29/06/2017

Под ова небо железно „Архангел“ се претвори во сениште

Постирано на 13/12/2013 од во Колумни

Пресвртниот, оној фамозен, концерт во првата хала на Скопски саем во 1998 година го искусив како тазе завршен средношколец и пресно запишан факултетлија. За камбекот што бендот го направи на истата локација во 2005 година мастилото на дипломата со број 666 одвај се беше засушило и кампањата за настапот ја набљудував скептично од агол на професионален репортер. Таа резервираност околу намерите и резултатите се чита и во интервјуто со Ристо Вртев објавено две-три недели пред изведбата. И покрај тоа, кога свирката по повод полнолетството на групата дојде на ред, ја доживеав како свеж доказ за чудесноста што светот на рокенролот на „Архангел“ може да ја разбуди. Тогашниот лајв-извештај, сепак, го завршив со реченицата – „големото враќање ќе биде успешно комплетирано ако добиеме уште еден албумски бисер“.

Наизменично се промени долга низа годишни времиња, а од такво нешто немаше ниту трага. Само кружеа муабети и урбани легенди дека составот нешто подготвува. Дојде 2011 година и дознавме оти тоа, всушност, е повторно позната приказна со наслов што го знаеме наизуст – „Архангел“ се враќа на сцената. Згора на тоа, целиот настан доби и мека, галовно патриотска, нишка со слоганот „Македонски подобри звучи“. Негодував јавно за потегот затоа што, без разлика на маркетинг-ефективноста на терминот, тажно беше да се гледа како бенд којшто црпел од безграничноста на Hüsker Dü, дозволи да го јавнат и да го лимитираат на локално продавање магла. Концертот, секако, тотално го игнорирав по што остана само раска надеж дека групата може да си поврати барем дел од некогашната величина. Оваа тенка сламка пламна како фитил во моментот кога дознав за претстојниот настап со нашата филхармонија.

Барем за мене, сè можеше, требаше и бездруго, мораше да биде поинаку. Причината – „Архангел“ не се петпарачко поп-име што забавувало илјадници луѓе кои на првата кривина ги избришале од сеќавањето. Поточно, нивните први три албуми и по некоја песна од четвртиот, не се ништожни како сингл промовиран во „Зимска рекреативна програма“ туку се бесценета музика на сите испокршени филмови што безброј млади поединци ги живееја на своја кожа во крвавите 90-тите години. Интимноста е клучна кога се во прашање бендови околу кои ние, обожавателите, создаваме култ. Особено ако тоа е заслужено, ако со нивните зборови и звуци пронаоѓаме сè добро и лошо во себеси и во опкружувањето и ако нè инспирираат да се обидеме тоа да го промениме или во најмала рака, да го преживееме. Затоа и воведот беше толку темелен – за да ја покаже врската на почитувачот и фанот со еден од составите што живот (му) значат.
Не е носталгија, сосема спротивно, ова е плач за репризата што „Архангел“ очигледно не може да престане да ја врти. Ако за мене „кецот и двојката“ се симбол за големите одмори во „Орце Николов“, кога Васко од Bernays Propaganda (тогаш од „Бумбикс“) ги пушташе на разглас, како и за грозоморните слики од Сребреница и од Славонија, така и евентуалниот нов материјал на бендот треба да биде саундтрак на чемерот пред кој се исправени сегашните генерации. Знам, ќе кажете оти ништо не е променето и сè што е тогаш напишано се пресликува и денес, ама доколку така функционираа нештата, со музиката требаше да расчистиме по големата ера на класичарите. Точно е, некои дела се безвременски и универзални, меѓутоа, секое време не само што заслужува, туку и изискува универзално свои креации родени во никулецот на самите случувања.

Правењето концерт без цела деценија со каков било авторски материјал и 15 години по затворањето на ремек-дело-трилогијата ми изгледа и повеќе од излишно. Ако плочите на „Архангел“ градеа слика за вулкан од состав којшто во утробата има напластено бесконечна лава од идеи, најавената свирка го сведува на фабрика каде што роботи вадат потполно ист производ во позанимливо дизајнирана амбалажа. Тука слушам коментари од типот „Па и ‘Стоунси’ непрекинато се саморециклираат и се вадат на Sympathy for the Devil или Angie”. Точно, ама не сите фанови тоа го одобруваат и го потврдуваат со плаќање билет за нивните екстраскапи турнеи. Неискрени би биле тие што ќе тврдат дека песните од вакви мегагрупи, кои самите од себе си направија пародија, им значат повеќе од вообичаен, петочен, тезга-хит. Нема ништо лошо во забавувањето, но тоа е фундаментално различно од „архангеловата срцевина“.

