22/07/2018

Broken Bells – After the Disco [Columbia, 2014]

Постирано на 03/02/2014 од во Албуми, Музика

Кога артистите ја пронаоѓаат златната креативна жичка уште на своето првенче претпоставувам оти за следбеникот им се испречени низа нијансирани дилеми кои можат да се сведат на две, основни, прашања: дали да газат напред или да прошетаат настрана. Без разлика дали се соло или колективни, изведувачите е најумно да продолжат со надминување на фронталните препреки, меѓутоа, ако ова го прават по секоја цена, дури и доколку се свесни дека немаат способност да ги решат ваквите равенки, тогаш не само што е веројатен дебакл, туку може да се смета на резултат од типот „сами ги со бараа“. Имам верба дека неспорни таленти како Џејмс Мерсер од The Shins и Дејнџр Маус од Gnarls Barkley би се снашле стамено со каков било авторски предизвик што самите си го поставиле.

Особено ми се допаѓа, од друга страна, и тоа што на новата колекција, After the Disco, чувствувале дека во прилично успешната формула од дебито лежи уште истражување. Затоа се рашетале лево и десно, угоре и удолу наместо лудачки и тврдоглаво да лутаат во насока на хоризонтот. Одлуката (ако воопшто ја донеле, бидејќи ова се чисто лични шпекулации и интерпретации) им се исплатела. Не зашто со неа дошле до непобитно ремек-дело. И не затоа што таа им помогнала да го достигнат буквално истиот, висок, плафон на првенчето од 2010. Стоејќи безмалку прецизно на позицијата од пред три години Broken Bells сопствениот, фрагилен, топол и евокативен звук го прошириле – доминантно – со „синилото“ на блузот и на соулот, ама и со енергичниот пулс на аренбито.

Последново беше присутно и на огненото крштевање на суперстар двојката – во алтернативни поп-рок-рамки – но сега добива позначајна ролја. Матната делта на реката Мисисипи и утешната мелахнолија на црнечката „музика на душата“ (сам си го измислив – дискутабилно е со каков степен на успех – не верувам оти постои ваков термин) овојпат ги замрачуваат веселите и запаметливи мелодии и хармонии по кои Broken Bells инстантно станаа препознатливи. Синтисајзер ја отвора и како од 80-ти ја држи разиграна Perfect World, ама во неа има извесна повлеченост и замисленост, каква што се провлекува до крајот на материјалот. Ритамот на After the Disco иако е баш таков – диско – не се пресликува слепо и во гласот на Мерсер, чиј прст е на глава, наместо високо над денс-подиумот. Така е и на Holding On for Life, но нагласено поуспорено и со уште понеодолив грув, кој на Leave It Alone го повикува духот на Мади Вотерс и сличните.

Динамиката драстично се менува, забрзува, на The Changing Lights, а гласот се држи на дистанца, како да довикува од спротивен рид на планина, за потоа да прошепоти в уво. Ниските тонови возат на Control, мрзеливоста и чудесноста (знам, ептен е дословно) владеат на Lazy Wonderland, ама Medicine испливува како кутивче полно со лекови против вкочанетост и депресија. Дисторзијата со замаглено лице воведува во No Matter What You’re Told по што изненадувачки, но бездруго, пријатно, од заднина истрчуваат оркестрациите. Тие се натискани од акустиката на The Angel and the Fool додека на The Remains of Rock and Roll истовремено потсетуваат и на најавна и на одјавна шпица за Џејмс Бонд од 70-тите, како и за кој било друго шпионски трилер од споменатата ера. Со вкусно парче гламур Broken Bells така оддава почит на останките на рокенролот и ја затвора приказната на After the Disco. Таа можеби не руши брда и не издлабува долини, ама мошне угодно и убедливо слика и фрла во состојбата што доаѓа по навидум бесконечна и исполнувачки исцрпувачка ноќ – во диско.

Оцена: 80/100

Артист: Broken Bells
Албум: After the Disco
Датум на објава: 4 февруари 2014
Продуцент: Дејнџр Маус
Издавач: Columbia

Листа на песни:
1. Perfect World – 6:24
2. After the Disco – 3:39
3. Holding On for Life – 3:56
4. Leave It Alone – 5:30
5. The Changing Lights – 3:48
6. Control – 3:41
7. Lazy Wonderland – 3:21
8. Medicine – 3:28
9. No Matter What You’re Told – 3:50
10. The Angel and the Fool – 3:15
11. The Remains of Rock and Roll – 4:54

Тагови: , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>