20/06/2018

Ibrahim Maalouf – Illusions [Mi’ster, 2013]

Постирано на 10/12/2013 од во Албуми, Музика

Цинизмот, според поставеноста на модерното масмедиумско-општество, е единствено оправдано однесување во актуелната ера. Како што вели Тимоти Бјус овој пристап кон нештата се појавува во просторот испразнет од масовната култура која е повлечена од каква било политика. Споменатиот термин се доведува и на границата со депресијата, но за разлика од неа, тој овозможува активен, функционален, живот. Дефинирајќи го како најтрагичниот поглед на светот во искрените, приземни, белешки за секоја песна, Ибраим Малуф тргнува токму од цинизмот кога со насловната трака го отвора новиот диск Illusions. И така е, композицијата нè внесува во збирката сомничаво, резервирано и студено за потоа, како што и авторот нагласува, постепено да еволуира кон светлото и надежта. Спојот на вакви спротивности веројатно делува испробан, но во контекст на дискографијата на трубачот е новина зашто ја објаснува развеселеноста на албумот.

Знаејќи дека е родум од Бејрут и во себе го носи нагонот за славje, којшто не изумира и во очи на најсмртните опасности, оваа празничност и претходно не му беше непозната. На петтото студиско издание, сепак, таа е безмалку целосно ослободена од стегите, а за тоа потписникот има јасна причина – истражување на илузиите, односно на парадоксот на постоење дијаметрално спротивни сфаќања за потполно исти прашања. Несомнено, ова е прилично сериозна тема. Наместо да ја разглобува во филозофски трактати или во излудени фри-џез-импровизации, тој ѝ пришол обратно. Креирал колекција песни кои изобилуваат со позитивна енергија и наспроти нив поставил комплексна материја. Просторот меѓу нив е разделен како френетична солажа во Гуча и опсежно писание на Бодријар, ама со самото тоа што овие контрадикторности ги сместил на исто рамниште Малуф направил тие да не се исклучуваат, туку да се приближуваат и разбираат.

Нормално, поставувањето на умот на оваа линија на размислување е можно само ако, додека врти албумот, внимателно ги читате описите што авторот очигледно посветено ги напишал. Така, бездруго, потемелно се искусува, но доколку и за ништо од ова не сте заинтересирани плочата си стои стамено и исправено, дури и кога е изолирана од подлабокиот концепт што Малуф го замислил. На прв, бегол, поглед, осумте парчиња се микс од блискоисточна меланхолија, балкански блех-насмевки и класичен хеви-рок од калибарот на „Лед цепелин“ (трубачот сите ги наброја како влијанија на настапот во Скопје). Фактот што се неверојатно запаметливи, што груваат како да им е последно вртење во цеде-плеерот и што бликаат со поттик ги прави лесни за отфрлање бидејќи, нели, денешната рамка на просудување наложува – толку пулсирачка музика не може да биде прониклива. Напросто, таа мора да е шуплива во внатрешноста.

Ако на тој начин ја оцените – на што секој има право – пак се навраќаме на дилемата за поинаквите восприемања на сè и сешто. Кога е во прашање цедево, мојата перцепција исклучително гласно ми вели дека ова е баланс на нијанси и директности, на бистрина и противречности и на потиштености и панаѓури. Со сето тоа се измешани и јаки дози џез, фанк, поп и Њу Орлеанс. Фокусираното, соголено, компонирање е врамнотежено со енергични солирања на лидерот на бендот. Заокружувањето доаѓа од две насоки – првата е севкупниот амбиент на саундтрак за шпионски филм отелотворена во бучни, групни, претопувања на лимените инструменти, а втората е свирачката комуникација, разбирање, дури и „хемија“, што членовите ја имаат еден со друг. Буквално сè досега набројано и генерално, сè на Illusions изгледа премногу добро што би значело дека е претерано наивно да се мисли оти е вистинито. Можеби, ама немам намера да бидам циник од пусти страв авторот случајно да не ме изигра. Наместо да сум убеден дека Ибраим Малуф го напишал опортунистички, лицемерно и нечовечки за мене албумов и понатаму цврсто ќе остане сè спротивно од евтина илузија.

Оцена: 86/100

Артист: Ibrahim Maalouf
Албум: Illusions
Датум на објава: 5 ноември 2013
Тон-мајстор: Винсан Жоинвил
Етикета: Mi’ster

Листа на песни:
1. Illusions – 3:37
2. Conspiracy Generation – 8:56
3. InPRESSI – 4:07
4. Nomade Slang – 6:04
5. Busy – 10:22
6. If You Wanna Be a Woman – 6:41
7. Unfaithful – 4:25
8. True Sorry – 4:51

Тагови: , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>