GridLink – Longhena [Handshake Inc., 2014]

Флиперите се феноменална појдовна точка за опис на искуството што се таложи од слушањето на последното издание во кариерата на GridLink и првото со коешто (задоцнето) ги открив. Додуша, останувам цврсто уверен дека нема прерано или прекасно запознавање со бенд, солист или албум, туку само вистинско. Тоа, сепак, е друг, подолг, муабет. Да се вратам назад на џоистикот, копчињата во црвена, жолта и зелена боја, ситните парички и влажните гаражи претворени во центар на универзумот на три-четири пост-берлински-ѕид генерации. Дрвените кутии, на кои трепкаа логоата од „Конами“ или „Сега“, не поседуваа зашеметувачка графика, замрсен заплет и удобност на домашниот тросед, ама беа проколнато игриви. Најчесто, трикот беше што побрзо да ги стискаш тастерите за да го здробиш „главниот“. Под површината, сè тоа беше овозможено од струјни кола, чипови и човечка пот.

Така и Longhena. Однадвор, ова е албум од молскавични, ѕверски, хаотични и неразбирливи 14 песни сместени во одвај 21 минута и 30 секунди, а одвнатре се разоткрива како детално осмислено, вешто реализирано и емотивно длабоко остварување. Да, во прашање е можеби најнасилната интерпретација на базичниот популарен рокенрол – грајндкорот – ама таа не е ниту плитка, ниту празноглава, ниту кратковида. Експлозивноста и рафалноста на комплетната колекција наликува на требењето чудни вонземјани преку уништување мала кружна пластика со показалецот, меѓутоа, под сето ова интелигентно се распоредени тотално човечки дилеми, ставови и чувства. Не е баш типично во така насилно пакување да се компресираат емоции во стихови кои можат да се опишат само како интелигентна и писмена поезија, но GridLink го прави токму тоа – ги предизвикува нашите прираснати предрасуди.

Формата што за ова ја избрале е фасицнантна. Таа ја става личноста на особено измачувачки тест и на физички и на психички план и тоа го прави двонасочно – и кај авторите и кај слушателите. Најпрво, сè што е снимено на Longhena бара талент во прсти, кондиција во раце и нозе и издржливост на гласни жици, како и вештина ова да се канализира во конкретни рифови, мелодии, ритми и вокално тероризирање. Некои достигнуваат повисоки стадиуми на свесност медитирајќи до бескрај, а други, како GridLink, тоа го остваруваат притискајќи го телото до научно-фантастични нивоа на свирачка брзина и инструментална заплетканост. Поради овие фактори катарзата не е само загарантирана туку се појавува како најприродно можен резултат. Врвниот успех е што прочистувањето се одвива со дивјаштво кое звучи ултрапримитивно, а всушност, е извонредно паметно.

Тоа особено се забележува на слушалки. Бруталноста не навестува такво нешто (зошто воопшто доброволно да се подлегнете на оваа тортура, а згора на сè, тоа да го изведете директно на уши) но баш од таа „непосредна близина“ стануваат јасни интригантноста на рифовите, математичките равенки во ритмите и целото ѕидање на различните стилски и атмосферски елементи. Јапонските видеоигри се рамката во која што функционира светот на колекцијата, ама на емотивно и на идејно ниво, стиховите воглавно се занимаваат со загубата и што следува по нејзиното манифестирање. Сурови и крвави, тие прикажуваат врска со ликови како Едгар Алан По и Шарл Бодлер, со манга-стриповите и со концизноста што е нужна во грајндот и во неговите композиции, кои до најекстремен степен се ослободени од вишоци, а во вистински момент се нијансирани со оркестрални сегменти, амбиентални парчиња и нагли празнини измерени во милисекунди. Не верувам дека GridLink го креирале Longhena како посвета на италијанскиот архитект со исто презиме како насловот, но албумот содржи сличен степен на монументалност. Разликата е што на дискот таа не е распослана во барок туку е збиена во генијален, суров и флиперски, аудиопроцес на воспоставување душевна рамнотежа.

Оцена: 85/100

Артист: GridLink
Албум: Longhena
Датум на објава: 19 февруари 2014
Продуцент: Џон Ченг
Издавач: Handshake Inc.

Листа на песни:
1. Constant Autumn – 2:01
2. The Last Raven – 1:37
3. Thirst Watcher – 2:16
4. Stay Without Me – 0:49
5. Taibas – 1:19
6. Retract Perdition – 0:41
7. The Dodonpachi – 1:54
8. Black Prairie – 1:08
9. Island Sun – 2:28
10. Chalk Maple – 1:04
11. Wartime Exception Law 205 – 0:29
12. Ketsui – 1:00
13. Longhena – 1:25
14. Look to Windward – 3:11

Слични написи

Остави коментар