Conquering Lion – Revelation [Password, 2013]

Локалпатриотизмот е особина вирално раширена на нашиве простори, а во неа никогаш не сум можел да најдам и зрно интерес. Да беше Троја позиционирана во Македонија или на Балканот, војната во хомеровата „Илијада“ немаше да се води поради киднапирањето на Елена туку затоа што противниците сакале да докажат која земја, град или – за мене омиленото – кое маало е најдобро на светот. Не е важно што „планетата“ во Антиката била рамна и се протегала не подалеку од соседниот град, претераната потреба за мерење на половите органи на родниот крај би ги втурнала сите во крволочен конфликт. И покрај апсурдноста од која најчесто манијачки се кикотам, и самиот сум (на некој начин) локалпатриот, ама исклучиво кога на дневен ред е музиката. А тоа, многупати се докажало, си има забавно-образовно-терапевтски бенефити.

Да беше поинаку, цврсто да се држев до своите жанровски ограничувања (вака или онака, сите ги имаме, битно е дали доволно се предизвикуваме себеси за евентуално да ги промениме) Revelation на Conquering Lion од мене немаше да го добие вниманието што недвосмислено го заслужува. Генерално, не слушам реге, но тоа не значи дека не можам да разликувам шуплива од музика која што е исполнувачка, промислена и звучно писмена. Токму такви се деветте песни на третиот студиски албум на групата што од 2007 година се бори со Вавилон. Да потекнуваа и да работеа во Англија, Африка или дури и во Јамајка, интерниот радар ќе ги пропуштеше, но бидејќи се од Македонија, силно се поттикнав да ја преслушам нивната прва авторска збирка по Know Your Wisdom од 2011. Тука, во точката на самоинспирација, локалпатриотизмот заврши.

Без разлика што е од Тетово и што снимал во Скопје, а не во Кингстон, бендот на Revelation демонстрира степен на професионализам, фокусираност на идеи и беспрекорност на изведба какви што прикажуваат групи од земји и од сцени со значително подолга реге-историја и со десетпати поголеми продукциски буџети. Пораката, односно уверливоста во нејзиното осмислување и пренесување, е таа што ги изедначува. Парите и студиото играат значајна, меѓутоа, не и пресудна ролја. Во поглед на конципирањето и искажувањето на идеите за заедништво, љубов и за лично и колективно унапредување, Conquering Lion се на ниво што ги претставува не само како верници туку и како практикувачи на животот кој доаѓа во пакет со музичкиот стил прославен од Боб Марли. Кога е аудио-сегментот во прашање, и тука составот е повеќе од претставителен и покрај рестрикциите со кои овдешните артисти се принудени да творат и да опстојуваат.

Колекцијата има впечатлив, течен и топол грув којшто перфектно се вклопува во позитивниот светоглед што членовите го пропагираат преку композициите. Внатре во нив и меѓу секоја посебно се испреплетени прашањата за човекот кој што е роден да ровари слободен на Земјата, а не да се оддава на лицемерието; за зголемување на самодовербата во ерата на хаосот; за кошмарното битистување додека во нечии џебови се претураат пари; за стравот, за љубомората, за крајот на измамникот; за засадувањето мудрост во умовите; за подемот, за борбата и за спречувањето уште еден гроб да се ископа. На крајот, за чекорењето и газењето до конечниот триумф. Овие размисли се раскажани на доминантна реге-основа, но провејуваат и влијанија од рок, хардкор, панк, даб и фанк. Не се само овие, Conquering Lion на Revelation стиснал и други идеолошки и музички поими што секој низ индивидуалните искуства може да ги исчепка. Потоа, и евентуалното откровение нема да биде изненадување туку логична (и посакувана) разврска.

Оцена: 83/100

Артист: Conquering Lion
Албум: Revelation
Датум на објава: 22 ноември 2013
Продуцент: Ивица Јанкуловски
Издавач: Password

Листа на песни:
1. Wicked Man – 3:56
2. Confidence – 4:12
3. War Pon Dem – 5:39
4. Fear – 6:36
5. No Jealousy (feat. Darka Rajic) – 3:49
6. Trickster’s End – 3:21
7. Plant More… (feat. Donald Minott) – 5:52
8. Earth of Love – 3:35
9. Triumph – 5:08

Слични написи

Остави коментар