20/04/2018

Плејлиста: Movember Rain или дожд од бркови (и по некоја брада)

Постирано на 29/11/2013 од во Музика, Плејлиста

Како првокласно сврталиште на задоцнети помодари Македонија годинава симпатично изненади со навременото приклучување кон одреден глобален тренд, како и со изборот на самото случување актуелно во светски рамки. Нема потреба од делење влакна – иако Movember е акција со корени уште од 1999, со опипливо основање во 2004, реално, таа фактички стана планетарна изминативе две-три години. За нашиот просек од најмалку децениско доцнење, овосезонското популаризирање на оваа форма на делување е фин отскок. Друг плус е самата тема и нејзиниот извор – наместо стандардно од ближниот ни Север, се закачивме на нешто значително подалечно, а тоа не се ланци и тренерка во тренерка, туку кревање свесност за здравствените проблеми на мажите, како ракот на простатата и други сериозни болести. Малку (повеќе) каснам со листава, но како син на човек со плодна, неколкудецениска, брко-кариера морав да најдам начин како да ја „обработам“ оваа благородна активност. Затоа направив плејлиста со композиции од ликови со коса на лицето. Критериумот не ми беше толку строг како на официјалната кампања, ниту знам дали бендовиве ја поддржуваат. Битно ми беше да имаат барем по еден член со прашума или тенок „дрворед“ под носот, а толерирав и бради. Слушајте, гледајте и чешкајте се – мудро и замислено, ама не претерувајте, не сте на изложба.

Nick Cave & The Bad Seeds – Mermaids

Австралискиот кантавтор и шамански фронтмен со насловов сака да не измами дека песнава е балада за магијата на сирените кога, всушност, станува збор за трогателна исповед за болката предизвикана од геноцидот врз брковите. И самиот Кејв со години негуваше густ, првокласен, влакноред под ноздрвите, а од нумерава се забележува оти го проколнува денот кога решил да го сосече. Штета, да живееше во Македонија пред два дена ќе можеше пак да ги засади.

Russian Circles – 1777

Официјалната приказна за името на Russian Circles е дека се работи за хокеј-вежба, но малкумина знаат дека вистината е постудена од мразот и пострашна од раскрварените лица на играчите со палки и лизгалки. Тие се крстени според круговите кои најчесто се припишуваат на вонземјаните, а всушност самиот бенд ги има направено. Првпат уште во 1777 година бидејќи членовите се вампири. Затоа тракава е токму така насловена, а нејзината елегичност и потиштеност е резултат на бремето што го носи бесмртноста. И секако, брковите.

The Dillinger Escape Plan – One Of Us Is The Killer

Херкул Поаро, и самиот тврдокорен, екстремно „уфирцан“, бркоња, изгради кариера на осуетувач на навидум совршените планови на неверојатен број криминалци. Сите што му се нашле на патот тој ги реши прописно, освен една четворка. Не ме држете за збор, сепак, станува звор за урбана легенда, меѓутоа, многумина се уверени оти се работи за групата The Dillinger Escape Plan. Меѓу нив се крие убиецот со бркови, а се верува дека синглот One Of Us Is The Killer, со својата лизгава певливост, е посветен на Поаро кој годинава замина во пензија. Изгледа оти бендот со неа ликува и му испраќа последен поздрав на славниот детектив.

Local Natives – Ceilings

Пролетва излезе анимираниот филм Epic („Чувари на тајното кралство“) во кој што се раскажуваше за свет на магија и самовили кои опстојуваат на микрониво паралелно со нашата реалност. Претходно, во јануари, Local Natives го објави својот втор студиски албум, Hummingbird. Ништо од ова не е случајно. Главните јунаци во 3Д-хитот летаат на колибри или други минијатурни птици пренесувајќи силни еколошки пораки. Сето ова е резултат на вистинската природа на членовите на бендот – тие доаѓаат од шумата во цртанот, а свирењето музика им е одмор од напорните битки. Песнава јасно укажува дека токму брковите се најзаслужни за нивната волшебна транформација.

Kvelertak – Kvelertak

Своевремено, рокенролот беше опасен правец кој потајно возбудуваше домаќинки и ги тераше татковците да се плашат оти Елвис Присли ќе им го расипе сексуалниот живот поставувајќи превисоки стандарди. Денес, состојбата е побезопасна и полигава. Затоа, викиншкиот Совет на бркови, една од шаката тајни организации кои се грижат огнот на рокот да не изгасне, ги основа Kvelertak. Нивното име нагласува оти тие поседуваат јак стисок, а фактот дека и песнава дели ист наслов, е доволен доказ дека пламенот на крвта, потта и дисторзијата жестоко ќе гори.

