Beck – Morning Phase [Capitol, 2014]

Вниманието што одредени музичари го привлекуваат со една, единствена, песна отпрвин е добредојден благослов што набргу прераснува во очај од којшто спас не носи ниту чај од Баба Рада. Особено во земја како Македонија, каде што не е во прашање лично согледување според кое само ти се чини оти застанало, туку времето инаетливо заостанува. Во такви услови изолиран мегахит автоматски се претвора во вечна дефиниција без разлика што минале две или три децении од мигот кога изведувачот тотално неочекувано со него се прославил. Изделкано од површината на скалпот отскокнуваат два примера – генерално, на најопшто ниво, симбол за Radiohead сè уште е Creep, а Loser и понатаму е магнум-опус на Beck и покрај тоа што обете имиња веднаш по овие теми одново се „измислија себеси“ и продолжуваат да го прават истото до денес.

Ваквата неблагодарна перцепција е нагласено применилва за Бек Дејвид Кембел кој по крахот на гранџот во средината на 90-тите се издвои и се задржа во врвот на најхрабрите и највозбудливите кантавтори, но барем на локално-регионално ниво, сè уште е најпрепознатлив по химната на мрзеливоста. Контекстот што во овие редови го истакнувам за некого сигурно е излишен, ама сметам оти е важен бидејќи како резултат на овдешната болна заглавеност во минатиот век и новиот албум на Beck, етеричниот Morning Phase, ќе испари во бескрајните муабети за тоа колку „боља беше порано музиката“. Ако сакаме, ако доволно се напнеме, и во оваа фраза ќе си ја најдеме вистината, ама таа не вреди ниту петпари ставена на вага со дело што е свежо, актуелно, кое го отсликува уметникот во овој миг, а не во ера што не е заборавена, туку е претворена во слабо, неприметно, ехо.

Моментно или веројатно највистинито, изминативе година-две, Beck очигледно е во стадиум на реоценување, самопреиспитување и премерување на носечките столбови на инспирацијата, креацијата и на егзистенцијата. Трансферот на оваа ментална и физичка состојба од ум на друм (цеде, плоча и емпетри, де) најверно и најлесно оди со ултрауспорен звук којшто иако е супермеланхоличен, сепак, не го влече слушателот кон дното. Некако не звучи логично, но така е, траките на Morning Phase не тегнат сосила туку топло, хумано, повикуваат на емпатија. Со оглед на пишувачкиот и на снимачкиот квалитет, како и на емотивноста во која не се забележуваат обиди за криење, состојбата на сочувство доброволно се остварува. Поради овој огромен влог на Хансен, кој непобитно не се штедел во процесот на создавање, меѓу албумот и восприемачот се гради цврста доверба.

Оваа увереност значи оти дискот и слушателот ќе се разберат, ќе се пронајдат на иста фреквенција, меѓутоа, првиот нема да го заглави вториот во калта на безнадежноста. Стиховите зборуваат за закопувања, давење, разделби, модри месечини и за изолација, но како и секогаш, потписникот не е директен туку се потпира на апстракцијата и ширум ја отвора вратата за индивидуални сфаќања. Композиторски – од уводната, циклична како изгрејсонце, Cycle до средишната Wave, која иако е рудиментарна, лебди до недоглед, сегментот скоро и да нема фалинка. До крајот материјалот губи парчиња од импресивноста, но двојките од траки, Don’t Let It Go / Blackbird Chain и Country Down / Waking Light се високо над просекот на музичкото авторство. Тие повеќе се потпираат на акустичната гитара, додека во првиот дел од збирката доминираат оркестрациите. Помеѓу е умно натискано сè од поп преку рок и фолк до електроника, а на пиедесталот е нејзиното височество – песната. Третирајќи ја како свет запис и врховна водилка Beck креирал 13 варијации на оваа форма кои заедно на Morning Phase прават долговечен храм на интроспекцијата наместо стиропор-театар што ќе избледи како и секоја рутинска, утринска, фаза.

Оцена: 83/100

Артист: Beck
Албум: Morning Phase
Датум на објава: 21 февруари 2014
Продуцент: Бек Хансен
Издавач: Capitol

Листа на песни:
1. Cycle – 0:40
2. Morning – 5:19
3. Heart Is a Drum – 4:31
4. Say Goodbye – 3:29
5. Blue Moon – 4:02
6. Unforgiven – 4:34
7. Wave – 3:40
8. Don’t Let It Go – 3:09
9. Blackbird Chain – 4:26
10. Phase – 1:03
11. Turn Away – 3:05
12. Country Down – 4:00
13. Waking Light – 5:02

Слични написи

Остави коментар