Neneh Cherry – Blank Project [Smalltown Supersound, 2014]

Научно-фантастичните, пред сè, дистописките филмови од 80-тите години, од Blade Runner преку Mad Max до Robocop, промашија спектакуларно во многу аспекти од тогашната иднина, а наша сегашност. Стопроценти, пак, ја погодија пребукираноста со информации што секојдневно нараснува и никако не успева да го допре плафонот. Доминантен е сојузот на поборници и бранители на сè од смартфони до социјални мрежи поради нивната наводна моќ за продлабочување на интерчовечката комуникација. Не се малку, всушност, стануваат се побројни, тие што се убедени оти сето ова тепих-бомбардирање со вести, квазидострели и вештачки маалски фаци претворени во аристократија на реалната телевизија нè прави парализирани и бесчувствителни.

Некако е особено природно што во ваквата констелација Нене Чери се враќа со прво студиско соло-издание по 18 години и тоа е планински масив издигнат до восхитувачки височини благодарение на штедливоста, некомпликуваноста и на базичната хуманост. Ние несомнено сме комплексни суштества за кои животен век, а камо ли блог-пост, не е доволен да се „објаснат“, меѓутоа, потребите ни се, генерално, прости (не простачки иако и такви има во изобилство). Здравје, среќа, значење и уште по нешто и повеќето од нас би биле сосема задоволни на излезот. Денес, поради извештачените критериуми кои наложуваат сè и секој да биде револуционер, генијалец и совршен Фејсбук-портрет, рамнотежата помеѓу овие опипливи карактеристики попрво се исмева отколку што се сонува.

Затоа Blank Project звучи и влева силно чувство на спротивставеност на таквата посакувана фејк-надуваност. Со оглед на сеприсутноста, ова е огромна вода за лесно препливување, но смирувачкиот вокал на Чери уште од Across the Water укажува оти албумот може тоа да го изведе. Тука помага и минималистичката, ама топла, жива и непосредна продукција на Four Tet. Воглавно, материјалот е ритмички, ориентиран кон разгорена перкусија и бас што го поместува тлото, ама има и композиции кои гравитираат кон повлеченоста и меланхолијата. На првата линија се фестивалски-подиумската насловна трака, стопено железната Naked, брејкбитовски лебдечката Weightless, џезерската Cynical и поп-хитовски, но на некој фриковски „хаус-рок“ начин, Out of the Black.

Во другата, поинтровертна, лента се Spit Three Times, 422 и Everything кои што не ја испуштаат рудиментарноста, меѓутоа, ја интерпретираат со елементи како развеано ехо, придушени ѕвонци или бесконечни клавијатури. Сврзник на овие две, најопшто кажано, струи на збирката е гласот на авторката. Во него, дури и кога е разлетан на сцената, се содржани и замисленоста, сочувствителноста и индивидуалната спиритуалност (јасно, малку се отштекав, ама 49-годишната Швеѓанка пее како да проповеда). И обратно, кога вокалот е свртен кон себе, односно кон неговата „сопственичка“ тој не емитува безизлезност и очај туку крева со ненадејна побуда за сè од обично станување од кревет до прониклива креативност. Таква е и Нене Чери на камбек-плочата. Таа ја лови човечноста со свои, голи, раце (и жици во грло) и ја распостила пред јавноста без какво било натурање и сетилна преоптовареност. Албумот можеби се вика Blank Project и сигурно најдобро се искусува ако умот најпрво го испразните од депонијата што катадневно ја трупаме, но тој бездруго ве остава како целосна спротивност на „табула раса“.

Оцена: 82/100

Артист: Neneh Cherry
Албум: Blank Project
Датум на објава: 25 февруари 2014
Продуцент: Four Tet
Издавач: Smalltown Supersound

Листа на песни:
1. Across the Water – 3:28
2. Blank Project – 4:05
3. Naked – 3:57
4. Spit Three Times – 4:18
5. Weightless – 5:46
6. Cynical – 4:10
7. 422 – 5:21
8. Out of the Black (feat. Robyn) – 5:15
9. Dossier – 5:12
10. Everything – 7:20

Слични написи

Остави коментар