Mogwai – Rave Tapes [Rock Action, 2014]

Размислувајќи со која активност, предмет или состојба би можел да го поврзам процесот на слушање албуми неочекувано заклучив дека тој мошне едноставно наликува на зближувањето со луѓето. Некои карактери, од старт, не можеме да ги поднесеме. Други, на почеток, нè тераат да се поставиме крајно неодредено. Има и такви, секако, кон кои уште од маалските муабети или од запознавањето градиме воодушевување. Секоја од овие околности (стереотипно истакнати само поради пример) си има своја спротивност или нијансирана мешавина. Така и со музичките изданија. Особено ако е во прашање група како Mogwai, која што не користи огномет-синглови за го навлече слушателот туку збирките ги третира како масивни, широки, повеќеслојни композиции.

Кај Rave Tapes веднаш ме заскокотка насловот. Како и со човечките суштества, каде што секоја површна фасцинација не еволуира во суштинско пријателство, така и осмото студиско остварување на шкотскиот бенд набргу не се издигна во потреба, ниту, пак, во кауч со психијатриски способности за разбирање на сите внатрешни и надворешни проблеми. Искуството со претходните колекции на петорката основана во Глазгов во 1995 година ме научи дека тие се автори кои веруваат во трпението – и како креатори на песни и како нивни изведувачи – и затоа најмалку што можам да направам е да им дадам шанса и да ги третирам со исто степен на внимателност. Така, низ скржаво подотворената врата плочата се навре под кожа бесрамно и без да се грижи дали ќе предизвика растројство.

Последново, несомнено, е возможно бидејќи се работи за бавен, развлечен и во многу аспекти, најмрачен материјал во кариерата на составот. Нема тука ништо страшно, љубопитниците знаат дека и темнината може да биде инспиративна и да влева поттик. Реално гледано, Mogwai низ цела кариера повеќе се потпираат на меланхолијата отколку на ентертејнментот, но првото не значи оти се отров за менталната состојбата, а второто не повлекува оти се десничарски здодевни. Очигледно сè уште под влијание на француската серија The Returned, за која го сними одличниот саундтрак Les Revenants, квинтетот на Rave Tapes е морничав, магловит и затскриено монструозен. Како набојот во филмските сцени на Џон Карпентер дискот е амбиентален и ненаметлив, но и тензичен и запаметлив.

За тоа, секако, највиновни се мелодиите. Без разлика дали во пијаното на Heard About You Last Night, синтисајзерот на Remurdered и на Deesh, дисторзираната гитара на Hexon Bogon и на Mastercard или во процесираниот вокал на The Lord Is Out of Control, хармоничните тонови се навезени до детаљ, меѓутоа, со бои во несекојдневно затемнети нијанси. Секоја од овие траки се истакнува самостојно, како што тоа комично го прави и Repelish, со монологот за Сатаната што праќа потсвесни пораки на плоча од цепелиновата Stairway to Heaven, но ниту една не ја осакатува врвната мисија – елеганција во течението и во целината. За тој спој е заслужна нагласената и мајсторска употреба на електричните клавијатури што чкрткаат скици во ритамот на Вангелис. Ништо од споменатово не е раздивен и хаотичен рејв спонзориран од Mogwai туку сосема спротивното – Rave Tapes е сложена лента чие отмено вртење во круг наликува на возбудлива авантура низ џунглата на човечката психа.

Оцена: 82/100

Артист: Mogwai
Албум: Rave Tapes
Датум на објава: 20 јануари 2014
Продуцент: Пол Севиџ
Издавач: Rock Action

Листа на песни:
1. Heard About You Last Night – 5:24
2. Simon Ferocious – 4:49
3. Remurdered – 6:25
4. Hexon Bogon – 2:35
5. Repelish – 3:56
6. Master Card – 3:57
7. Deesh – 5:33
8. Blues Hour – 6:17
9. No Medicine For Regret – 5:40
10. The Lord Is Out of Control – 4:23

Слични написи

Остави коментар