22/10/2017

Rush: Мртва трка за животот

Постирано на 04/11/2013 од во Филм

Гран-при од „Формула 1“, целосно, од старт до финиш, не се сеќавам кога последен пат имам изгледано. Ако случајно налетам на каналот што врши пренос, ги оставам болидите да зујат како муви во спурна летна квечерина. Разликата е што не мафтам нервозно со рацете за да ги избркам туку им препуштам да бучат во заднина додека се занимавам со што било само не со проследување на настаните на распалениот асфалт. А не беше така. Паметам кога неделата беше резервирана за „автомобилскиот циркус“, како што нагалено го нарекуваа македонските коментатори од претходната генерација. Додуша, и актуелниве, нивни наследници, сè уште го користат тој хихириху-смешен термин. Циркузантските карактеристики, пак, единствено преживеаа кај фризурата и појавата на Берни Еклстон и буџетите на тимовите со кои може да опстојуваат цели градови, ако не и држава со средна големина.

Токму на таа тенка линија, која што ги издвојува двете главни конкурентни сфаќања на F1 – полнокрвен спорт наспроти дисциплинирана наука – вирее Rush, најтазе филмот на Рон Хауард. Прочуен по позитивниот, инспиративен и романтичарски, но не и одбивно наивен и заморно патетичен пристап кон темите, оскаровскиот режисер потпишал дело кое, во исто време, е особено јасен портрет на историско ривалство и силна анализа на човечкото разбирање на сопственото опстојување. Ова е брзо, адреналинско, спортско остварување, ама и интелигентна, достоинствена, драмска приказна. Нејзини носечки протагонисти се Џејмс Хант и Ники Лауда. Првиот шармантно и рокерски оживеан од Крис Хемсворт, а вториот мајсторски и понизно доловен од Даниел Брул. Меѓу нив не се одвива само тензичен натпревар во најбрзо завршување на кругот или комплетната делница туку има и интригантен судир на две различни филозофии на животот.

Таа на Хант не се помирува, туку своеволно ја прифаќа непредвидливоста. Се ложи со гориво од возбуда и се придвижува од неговото турбо согорување. Мигот го слави, а на долговечноста ѝ го покажува средниот прст. Подготвена е сè да стави на коцка само за да создаде секунда перфектно задоволство или момент на невоздржано уживање. Или парафразирано од озлогласената фраза од 70-тите, во изобилство да има секс, дрога и бесни коли. Рокенролот тука е соодветно заменет, но британскиот возач во стварноста се однесувал како ѕвезда секогаш позаинтересирана да виси на работ отколку да седи во фотелјата на сигурноста и на удобноста. Филмот и глумецот сето тоа го сликаат со забележително живи бои. Хемсворт е типичен холивудски лепотан како и шампионот од 1976 година кој наликувал на атрактивен фронтмен на див гитарски бенд. Актерот, сепак, успева да ја истакне неговата храброст, идеализам, суетност и човечност.

Разбирањето на битисувањето кај Лауда оди во контранасока. Тој е прагматичар кој потпишува мировна спогодба со непостојаноста, но ја дополнува со анекс каде што ги внесува процентите со кои може да го припитоми ризикот. Самиот избор да влетува во кривини со вртоглави брзини го приближува до налудничавоста, меѓутоа, Австриецот седнал во „ковчезите со реклами“ пресметливо. Сите во неговото семејство со векови се занимавале со некаков вид бизнис. Третирајќи ја „Формула 1“ како капиталистички потфат зашто единствено на ова поле брилјирал тој секогаш гледа низ широк објектив, со цела сезона, ако не и кариера, начелно скроена во умот наместо само инстинктивно да се штелува за следната „голема награда“. За него деталната стратегија е поважна од разузданата забава. Не се залажува со тапкачи по рамо. Концентрацијата му е сојузник, а релаксацијата непријател. Сериозноста го зајакнува. Среќата ја брои како слабост.

Благодарение на згуснатото, информативно и писмено сценарио на Питер Морган, со кого режисерот го сними и феноменалниот Frost/Nixon, сторијата не јуриша исклучиво со наездата од енергија поттикната од експлозивните акциски сцени туку и со моќен, интроспективен, хуманизам. Во „вакви“ наслови, кои се базираат на случувањата во некоја компетитивна дисциплина, најчесто е доволно текстот да биде ненавредлив за интелигенцијата, ама во овој случај тој иницира размислување, идентификување или пронаоѓање делчиња од себеси во централните херои. Несомнено, тука се зборува за „еден во 100 милиони“ тип на индивидуи, меѓутоа, збирот на овие подвижни слики нагласува оти и тие се луѓе обременети со вообичаени стравови, сомнежи и соништа.

На тоа перфектно се надоврзува топлината со која што е снимено остварувањето. Во него се отелотворени судбините на двајца спортски великани, но Хауард успеал да ги приближи, да ги спушти на земја и да ги става во ситуации попрепознатливи за инди-дела отколку за проекти што се обраќаат на поширока публика. Локациите, заедно со сценографијата, како и самата боја и стил на платното ги воскреснуваат бурните 70-ти години кога веројатно почнувал да се подговува теренот за преломот што подоцна ќе расчисти дали „Формула 1“ ќе продолжи по смртоносната рокенрол-патека или ќе фати кривина што ќе ја стабилизира во колку-толку безбедна класика. Оваа паралела изгледа е само моја, меѓутоа, деценија и кусур, загинувањето на Аиртон Сена го направи токму тоа – стави последно шрафче на старото стојалиште, според кое на F1 се гледаше како на шампионат на подвижни мртовечки сандаци. Натпреварувањето сега е екстраскапо, тимско, истражување и развој наместо опасно соочување на индивидуалци подеднакво генијално-растроени на свој начин. Како што опипливо може да се види и да се искуси преку налетот на Rush, за Хант и за Лауда тоа ќе си остане нешто далеку постуштинско – мртва трка за животот.

Оцена: 88/100

Наслов: Rush [„Трка на животот“, официјален превод]
Премиера: 13.09.2013 (В. Британија) / 17.10.2013 (Скопје)
Режија: Рон Хауард
Улоги: Крис Хемсворт, Даниел Брул, Оливија Вајлд
Продуценти: Рон Хауард, Брајан Грејзер и други
Сценарио: Питер Морган
Музика: Ханс Цимер
Кинематографија: Ентони Дод Ментл
Студио: Exclusive Media, Working Title Films и др.
Дистрибуција: Exclusive Media, Universal, StudioCanal и др.

Мини-галерија со алтернативни постери

Rob Clowes

Simon Hawes

Doaly

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>