Culture Development – You, Me and Nobody Else [Направи заедно, 2013]

Фразата „на долг рок“ официјално постои во македонскиот јазик. Пополнува редови во лексикони. Се појавува во речници каде што е преведена нејзината странска форма. А сепак, речиси и да нема основа во нашата реалност. Политичарите знаат понекогаш да ја излигават низ поганите усти во форма на ветување од кое ќе се чувствувате стоплени како во џиновска бабина јамболија. Цепениците кои ни го водат спортот, без разлика на дисциплината, а особено фудбалот, го изустуваат барем еднаш во сезона што буди хистерична национална верба оти не само што ќе се пласираме, туку и ќе се бориме за медал на светско натпреварување (организирано од најмасовната, а не од приватната федерација на некој предавач на семинари). И едните и другите, на крајот, се грабаат за краткорочноста. Логиката е: зошто темелно и посно да работат кога можат набрзина и мрсно да заработат. Истото важи и во буквално сите останати општествени сегменти, вклучително и во музиката.

Кога и младите доброволно ќе ја голтнат оваа бактерија ситуацијата станува каква што е сега, воглавно безнадежна. Проблесоци, сепак, постојат. Нормално, тие се скриени под шарената, неисчистена, палета од радиски хитови и естрадни ѕвезди кои сонуваат и се занесуваат оти една песна ги дели од Бентлито на Пи Диди. Со неодамна објавениот нов студиски албум, You, Me and Nobody Else, скопското трио Culture Development ми го потврди она што го слушнав на ланското деби The 3 of Us – оти е група со авторски талент и веројатно пресудно, со свесност дека музичкиот израз е маратон, а не спринт на 50 метри. Наместо да се разликуваат круто и изнасилено од претходните 10, овие 15 композиции цупкаат, чекорат и трчаат по истата патека, меѓутоа, нивните стапалки се подлабоки и поубедливи. Промената не е светкаво драстична туку стегнато трпелива. Членовите очигледно учеле внимателно, наместо кампањски.

Суштински, бендот и понатаму се држи до пост-хардкор постулатите. Најблиски се до пристапот на Defeater, ама допираат и до стиловите на Comeback Kid и Touché Amoré. Првите четири траки на дискот, од The Colour of Your Skin до Ice, се на фреквенција на првенчето и служат како скалест вовед во преломот на материјалот. Панк-брзината и натаму е распослана насекаде, но So Long изненадува со беседништвото, кое колку што е гранџ, толку е и блуз. Успореност од сличен степен има и на Sounds In My Head, која на излезот еволуира во каменест грув-риф и искршен ритам. Лутината пак фаќа галоп на Departed Memories за на Next Spring бендот одново да се припитоми. Тоа докажува оти триото значително напреднало во поглед на динамиката и контрастот бучно-тивко којшто е убедливо најимпресивен на Recommended for… Траката почнува ревносно, се спушта на атмосферско тло и повторно се крева до ненападен дисторзиран врв.

Без никаква потреба од итност, фрактури се наѕираат од You, додека You’ve Always Said е уште помалку заинтересирана да поставува спид-рекорди. На половината од оваа трака групата пушта во оптек феноменален риф, но не заглавува на него, туку ровари напред без да трепне, што ја зголемува интригантноста. На Mud тоа добива скокачки, развлечени, димензии, Grey се прикрадува под нокти со урбано сивило, а Few People Running успева срамежливо да го разведри и колекцијата да ја заврши со нијансиран, поттикнувачки, тон. Не е ова претепан, до ср’ж скаменувачки, материјал, меѓутоа, тој во себе носи забележлива повлеченост и поглед кон себе, што е зрела спротивност на неговиот суров звучен екстериер. Влагата од гаражата, потта од свирката во сквотот избришан од градската карта и мирисот на гориво од бензинската во село затурено на границите на цивилизацијата не можат да се заобиколат на You, Me and Nobody Else. Истакнувајќи ги гласно и невоздржано, Culture Development подвлекува дека до корен разбрале една од носечките карактерни особини на хардкорот – посветеноста наспроти рамнодушноста.

Оцена: 80/100

Артист: Culture Development
Албум: You, Me and Nobody Else
Датум на објава: 31 октомври 2013
Тон-мајстор: Ненад Трифуновски
Етикета: Направи заедно

Листа на песни:
1. Intro – 2:17
2. The Colour of Your Skin – 3:11
3. Habbits – 2:44
4. The River – 2:53
5. Ice – 2:33
6. So Long – 3:22
7. Sounds In My Head – 2:33
8. Departed Memories – 2:24
9. Next Spring – 2:33
10. Recommended for… – 3:49
11. You – 3:33
12. You’ve Always Said – 3:19
13. Mud – 2:39
14. Grey – 3:25
15. Few People Running – 3:39

0 коментар

Слични написи

Остави коментар