преклопуваат безмалку перфектно.

Како и зошто тоа се случува не е баш лесно за дефинирање, ама со невидена леснотија се заклучува оти се работи за специјална, посебна, состојба што можеби, а и најчесто, не се повторува. Таа слатка точка во кариерата на Soundgarden е Superunknown, албум што на 8 март го одбележа 20 роденден, но секое слушање доведува до констатацијата дека излегол минатиот месец, односно оти речиси и да не изгубил од фантастичноста. Кога сиетловскиот бенд го објави дискот помина деценија од неговото основање. Тие зад себе имаа не којзнае колку сјајно деби (Ultramega OK, 1988), ги изострија идеите на Louder Than Love во 1989, а ѓаволски се доближија до врвната креативна рамнотежа, иако значително наклонета кон хеви-влијанијата со Badmotorfinger од 1991 година. На четвртата лонгплејка, пак, ја прикажаа генијалноста што дотогаш гласно ја навестуваа.

Компонирање: Ако се погледне еволуцијата на Soundgarden од стартот во 1984 година до објавата на третиот студиски албум во 1991-ва лесно се забележува оти во прашање е бенд со цврски, длабоки, корени на сиетловската сцена, но со исто толку јака врска со историјата на хевиметалот. Никогаш не биле ретро опортунисти или носталгичари без усул туку образовани почитувачи на темелите кои ги надградувале низ лична призма. И покрај разновидните елементи, кои беа многубројни, на првото студиско тројство тие, сепак, газеа по јасна, фино дефинирана, патека што на Badmotorfinger ја истенчија до крајните лимити. На Superunknown се случи обратното – групата ги замати своите влијанија, отвори простор за нови и генерално ги прошири видиците. Тоа резултира со засебни песни и збиена целина каква што групата, ниту до таа точка, а ниту по неа, не успеа да напише и издаде (а и не мора оти ремек-дела и онака се раритет).

Нечистотијата, суровоста, бунтот против шминката од 80-тите години, кои што беа во ср’жта на правецот популаризиран во сојузната држава Вашингтон, тука се највидливи и го прават цедето – барем формално – најгранџерско во развојот на составот. Ако, пак, ги тргнеме настрана нужните жанровски класификации ова е полнокрвен рокенрол со месо од дисторзија и крв од мелодија уникатно толкуван од четири индивидуалци со врвна креативност. Колку што има феноменални рифови на Let Me Drown, насловната трака, Spoonman (која има седум-четвртински ритам) и на Fresh Tendrils збирката има и популарно заразни рефрени на My Wave, Fell on Black Days и на Black Hole Sun. Тука е и бавната, слаџерска, морничавост на Mailman, Limo Wreck и на 4th of July. Стоунерот добива балада-форма на Head Down и на Like Suicide (со „интрото“ Half), панкот врие на Kickstand, а The Day I Tried to Live се издигнува во сопствена, епска, категорија.

Времетраењето подолго од еден час, исполнето со 15 песни просечно долги околу пет минути, првенствено зборува за величината на севкупниот албумски пристап, а потоа и за самоувереноста на бендот во изложените идеи и решенија. Изместениот фокус, што се отсликува во задоволувањето на авторското его и во одбивањето на потписниците да се кратат себеси, најчесто е причина за дебакл при волку долги остварувања, но тука не се добива впечаток на развлеченост, излишност и на претеризам. Траките, мајсторски, ем се доволно стегнати ем се соодветно оставени да дишат. Тие не се избрусени како со бездушна, хируршки прецизна, машина туку се забележува дека човечка рака и ум вешто ги обработиле. Исто така, композициите зрачат со чувство за големи широчини и за масивни простори, но не се оставени да лутаат до недоглед. Рамнотежата, како и секогаш, а особено кај ваквите добро „начитани“ изданија, е пресудна, а Soundgarden ја потрефува и во индивидуалните елементи и во колективното пакување.

Продукција: Без разлика што никогаш не биле опсесивно студиски бенд, односно што секое остварување им било прогонето од бучниот дух на нивниот концертен настап, до Badmotorfinger звукот, едноставно, бараше да биде помонолитен наместо погруб. Тоа е драстично променето на Superunknown и мајсторски го надополнува авторскиот скок во подлабоки води и поразнобојни гребени. Ако рабовите на претходникот од 1991 година беа поизмазнети (не и исполирани) овие на следбеникот се рапави, крчат и чкрипат, ја наежуваат кожата со гаражно гранџерската веродостојност. Несомнено, не се работи за „стив-албиновско“, In Utero, тип на аудио-ѕверство, ама необработеноста и органскиот филинг нагласено се забележуваат. Продукцијата, секако, не е ѕвездата на колекцијата туку е нејзината извонредно светла страна што дополнително го изострува сјаењето на најбитните албумски, ама и небесни, тела – песните.

