Efterklang – Piramida [4AD, 2012]

Не знам до што е – можеби до блискоска до Северниот пол која ги направила за степен поинтроспективни или е резултат на крволочното Викиншко минато – но бендовите од Скандинавија се махери за погодување вистинска нота, чепнување подзаборавен нерв или за терапевтско ѕверење во бел ѕид. Настрана што е исцрпувачки да се процени како успеваат да испилат толку квалитетни изведувачи на релативно мала популација ич не е лесно да се одреди како повеќето од нив се способни да креираат слично силно ниво на емотивна резонантност. Напросто, изданијата од овие простори грабаат и стегаат со нежните клешти на сочувствителноста. И да не сте чуле за составот, како што до лани, кога го објави Piramida, немав поим за Efterklang, голема е шансата да бидете освоени во секунда токму поради емпатијата која што ретко каде е така сконцентирана.

Четвртата студиска збирка на данската група е концептуална, ама таа најдиректно не е зариена во состојбата на искрено разбирање на другите битија. Замислена, изживеана, напишана и снимена во норвешкиот архипелаг Свалбард оваа плоча е инспирирана и е посветена на Пирамида, занемарена руска населба каде што од 1927 до 1998 година се ископувал јаглен. Имајќи предвид оти е креиран во напуштен град на крајот на светот материјалот евоцира спомени на неискусени, но отсонувани животи. Без претерано да се измачат, всушност, сосема подмачкано, десетте песни ја приближуваат осаменоста што сите си ја чуваме во нашите внатрешни окна – без разлика дали длабоко, близу до дното или на дофат до површината. Има куп начини за да се долови или опкружувања за да се разбуди оваа емоција на вечна одделеност, меѓутоа, еден од најефективните и најпотресните се објектите изградени, а потоа заборавени од човечката рака.

Околината во која што е скициран и реализиран го направил албумот понизен, питом и привлечно потиштен. Овие карактеристики, сепак, не го прават безизлезен. Напротив, во нив е отелотворен поттикот што неминовно следува по болниот процес на паѓање и гребење на подот, односно заклучокот оти продолжувањето на борбата е најприроден чекор во нашиот нелогичен универзум. Таквиот став можеби најавува конфронтација или звук што е барем минимално бунтовен, но Piramida стартува тотално поинаку – со кравји ѕвонци. Тие некако медитативно воведуваат во Hollow Mountain каде што бргу се осознава оти рецептот на Efterklang на ова издание е составен од потисната, а силна пост-рок основа, мазно поп-пеење и класични оркестрации кои иако сеприсутни не ја надминуваат границата што би ги направила нападни и претерани. Веќе на Apples ова се надополнува со амбиентална електроника, фолк-орнаменти и гласни синтизајзери.

Кај Sedna ненадејно се појавува духот на The National по што, ретроактивно, се доаѓа до очигледната констатација дека и остатокот од колекцијата дели слична, умствено потоната, магнетна енергија со таа на формацијата од Бруклин. Делумна заслуга за тоа има баритонот на Каспер Клаусен кој не е замрачен како тој на Мет Бернингер, а сепак поседува таква заразна фреквенција. И на Данецот е морничава, но и весела, како што се слуша на Told To Be Fine и The Living Layer, а и на остатокот од збирката. Со The Ghost, чиј ритам се обраќа на колковите, се истакнува поп-талентот што авторите во помали или поголеми дози го постилаат насекаде од остварувањето. Атмосферата на прогонетост, што сама по себе се наметнала од локацијата на снимањето, е зајакната на Black Summer, додека Dreams Today сè крева нагоре како змеј од хартија. Игра од овој вид се одмотува на Between the Walls, чиј рефрен е како соул-проповед, по што крајот елегантно обзема во пејсажната клавијатура и скокотливо ехо на Monument. До оваа точка Efterklang не доаѓа градејќи една, џиновска, пирамида туку ѕидајќи засебна во секоја од траките. Веројатно затоа Piramida не е албум заради кој што ќе доживеете катараза туку издание што ќе направи да се чувствувате ислушани и – разбрани.

Оцена: 84/100

Артист: Efterklang
Албум: Piramida
Датум на објава: 22 септември 2012
Продуценти: Efterklang
Издавач: 4AD

Листа на песни:
1. Hollow Mountain – 5:26
2. Apples – 4:16
3. Sedna – 4:10
4. Told To Be Fine – 3:43
5. The Living Layer – 3:27
6. The Ghost – 4:29
7. Black Summer – 6:31
8. Dreams Today – 3:01
9. Between the Walls – 5:29
10. Monument – 5:39

Слични написи

1 коментар

Aна 06/11/2013 - 08:59

Мене ми се откровение од пред некој ден…got immediately hooked..

Reply

Остави коментар