21/09/2018

Outlaw – This Is How They Look At Us [Diehard, 2013]

Постирано на 24/01/2014 од во Албуми, Музика

Често се занимавам со дилемата каков став да изградам за млади бендови кои и покрај сите препреки што сигурно им се натрупуваат успеваат да напишат и да издадат деби-албум. Недоумицата не е во поглед на оценката – таа и онака не би можела да ја достигне тежината и деталноста на текстот – туку дали однапред да ги отпишам групите кои покажале оти фино ги научиле лекциите на жанрот што го избрале, но не успеале којзнае колку над него да се издигнат. И дали мора по секоја цена да инсистирам на недвосмислена оригиналност или на непобитна веродостојност. Или, можеби, кога станува збор за првенче, работа ќе заврши и уверливото познавање и придржување до принципите воспоставени од поискусните претходници.

Статистиката на мојот внатрешен „Галуп“ вели оти најфреквентно преовладува нагонот за пронаоѓање (и најмала) препознатливост, а фактот што се работи за нечие студиско „огнено крштевање“ ретко ја замаглува перцепцијата. Правило, како и за сè што се доживува низ индивидуалната призма, би било тесноградо и глупаво да воспоставам, па така слика создавам за секого засебно. Тука треба да се нагласи дека извонредно битен фактор е свесноста и приземноста со која се пристапува кон дела од локалната, македонска, сцена. Секој што тврди дека со буквално ист аршин треба да се гледа на „Лелек“ и на Rwake очигледно не ги гледа планините од ограничувања за кои овдешните артисти воопшто не се одговорни и во врска со тоа безмалку ништо не можат да направат.

Имајќи го сето ова предвид во дебито на младиот скопски бенд Outlaw, This is How They Look at Us, препознав течен, поткован и стегнат хардкор којшто не отстапува од актуелно прифатените граници на неговата метализирана верзија. Без разлика што го претпочитам превземениот и вешто применет стилски ризик и варијации на првите лонгплејки на Aeon Arcanum, Foolish Green или на Shock Troopers, петорката, што го промовира дискот во декември, покажува дека со внимание ги слушала и ги проучила изданијата на наши состави како Smut и на тие од американската, претежно њујоршка, ха-це-школа. Очигледно е дека тие ги познаваат динамиката, финесите и цврстината на овој израз и самоуверено тоа го применуваат во десет збиени песни и концизни 30 минути.

Оваа релативна стандардност не ги поместува видиците ниту, пак, креативниот лимит на овдешната хардкор и метал-сцена. Тоа што возбудува е потенцијалот и ветувањето што несомнено е компресирано и забележително во овие траки. Во прочистеноста на нивните аранжмани, во мелодијата што во рифовите и во дел од вокалите се појавува во повремени, но вистински мигови, како и во степенот на увежбаност и интеракција на свирачите се слуша образованоста во звучната форма што членовите ја сметаат за најсоодветна за да се изразат – и авторски и емотивно. Без разлика дали постојат или се отсјај на лица од стварноста и како „Тие“ гледаат на нив, Outlaw на This Is How They Look At Us демонстрира дека гласно, јасно и со намера гази на добар – иако сосема познат – пат на хардкорот. Единствено што им останува е понатаму да размислат дали истиот тврдокорно ќе го толчат до недоглед (што не е безвредна или лоша одлука) или постепено или радикално ќе го изменат по личен терк.

Оцена: 70/100

Артист: Outlaw
Албум: This Is How They Look At Us
Датум на објава: 13 декември 2013
Тон-мајстор: Горан Ристевски
Издавач: Diehard

Листа на песни:
1. Reflection – 1:37
2. This Is How They Look At Us – 3:44
3. One Step Ahead – 2:13
4. Obsolete – 3:59
5. Your Hopes – 3:11
6. The Well of Truth – 2:35
7. Point of View – 1:51
8. Nothing As It Seems – 3:22
9. The Fallen – 3:54
10. For Today – 2:50

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>