Изведба: Сиетловските формации од крајот на 80-тите и од почетокот на 90-тите имаа полно карактеристики што беше нужно целиот свет да ги слушне и види – од став на панкери до изглед на клошари. Меѓу нив, без разлика на фановските преференци за тоа која група во која стилска насока повеќе влече, се чини дека најзаедничка им беше што обожуваа да свират во живо. Дури и најочајните во ова друштво успеваа да се извадат со чистината на енергијата. Мнозинството, сепак, барем колку што може да се заклучи од замаглени ВХС-снимки, растураше со инструментите и со меѓусебната интеракција. На ова поле, чисто технички, Soundgarden веројатно беа најпоткованите. Можеби како резултат на нескриениот (и непатетичен и неклоновски) Led Zeppelin постамент врз кој што сè свое понатаму изградија тие растураа на лајв-теренот.

Ако на музиката гледаме како на математика тогаш бендот на Badmotorfinger примени поимпресивни трикови, но доколку ја сметаме за мешавина од вештина и уметност, на овие 15 песни членовите на групата се кунг-фу-мајстори. На авторски план, бидејќи е соло-автор на седум траки (плус две заедно со Ким Таил), Крис Корнел е најистакнат, ама и вокално е високо над просекот. Гитаристот е тој што од прсти, рамо и од р’бет ја цеди и во рифовите ја инјектира замаглено анималната енергија. Басот на Бен Шепард и тапаните на Мет Камерон често се потценети, меѓутоа, овде не може да се избегне длабочината на грувот што тие го ископуваат во ритамот како катакомби под Рим. Над сето ова, пак, се прибраноста, сконцентрираноста и на моменти, чистата економија на тонот кои се распослани од старт до финиш. Поради ова, сè звучи како да е поставено на вистинското место.

Стихови: Имајќи предвид оти е излезен од Сиетл на самиот раб од првата половина на 90-тите, не е тешко да се претпостави дека Superunknown обработува мрачни теми. Тоа е и случај со изданието, но како и на претходниците, овде не е во прашање нихилизмот на Курт Кобејн или самосвесното давење во калта на Лејн Стејли туку станува збор за стихови исполнети со психоделични слики, лавиринтски симболизам и конфронтација со светот на индиректен начин. Албумот почнува со безизлезна ситуација на давење, а завршува со опис на љубовта како самоубиство. Помеѓу, најцрното расположение што можете да ги со замислите добива химна, надреалните ментални трипови оживуваат, а славата удира во глава дури откако ќе се здроби лимузината. Генерално, нема којзнае колку простор за оптимизам откорнат од цветни полиња, но не може да се тврди дека бендот не се обидува да живее, макар тоа било и за еден, единствен, ден.

Севкупно: Само по себе, авторски и свирачки, изданиево недвосмислено обезбедува место во врвот на гранџ-листата и осигурува висока позиција меѓу најистакнатите во 90-тите. Кога на тоа ќе се додаде амбициозноста, величината и видливата храброст да снимат 70-минутен албум со 15 песни во време на панкерски бунтовна штедливост и згора на тоа – да им успее – тогаш Soundgarden со Superunknown ги надминува речиси сите ограничувања што доаѓаат со припадноста на сцена, ера и период од музичката историја. Поради тоа, но и како резултат на рифовите, мелодиите и севкупната матно-воздигнувачка атмосфера, материјалот и во иднина ќе биде сè, само не супернепознат.

Оцена: 100/100

Артист: Soundgarden
Албум: Superunknown
Датум на објава: 8 Март 1994
Продуцент: Мајкл Беинхорн и Soundgarden
Издавач: A&M

Листа на песни:
1. Let Me Drown – 3:51
2. My Wave – 5:12
3. Fell on Black Days – 4:42
4. Mailman – 4:25
5. Superunknown – 5:06
6. Head Down – 6:08
7. Black Hole Sun – 5:18
8. Spoonman – 4:06
9. Limo Wreck – 5:47
10. The Day I Tried to Live – 5:19
11. Kickstand – 1:34
12. Fresh Tendrils – 4:16
13. 4th of July – 5:08
14. Half – 2:14
15. Like Suicide – 7:01

Слични написи

Остави коментар