21/08/2017

True Detective: Скок во амбисот на човечкиот мрак

Постирано на 07/02/2014 од во Телевизија

Њујорк, Чикаго, Бостон, Лос Анџелес, за секој од овие мегаградови имам изградено претстава дека се фасцинантни, инспиративни, бездруго, оти се совршени или барем се доближуваат до замислата за општествено-урбана перфекција. Таму, сè не само што изгледа, туку и некако е опипливо достапно и остварливо. Немам ниту зрно поим дали е навистина така. Искрено, не верувам и дека некогаш ќе имам прилика да дознаам. Ништо од ова, сепак, не влијае врз моето формирање идеализирана претстава за места како споменатите, а тоа може баеги едноставно да се опише со онаа старата: „многу гледаш филмови“. Не сум наивен до степен „каменот од Розета е напишан на јазикот на древните Македонци“ за слепо да му верувам на Холивуд, но поради него, секако дека романтично гледам на тие неколку облакодерски центри во Америка.

Поентата е дека овие џиновски полиси се само нашминканото лице што САД сами за себе го продаваат во светот, а нивниот стомак, кој најчесто е скриен од љубопитните очи, не е ниту црн, ниту бел, ниту, пак, розов, туку измешан, комплексен, замрсен и тежок за варење. Набљудувано од широк агол, токму овој дел од „Империјата преку Атлантикот“ е мистериозното, мистично и плодно поле на кое што е посеана и каде што расте True Detective. Последната серија исфрлена од супермоќниот креативен арсенал на кабелската мрежа HBO е лоцирана во утробата на Соединетите Држави, во нејзиниот јужен регион, поточно во федералната единка Луизијана. Мачен и мрачен, задушлив и мочурлив, овој географски простор е опустошен, заборавен и загубен во религиозно-социјални лавиринти, односно е антипод на дестинации како Големото Јаболко или Тинслтаун.

Продукциски концепт: „Вистински детектив“ е телевизиска серија – со цинична смеа ќе си речете „уште една од којзнае колкуте што профитерите вештачки ги мрестат како пастрмки“ – но и без изгледана епизода таа покажува силни знаци на невообичаеност. Најпрво и пред сè, во поглед на форматот. Тој е антологиски. Без празно детализирање, ова значи оти секоја сезона ќе се менуваат приказната и ликовите, а со тоа и актерската екипа. Мало расчепкување укажува дека овој пристап не е екстремно редок, меѓутоа, и не е крајно отсутен од малите екрани. Доцното откривање на дефиницијата, сепак, ми овозможи дополнителен степен занимливо изненадување и очекување, ама и дилеми. Најдебел прашалник креира принципот што (нај)често е и причина за долговечно опстојување и верно следење на серијализираните драми – развојот и приврзаноста за карактерите. Во случајот со True Detective можеби ќе биде проблем што актуелните фаци нема да имаат три, четири, пет или повеќе сезони да еволуираат. Или, пак, просторот што е однапред ограничен ќе овозможи постегната разработка и незапаѓање во стапицата со која што „коњот ќе се тепа иако одамна е мртов“. Како што тргна, се чини дека шоуто ќе има далеку повеќе корист отколку штета од ваквиот формат.

Замисла и дејствие: Жанровски, True Detective може да се смести меѓу полициските драми што во преден план ја имаат процедурата на разрешување на криминалот низ призмата на доказите и на профилирањето на злосторниците. Оваа обвивка, гледана сама за себе, изолирано, не нуди исклучителни новини. Уште со премиерната епизода, пак, лесно се заклучува оти кај серијата е далеку позначајна внатрешноста, која што е згусната и повеќеслојна, отколку било кој екстериер што би овозможил без мака да ја заглавите во некоја од огромните стилски графи на IMDB. Во повеќе аспекти, шоуто е тензичен, интригантен и прониклив портрет за мочурливиот југ на САД, каде што не е јасно дали времето одамна застанало, институциите избегале оставајќи ги парталите или религиозните групи и проповедници се размножиле како скакулците што самите ги најавуваат како предвесници на Апокалипсата. Главните протагонисти чепкаат по трагите од можниот сериски убиец додека во позадина се менуваат кадри од пустошот – направен од ураганот „Ендру“, од беспарицата и необразованието, од црквите или од интеракцијата на сите овие природни и човечки катастрофи.

