22/10/2017

Anchorman 2: Легендата нагло (де)ескалира

Постирано на 19/03/2014 од во Филм

Мизерната, понижувачка, состојба во која што македонските медиуми се киднапирани и претворени во памфлети навредливи за интелигенцијата им е позната на сите што сè уште ја сакаат, ја воздигнуваат и неизмерно ја ценат општествената моќ на слободата. Останатите цареви на релативизирањето не се заинтересирани за вакви теми кои не ги пипкаат со прсти и не ги дебелеат. Џебовите, не стомаците. Тие што, сепак, гледаат и низ призмата на вредностите и во иднина ќе се јадосуваат за нивното разнебитување не само на новинарски туку на генерален план, ама тоа не истакнува дека се слепи што се случува и во далеку понапредните демократии. И особено, ова воопшто не е повод да не се бара поврзаност и да не се откриваат сличности за здраво, хистерично, смеење. Токму во мочуриштето во кое што подолго време скапува американската њуз-сцена плива и вториот дел од Anchorman во којшто продолжува легендата за Рон Бургунди.

Овој аспект е клучен за доживувањето и донесувањето вредносен суд за новиот филм во којшто режисер повторно е Адам Мекеј, а во главните улоги пак се појавуваат Вил Ферел, Пол Рад, Стив Карел и Дејвид Кекнер. На тие што не го познаваат и поважно, не ги интригира радикалната спротивност што владее со информативниот сегмент на ТВ-каналите во САД, овој сиквел – многу веројатно – ќе им биде воглавно неинтересен или претежно здодевен. Првиот филм на поопшто, пошироко, културолошко рамниште ги исмеваше доцните 70-ти, а сега на ред се 80-тите години. Медиумите тогаш беа од секундарно значење, односно тие беа средство за „превезување“ на сè од ондолирани фризури до мачо-однесување полуиздишано како балон по бурен новогодишен пречек. Во новото остварување ситуацијата е обратна – актуелниот статус на американските телевизиски вести е во центарот, а под нив се потиснати другите трендови и настани.

Или поинаку кажано, ако не сте свесни и не пронаоѓате интерес за црно-белиот свет на Си-ен-ен и на „Фокс“, што декада и кусур е секојдневие во САД, од Anchorman 2 нема да се утепате од смеење како од претходникот. Свежата приказна го прикажува Рон на врвот, набргу го остава без работа, по што тој го допира дното. Овој вообичаен ред на случки ја мести сторијата за познатиот драматуршки подем во којшто херојот одново се крева до облаците и покрај неверојатните препреки. Во вакви околности генијална идеја секогаш служи како ракетно гориво. За Бургунди таа гласи: Ќе го емитуваме тоа што публиката сака, е не она што треба да го слушне. Во оваа една реченица е собрана суштина на актуелните њуз-програми, но и на практиката што се наметна на интернет поради манијакалната борба за бркање кликови без морални и етички ограничувања. Фактот дека ова веќе е општоприфатено го прави суперподатливо за комедија.
Ваквата ситуација во реалноста е крајно нелогична поради што перфектно се вклопува во исто толку апсурдниот стил на комедија применет во првиот, а сега и во вториот дел на филмот. Не е во прашање политика, ниту активизам, туку укажување на моментната бесмисленост на информативните ТВ-параметри низ бизарни скечеви, глупави изјави и лажно фраерски постапки. Како што и самите катадневно заклучуваме, вистината е таа што повторно и повторно се жртвува за сметка на (по)големите бизниси на газдите и се превиткува или комплетно се брише поради најголемата светост – рејтинзите. Да не се разбереме погрешно, ликот на Вил Ферел одеднаш не е претворен во модерен борец за суперпрофесионално новинарство, ама токму тоа што својот харизматичен идиотизам сега го основа на современото залажување и занимавање на гледачите, е комично на кисел и болен начин. Ако ова го пронајдете во проектот, ќе се кезите, но со мрштење.

Муртењето може да биде соодветна реакција и за севкупниот впечаток што се добива за ова кино-поглавје од животот на фамозниот водител. Нештата, сепак, е подобро ако се гледаат во перспектива. Конкретно, во однос на овие „кец и двојка“, таа се базира на импровизаторската природа на пишувањето, снимањето и изведбата. Во оваа насока и првиот дел беше хаотично, неизедначено, остварување безмалку исто како и она што го наследи. Разликата што оди во забележлива корист на оригиналното дело е бројот на цитати како печени за вадење и употребување во разновидни интернет-препукувања и зафркантски дискусии. Бескрајна листа од мемиња нема да се создава како резултат на сиквелот, но неговата најсилна страна е сконцентрирана во особено остриот поглед на актуелната американска медиумска состојба. На овој начин Рон Бургунди и натаму ќе живее, меѓутоа, за да остане неприкосновено комедиско предание, веројатно не треба да се продолжи со неговото враќање на големите, средните и на малите екрани. Освен, секако, за да ги спаси трајните минивал-фризури во мигот кога ќе се почувствува оти тие полека почнуваат да паѓаат во заборав. Тогаш камбекот ќе биде целосно оправданa хистерија, а не како сега, делумна деескалација на легендарната ескалација.

Оцена: 70/100

Наслов: Anchorman 2: The Legend Continues [„Спикер 2: Легендата продолжува“]
Премиера: 18 декември 2013 (САД)
Режија: Адам Меккеј
Улоги: Вил Ферел, Стив Карел, Пол Рад, Дејвид Кекнер
Продуценти: Џад Апатоу, Вил Ферел, Адам Меккеј
Сценарио: Вил Ферел, Адам Меккеј
Музика: Ендру Фелтенстајн, Џон Нау
Студио: Apatow Productions, Gary Sanchez Productions
Дистрибуција: Paramount Pictures

Тагови:

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>