Исто како што „Ѓерданот“ на „Верка“, „Еден ден“ на ЛД Пистолеро или „Колку назад можеш да се вратиш“ на ХАХАХА се како два света раздвоени од актуелниот естраден шунд, така и „Ладно оружје“, „Војна“ или „Нова вера нова библија“ не би требало да се сведат на изговор за самопреработување до недоглед. За ваквото издигнување, можеби дури и идеализирање, делумно се одговорни обожавателите, но кога и самиот артист – најзаслужено – се наметнува себеси како врвен критериум за оценување на останатите, очекувано е да се биде сомничав кон сè што може да им ја нагризе светата вредност. Во денешнава квазибарокна ера двата заедно и секој од овие термини посебно не се цени ниту најмалку, ама тие беа избришани и во времето на дивјачката приватизација. Тоа, сепак, не значеше дека скопскиот бенд ги прифати. Гарантирано имале прилики за да се разблуткават и така дебело да наплатат, но тие возвраќаа со став и со потпис.
Сега, гледано низ моиве очи, ништо од тоа не е преживеано во кодот на групата или, пак, е до дно потиснато од бранот на опортунизмот. Безначајно е спорно тоа што само фронтменот и лидер на бендот ќе настапи (и онака е потписник на песните), што се толку скапи влезниците (некогаш конечно треба да се одвикнеме од добивање сè на послужавник) или што се наметнува коњопој-гламур на рокенрол-собир (концептот се применува и во светот, ама таму не влегуваат со џипот на партер). Сите овие, сепак, се исклучиво технички забелешки преку кои и би можел да преминам. Невозможно е да ја прескокнам суштинската пречка, а тоа е спуштањето на составот на ниво кое што пред деценија и кусур би го исмевале в лице. Тоа што сè уште не објавиле нова плоча и на секои две години се „враќаат со голем концерт“ укажува дека ова обезвреднување не е изолиран инцидент, туку процес што нема изгледи оти ќе престане.

Многумина ќе се изнасмеат слатко на овие – крајно лични – забелешки кои никогаш не би ги одвратиле од култното име, но откривањето, доживувањето и менувањето на (и со) музиката од фановска страна е токму такво – специфично и индивидуално. Никого не би осудил што ќе оди и што веројатно супер ќе си помине на претстојниот концерт. Како тој во 2011 година и овој ќе помине без моето космички ирелевантно присуство. Така ќе биде затоа што за мене, сега, под ова небо железно, „Архангел“ е претворен во сениште на тоа што несомнено го отелотворуваше и уште поважно – што ветуваше оти ќе остане.

Илустрации: Iron Sky

Тагови: , , ,

4 Responses to “Под ова небо железно „Архангел“ се претвори во сениште”

  1. Калина Зографска 13 декември 2013 at 12:02 #

    Прекрасен текст, секоја чест. Со све се сложувам и сепак ќе одам и овојпат! Зашто за малку го пропуштив 1998ма, немав свест за Архангел тогаш, и во 2005та ми беше награда за духот, дури и во 2011.

    Има некои деца сега на 12 и 15 години кои самошто слушале за Архангел и ги слушале 1 и 2, имале многу мисли за нив, и ова ќе им биде првпат да слушаат во живо, срцето им трепери. За нив како и за себе јас на 15, посакувам да ги гледаат. Нека бидат лути после, нека им е лекција, нека е фејк, ама да слушнат и да знаат.

  2. Ivan 13 декември 2013 at 13:13 #

    Nemozam da te sfatam tebe Projatele, i mn kako tebe verojatno… Pa koga veke kritikuvas(posto veruvam toa Ti e tebe ne samo profesionalna deformacija vo zivotot tuku i “pasija”) mozese barem da napomenes drugi dva-tri dobri benda so dobri albumi koi se ispromovirale godinive sto izminaa! Pa vo takviot slucaj ke mi bese jasen ovoj tvoj gnev kon Vrtev i druzinata!
    Jas gi sakam! Bezrazlika sto se mrtvi vo duhot, ne ni mozat da bidat poveke vo ovaa mizerna drzavicka!
    Pozdrav

  3. Мартин 13 декември 2013 at 13:25 #

    Добрите музичари не се повторуваат. Архангел 1 и 2, Харт кор и Небесна машина претставуваат книга во четири тома. Ристо Вртев не создава „на копче“. Поетскиот материјал во досегашните албуми носи таква енергија затоа што СЕ што е кажано таму е вистина- доживеана вистина што за некого претставувала болка, патење, радост, екстаза, љубов…па така не знам како ти, автору на овој текст, замислуваш човек да се наддаде себе си откако трансцендентирал? Затоа овој концерт го доживувам како награда за трпеливото чекање и за тоа што ниту еднаш не дозволив да ме поразат предрасди во врска со музиката и творештвото на Архангел. Ќе си почекаме до тој ден за да видиме што се случувало во животот на Архангел.

  4. Ивана 13 декември 2013 at 16:00 #

    Не разбирам од каде идејата на критичарите (и другите музички снобови, генерално) дека некој бенд на нив нешто им должи. Го спуштиле нивото, ни први, ни последни. Скоро 100% од музичарите шо престанале да бидат добри, пак свират затоа што имаат деца за хранење и сметки за плаќање and that’s ОК. Некој “се компромитира“ со бидење новиот Нокаут или со правење музика за Мекиците од Стража, некој со работа во државна администрација или со бидење од Пустец, а гласање во Центар. Разликата е што првиве не ти брцаат во џеб ако не сакаш ти да им дадеш пари, така што малку ми е чудно да критикуваш некој затоа што обезвреднува свој продукт.
    Инаку, се согласувам, Архангел беа добри, сега се фејк и лејм, нема да им идам на концертот, си ги имам на цеде, ама секогаш ќе им го бранам правото да заработуваат на стара слава (се додека нема директна жртва) затоа што тоа не е нечесно.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>