KEN Mode – Counter Culture Complex

Канаѓаните се меѓу најангажираните кога е во прашање приклучувањето на Movember. Кај нив не е карактеристична само масовноста туку и силата што ја емитуваат по глава на брк. Во KEN Mode, на пример, само еден член има џунгла под ноздрвите, меѓутоа, од приложената композиција е непобитен заклучокот оти тоа им е повеќе од доволно за на дофат да им биде разорноста на Чак Норис, кој, општо е познато, омнипотентноста ја црпи токму од влакнестото енергетско поле над горната усна. Згора на тоа, траката е химна која му контрира на Кен (од Барби), кој е предводник на антибрк-културата.

Foals – Bad Habit (CCTV)

Имиџот можеби залажува, поттикнува заклучоци на современи хипстери, но Foals се, во основа, закоравени традиционалисти. Не толку музички, колку по размислувањата и ставовите околу стилот на живот. Овој нивен сингл е своевидна ода за лошата навика на поновите генерации да се тасмосуваат до непрепознавање со што беспоштедно ги уништуваат сите придобивки на мажественоста остварена од нивните татковци. Тоа не насочува кон депресивни мисли туку ја отелотворува исконската тага на сотрениот брк. Бендот потсетува дека некои навики се лоши, други добри, но за влакната под носот во никој случај не смее да има дилема – тие се чакра на потенцијата.

José James – Trouble

Хозе Џејмс, надолго и нашироко, во меинстрим-јавноста е претставен како беседник со глас на славеј и душа на романсиер. Сите што се задлабочиле во неговите текстови и со отворен ум го слушнале неговото вокализирање знаат оти тоа е само ПР-дефокусирање од вистината – американскиот артист, всушност, пее за душевната болка што околината му ја нанела поради неговата долгогодишна кариера на брконосец. Конкретно, тракава зборува за денот кога група скинхедси од Тексас го претепале на улица само зашто тој имал, а тие не можеле да пораснат влакна на лицето. Тоа е единствениот регистриран случај во историјата кога на нацисти повод за насилство не била бојата на кожата.

Pharrell Williams – Happy

Листата на текстови кои го анализираа неодамнешниот потег на Фарел Вилијамс – да сними и на интернет да постави 24-часовен видеоспот – не престанува да се шири, но ниту една од овие анализи не погоди во центарот на метата. Идејата и уште поважно, позитивната енергија што од песната преку екранот се прелева до корисниците не е резултат на авторска генијалност или компјутерска вештина туку на брковите. Точно, 40-годишниот пејач и продуцент моментно ги нема, но тој е од тесната група ликови кои нивната супермоќ ја носат во душата. А сите знаеме, сè можат, но неа нема да ни ја земат. Освен преку данок на (мала) добивка во обложувалници.

Jack Black, Dave Grohl & Val Kilmer – Back to the Beginning

Европската организација за нуклеарно истражување или попозната како ЦЕРН вложи стотици милиони евра за да го изгради големиот хадронски судирач за да открие што се случувало за време на Големата експлозија што го создала универзумот. Џек Блек, Дејв Грол и Вал Килмер се на раб да го постигнат истото, да го допрат прапочетокот, а за тоа ќе треба да го убедат и холивудскиот актер да пушти бркови. Комичарот, како и фронтменот на Foo Fighters веќе ги имаат, но популарниот глумец има длабоки резерви кон целиот потег. Тој се плаши дека големите сили и злобни корпорации ќе сфатат оти нивното Свето Брковско Тројство е огромно оружје и тие ќе можат да го злоупотребат за уништување на планетата.

Motörhead – Heartbreaker

Бесконечни дебати се водени за еланот и силата што 67-годишниот Леми Килмистер ја има и покрај децениите минати во користењето дроги како пуканки во кино и пиењето алкохол како да е боза-боровница. Одговорот е навистина едноставен и уште од 1947 година ни стои пред очи – епските бркови. Фронтменот на Motörhead се родил со нив и кога докторите се обиделе да му се изнасмеат во малото фациче тој им плукнал в лице, а папочната врвца ја изгризал со заби. Затоа и во песна со наслов „Срцекршач“ тој низ заби пее за потрага, уништување, битки, црн очај и други крајно брковски теми.

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>