20/08/2018

Nils Frahm – Spaces [Erased Tapes, 2013]

Постирано на 29/01/2014 од во Албуми, Музика

Буквализмот, општо, како човечка особина нема премногу симпатизери, а камо ли кога се поврзува со област со капацитет за експлозија од слоеви и значења, каква што е уметноста и во тој контекст, музиката. Веројатно непотребно си го усложнив животот за да искажам сосема едноставна поента: да бидеш Капетан Очигледен воопшто не е возбудливо. Поп-изведувачите и нивните песни, без разлика колку се оригинални и нечуени, вообичаено го вдишуваат правот што во битката за супериорен квалитет зад себе ја оставаат некомерцијалните или послабо популарните артисти. Последниве создаваат звук што предизвикува, а за да станат познати, првите мораат директно и безусловно – да бидат весели, среќни и забавни. Меѓу нивните редови не постои празнина за читање туку сè е збиено – често глупаво, понекогаш вешто – само за да буди насмевки.

Ништо од ова, само по себе, не е лошо, меѓутоа, каква врска има со Нилс Фрам и со неговиот последен албум Spaces? Не претерана, ама и не баш непостоечка. Колку што насловот буквално го опишува звучното сликање на разновидните (физички и умствени) простори на плочата толку истата музика е метафорична и повеќеслојна. Иако не е во прашање типично лајв-остварување, доминантен дел од овие 11 траки берлинскиот композитор веќе ги публикува на студиски збирки, а тука се поместени нивни верзии снимени на 30-ина концерти од 2012 и од 2013 година. Оваа фактографска особина не само што не ја намалува туку неколкукратно ја зголемува вредноста на материјалот. Сите карактеристики на плочите пополнети со индивидуални траки или со цели изведби во живо овде не се забележуваат без разлика колку критично ја анализирате колекцијата.

Ако вообичаените лајв-албуми се резултат на желбата на издавачките куќи да пополнат простор пред појавувањето на нов авторски диск, ако перформансот што на нив е снимен делува неубедливо, ако тие, едноставно, оддаваат чувство на излишност и на опортунизам, Spaces е сè спротивно и значително повеќе. Материјалот е нагласено фокусиран, како што би било и студиско издание што минало низ процесот на посветено уредување, но, во исто време, тој изобилува и со живост, со движење, со непредвидливост каква што испливува исклучиво на бина. Жанровски набљудувано, низ широка леќа, ова е класика. Современа, а сепак, со костур комплексно емотивен како таа што се создавала пред два-три века. Електрониката, исцедена од чудачките инструменти на потписникот, како и неговата поткованост во сè од поп до џез, го зариваат цедето во сегашноста.

Разбирливо, овие кривулести излегувања од класичната шема, се нијанси. Тие ниту се обидуваат ниту, пак, имаат моќ да ја одземат улогата на пијаното кое што во секој аспект е примарно, преовладувачко, напросто, обземачко. Со него можат да се исполнат долини, да се осветлат пештери, да се растопотат лавини на планински врвови и да се растресе почвата подземи. Поетски, што е можеби дури и премногу очекуван опис за ваков тип израз, меѓутоа, овие композиции се евокативни, кршливи и сензуални. Во нив има и јасност, моќност и стаменост, ама и куп варијации сместени помеѓу овие крајности.

Исто како и стиховите, но не се зборови, туку со тонови, траките се извиваат низ мнозинска доза лирски и не така изретчен дел епски елементи. Фаворити ми се два триптиха (првиот од An Aborted Beginning до Said and Done и вториот од Improvisation for Coughs and a Cell Phone до For – Peter – Toilet Brushes – More), меѓутоа, најискрено, од страв дека ќе ожнеам нагласено послабо доживување од засебните нумери, во секое замисливо опкружување инсистирам да го слушам комплетниот албум. Така е бидејќи Нилс Фрам на Spaces се обидел (и успеал, потресно и умешно) со звук да оживее повеќе индивидуални простори. Попат, продрел извонредно длабоко во пространството што е интуитивно, неопипливо и споделено.

Оцена: 91/100

Артист: Nils Frahm
Албум: Spaces
Датум на објава: 19 ноември 2013
Продуцент: Нилс Фрам
Издавач: Erased Tapes

Листа на песни:
1. An Aborted Beginning – 1:34
2. Says – 8:18
3. Said And Done – 9:39
4. Went Missing – 4:59
5. Familiar – 5:38
6. Improvisation For Coughs And A Cell Phone – 6:44
7. Hammers – 3:48
8. For – Peter – Toilet Brushes – More – 16:49
9. Over There, It’s Raining – 3:07
10. Unter – Tristana – Ambre – 11:43
11. Ross’s Harmonium – 3:51

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>