22/07/2018

Mutoid Man ‎- Helium Head [Magic Bullet, 2013]

Постирано на 31/01/2014 од во Албуми, Музика

Талентирани музичари со педантна, речиси мртва сериозна, професионалност, почитуваат сите незаситни фанови на звукот. Овие артисти на креативноста ѝ приоѓаат студиозно, скоро лабораториски, со цел постојано да прават исчекор. Слично, можеби дури и подеднакво мераклиски, е кога истите тие изведувачи не само што излегуваат од просторијата за научни експерименти туку ги кршат сите садови, епрувети и апаратура за аудиоистражување. Причината? Желбата за невоздржана забава. И за свирење како избегани од челичен јарем. Не дека матичните бендови – Converge и Cave In – им се фракосани оркестри, но Стивен Бродски и Бен Колер на новиот сајд-проект Mutoid Man емитуваат енергија што вришти од разиграност, распеаност и од инструментална распуштеност.

Двете групи од кои потекнуваат ги следам прилично долго, меѓутоа, никогаш не сум ни помислил дека зграбувачки мелодичниот вокалист и ѕверски хаотичниот тапанар се спојливи, а камо ли дека и нешто фактички ќе направат заедно. Сега, по десетици вртења на 16-минутното деби ЕП-издание Helium Head, сфаќам оти нивниот микс е сè што не сум замислил, а било логично да го претпоставам. Ова е класичен рокенрол изманипулиран низ и така екстремно извртените хардкор и панк идеи на Бродски и Колер. Голем дел од концептот заземаат прималноста и примитивноста, ама тие на речиси секоја траките, што просечно траат две ипол минути, се пуштени низ гитарско-гласовен сифон обложен со хармонии. Место во него има и за метал, но оној првичниот, од раните до средните 70-ти.

Тоа е пресликано во слабото чувство на носталгија кое повеќе е израз на почит отколку ретроградна тага за сè што минало. Динамиката, нивото на моќност и свирачката агилност, сепак, го вкопуваат мини-цедето длабоко во актуелната ера, а суровото тон-мајсторство е тоа што од сегашното време го издвојува. Во никој случај песниве не би биле вака весело деструктивни ако беа исполирани за смартфон-генерацијата. И покрај рудиментарноста, внимателното слушање открива разновидни мелодиски и ритмички детали во гласот, гитарите, како и во тапаните. Буквално сите композиции – од Gnarcissist до Lost in the Hive – не се агресивно оригинални, ама за сметка на тоа, се насилно запаметливи и болно неодоливи. Бонусот, пак, доаѓа со гаражно генијалната обработка на Don’t Let Me Be Misunderstood од „Енималс“ вешто скриена под називот The Manimals. Со неа се комплетира расказот што Mutoid Man наелектризирано го пишува на Helium Head, а во којшто се зборува за човечки мутант со хелиумска глава.

Оцена: 82/100

Артист: Mutioid Man
Албум: Helium Head
Датум на објава: Стивен Бродски
Продуцент: 22 ноември 2013
Издавач: Magic Bullet

Листа на песни:
1. Gnarcissist – 2:31
2. Scavengers – 2:48
3. Scrape the Walls – 2:10
4. Friday the 13/8 – 2:38
5. Sacriledge – 1:59
6. Lost in the Hive – 2:12
7. The Manimals – 2:29

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>