20/08/2018

Fighting Windmills – Рапсодии во празно [ROOR, 2013]

Постирано на 19/12/2013 од во Албуми, Музика

Затруената општествена, политичка и меѓучовечка состојба, во каква што Македонија последниве години сè подлабоко зацапува, е особено измачувачка за духот. Природна, прва и инстинктивна, реакција на ширењето на овој пелин е желбата за грабнување и за бегање со следниот лет (не мора ниту да е од евтините, само да е нареден на распоред). Пред тие што се спречени или не сакаат да го направат тој чекор напред се истопорува неизбежно исцрпување што може да резултира и со уназадување. Брзопотезен излез од ваквата ситуација не постои, но на располагање има долга листа со позитивни лекови – од нарко-фармаколошки преку физички до ментални. Дегенерацијата од овој тип нема никакво оправдување, меѓутоа, можеби токму таа е некакво објаснување за историски познатиот скок на арт-квалитет во времиња на сеопфатен дебилитет. Без разлика што Fighting Windmills не изустува ниеден стих „Рапсодии во празно“ е токму таков албум – импресивен, а како со игла и шприц извлечен од нашиот актуелен, токсичен, крвоток.

Заклучокот дека третата студиска колекција на скопската група е искорната од гипс-картон стварноста пристигнува веднаш. Уште во првата секунда се одмотува семпл од филмската орвелова „1984“. Зборовите се забодуваат како шајки испукани од пиштол: „Единствено што од тебе барам е да ја прифатиш мојата љубов за нашиот водач“. Ова е директно обраќање, до секоја индивидуа, како што семоќната држава сака да нè убеди да веруваме оти таа на секого од нас посебно е посветена 24/7. Под ова говорно парче трпеливо се билда интровертна гитара која набргу распукува во бригада од тенковски рифови. Некаде по средината маршот се сталожува и од дното испливува кларинетот. Најпрво е повлечен, ама кога ќе се истури напред се разјаснува дека наместо човечки глас на „Сè гледа / Сè знае“, како и на целиот диск (ќе) се слуша моќен крик. Фонијата ја испраќа траката и од нејзината магла исчекорува првата од трите „Сиви зони“.

Парчето од ламетовиот Network, тој феноменален сатиричен приказ на телевизиската контрола, со зборови го поплочува она што следно ќе детонира. Ликот Хауард Бил во говорот вели дека не сака да протестираме, да правиме нереди или да му испратиме писмо на локалниот пратеник, туку, пред сè, мора јако, здраво – да се налутиме. Потоа истиот тој бес како маргарин се размачкува во „Му посака добредојде на протестот во сопствените коски“. Нејзиниот старт е слаџерски, мрсен, па неочекувано преминува во квазифолкерска солажа со која и во звукот се подвлекува иронијата и сарказмот кои се и повеќе од очигледни во насловите на песните. По втората минута тука се раздивуваат разновидни пост-хеви-идеи, а членовите прикажуваат одлична интеракција. Врисокот повторно доаѓа од кларинетот кој сè вешто заокружува. На „Ќе се сретнеме таму каде што нема мрак“ стартот е во боп-ритам и мелодии, но набргу се издигнува во хардкор-панк за до финишот да еволуира во хедбенгинг метал.

„Погрешно чудо“ создава чувство на бизарна комичност исто како сцената на колони луѓе кои трчаат во црква за да го посведочат миракулот на фреско-осветлувањето. Со „Духовит сојузник на своите гробари“ материјалот лебди на свинг-гориво што потоа се употребува за напалмско риф-распалување. Оттука до крајот, на последните три песни бендот интересно си игра со динамиката. Во смирувачка атмосфера прво го провоцира каубојот дека на зајдисонце секој може да ја исполнува таа улога, нервозно забрзува и му ги кажува само лошите вести по што студено го соочува со единствениот факт што може да има некакво значење во опстојувањето на овој архетипски јунак – пустината.

Таков впечаток, сепак, не остава изданието иако се одликува со извонредни мигови на пустош и пропаст. Испреплетувањето на пост – и рок и метал – фриковски џез, хардкор и панк, нагласено од свирачкиот талент и содејство на членовите, заедно со деталноста на снимката, како и остриот хумор и политичка проникливост, збирката ја креваат на ниво на инспиративност каква што ретко се достигнува. Целосно ги разбирам Fighting Windmills за силното чувство што веројатно го имаат – дека овие рапсодии ги свират во празно – меѓутоа, во никој случај нема да се согласам со нивниот евентуален сомнеж: оти албумов го создале напразно.

Оцена: 90/100

Артист: Fighting Windmills
Албум: Рапсодии во празно
Датум на објава: 12 декември 2013
Тон-мајстори: Ненад Трифуновски и Дени Крстев
Етикета: Rokche Ova Ona Records

Листа на песни:
1. Сè гледа / Сè знае – 11:47
2. Сива зона I – 1:38
3. Му посака добредојде на протестот во сопствените коски – 4:44
4. Ќе се сретнеме таму каде што нема мрак – 4:07
5. Сива зона II – 0:46
6. Погрешно чудо – 5:10
7. Сива зона III – 0:42
8. Духовит сојузник на своите гробари – 4:05
9. Секој може да биде каубој на зајдисонце – 4:44
10. Имам само лоши вести – 4:37
11. Пустината како факт – 7:24

Тагови: , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>