Носечки карактери: Дуализмот игра огромна, ако не и пресудна ролја во „Вистински детектив“, а таа е најпретставително пренесена преку главните ликови. Мартин Харт, портретиран од Вуди Харелсон, е помалку или повеќе типичен претставник на мачо-културата на Југот. Или на претставата што за неа постоела во 90-тите години, кога се случува сторијата, а која можеби и денес не е радикално променета. Тој е женет, има две деца, религиозен е на ниво „за секој случај“, ама се вклопува и во стереотипот што најчесто е непобитна вистина – заглавен е во „славата“ од средното училиште, пие до границата на смртта оти верува дека џигерот не му старее и секако, се швалерисува со млади стажантки за да „се ослободи од стресот на професијата“. Растин Кол, одигран од Метју Меконахи не е негова крајна спротивност, но е различен во низа суштински одлики. Нагласено интелигентен, одбивно циничен и застрашувачки опсесивен, тој ја сече глупавоста на другите како сатар, ги пробива нивните слабости како стрела, ја корне, џвака, плука, гази и ја толчи празната надеж што тие ја носат како диво месо темелно затруено од тенко влакно. За него, човештвото го заслужува сиот презир што може да се замисли, но токму од истото тој е привлечен, заробен и таму е слободен.

Морална вртелешка: За разлика од сериите што напаѓаат со тапи орудија, како The Following, авторот Ник Пицолато во True Detective интелигентно го „цитира“ Едгар Алан По. Основачот на детективскиот жанр во своите раскази разрешува криминал од секаква злоба, но подеднакво, а можеби и позначајно место, посветува на симболите, на преносните пораки, на алузиите и сето тоа го врзува во атмосфера што се стега во рака, се вдишува низ нос или се касапи со зар’ѓан нож. Така и Марти и Расти трпеливо и мачно се пробиваат низ пајажината на првиот случај што ненадејно им паѓа в скут. Попат, запознавајќи се меѓусебно, ја воведуваат публиката во два светогледа чијшто единствен заеднички содржател е злоупотребата на супстанци за поматување на умот иако и тука се одвоени од формата – едниот сака само промили, другиот е навлечен и на пилули. Убиството што тие го испитуваат е повод, ама и корен на дискусиите кои до исцрпување ги водат за сè – од методите на социопатите преку локалната политика до библиските вистини или небулози. Тука, со широки потези, се сликаат двете струи на, пред сè, американското, а зошто да не и на глобалното опстојување на индивидуите: првото е она на безбожништвото и на науката, а второто на богољубието и на верата.
Сценарио и реализација: Ако на True Detective погледнеме како на арка, на брод или на какво било друго средство што може да се одржи на површината на морската шир, тогаш сценаријата на секоја епизода од серијата се џиновски бранови кои бавно, како полжав, се креваат и се спуштаат. За разлика од овие водени гиганти продолженијата од сторијата смислена и водена од Ник Пицолато немаат очигледна кулминација туку повеќе истурени, навидум мали, врвови кои сталожено градат уште поголемо цунами. Овде нема бркотници за гризење нокти, вртелешки за кревање адреналин и трескање од земја со неочекувани пресврти. Тоа што го има – во изобилство – се морничавост и потиштеност, безизлезност и беспаќе, како и потиснато дивјаштво и потсмевање со цивилизираноста и нејзините наводни придобивки. Сето ова се напластува во сложен, мрсен и тежок куп од теми кои лесно можат да се претворат во панаѓур на досадата. Благодарение на вештината на авторите, сепак, епизодите имаат писмен, течен, текст речиси исчистен од баналности, а засилен со црн хумор и храбри ставови. Кога на тоа ќе се додаде и продукциската реализација на локации кои го „отелотворуваат“ духот на пустината во бескрајните зелени полиња зборовите стануваат уште поизострени.

Севкупно: Наежувачки, вознемирувачки и до извесно ниво – преплашувачки – најтазе додатокот во поставата на „Ејч-би-о“ брзо се засадува под кожа и кошмарно скокотка. Не (само) со визуелно перфектно наредени сцени на уште посовршено остварени дела на монструми туку со упорното потсетување и навестување оти и тоа е нераскинливо од кодот на хомо-сапиенсот. Без разлика дали цврсто се потпирате на еволуцијата или силно сте уверени во (не)објаснивата моќ на избраниот Бог, True Detective, лушпа по лушпа, го соголува родот на којшто припаѓаме. Некому ова ќе делува животински, на други ќе им биде духовен процес, но и за двете групи серијата може да биде забавно и поучно искуство до кое се доаѓа на ист начин – со скок во амбисот на човечкиот мрак.

Оцена: 90/100

Серија: True Detective [„Вистински детектив“]
Продукција: HBO
Премиера: 12.01.2014 [САД] 13.01.2014 [Македонија]
Автор: Ник Пицолато
Улоги: Вуди Харелсон, Метју Меконахи, Мишел Монахан, Тори Китлс
Композитор: Ти Боун Барнет
Извршни продуценти: Ник Пицолато, Вуди Харелсон, Метју Меконахи и други
Режисер: Кери Џоџи Фукунага

Тагови: ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>