28/06/2017

Efterklang: Истражувачи на звучната пирамида

Постирано на 11/11/2013 од во Интервју

Последниот твит од акаунтот на Efterklang на 19 октомври, кога ги подготвував прашањата за ова интервју, гласеше: „Денешната забава“. Дел од него беше и фотографија од програма, цеде или нешто слично од Das Rheingold или „Рајнското злато“, славното дело на Рихард Вагнер. За тоа како првпат воспоставил контакт со операта и што најмногу го фасцинира кај оваа форма, фронтменот на данскиот бенд што вечерва ќе настапи во киното „Фросина“ во МКЦ во Скопје, Каспер Клаусен, вели:
– Отсекогаш знаев дека во одредена точка од мојот живот ќе морам да се „ракувам“ со опусот на Вагнер и генерално, со операта. Неодамна, тоа конечно се случи. Почна со подкаст за неговата „Прстенот на Нибелунзите“, односно со водич низ ова џиновско остварување. Севкупно, тоа трае 14 часа и е толку добро изработена приказна, со таква неверојатна длабочина, што е тешко да се поверува дека е направена од човечко суштество. Моментно го „доџвакувам“ прстенот со мала дополна од Пучини. Следна е „Пелеас“ на Дебиси. Претпоставувам дека причината за овој свеж интерес е очигледна затоа што сме вклучени во нов оперски проект. Нешто што сега одзема многу време и мисли.
Пакувањето бендови во конкретни кутии не е најверен начин за да се опишат, но во најширока смисла, Efterklang е рок или можеби дури поп-група. Од друга страна, во нивниот пристап се провлекува оперски или класичен елемент. Лидерот на групата од Копенхаген, а сега сместена во Берлин, не е сигурен кои се клучните точки каде што овие жанрови и популарната музика се вкрстуваат и како тие завршуваат во песните што ги пишуваат.
– Прво и во најголема мера сме фасцинирани од звукот, односно од интеракцијата меѓу звуците и моќта на музиката, без разлика на жанрот. Музиката е универзален јазик и е прекрасен и моќен начин на комуникација – истакнува пејачот на формацијата која својата биографија почна да ја пишува во 2001 година.

ЧИНОТ НА УБИВАЊЕ
Истата таа величина, тој степен на масивност и доминантното чувство дека нивните креации се дел од нешто поголемо и пошироко особено се однесува на последниот студиски албум на Efterklang. За него Андреас Кофоед го сними филмот „Духот на Пирамида“. Клаусен открива дека секогаш е инспиративно да се соработува со луѓе од поинакви полиња на изразување.
– Изненадувачката динамика и магија што се случува одвреме навреме се чист подарок. Истото ова ми беше најмагично во нашата колаборација со Андреас. Го поканивме да ни се придружи на патувањето во Пирамида за да види дали таму би можел да „пронајде“ филм. Тоа не беше баш лесна задача бидејќи три момци кои удираат во големи количества метал не се соодветен материјал за низа од подвижни слики. За среќа, Александар (главниот лик) се појави од никаде (ја посети населбата за последен пат) и почна да ја одмотува приказната што потоа стана главна структура на „Духот на Пирамида“. Изгледа кога ќе почнеш да бараш, секогаш ќе најдеш нешто. Ова беше навистина неверојатен „улов“.
На темата филмови составот неодамна преку Twitter порача дека луѓето не треба воопшто да се двоумат и да го гледаат „Чинот на убивање“, документарец од Џошуа Опенхајмер. Тие го опишаа како исклучително раскажување приказна што е фундаментално значајна за човештвото. Критичарите речиси едногласно го пофалија, ама некои рекоа дека го слави масовното убивање.
– Точно е, секој треба да го гледа овој филм! За мене, The Act of Killing е феноменален во обидот да се конфронтира со злото, да го погледне, да му дозволи навистина да се покаже себеси и на крајот да се промени. Не е глорификација туку славење на чистата трансформација одвнатре. Тоа е прекрасниот човечки потенцијал. Едноставно, без да се суди, да се остане објективен и да се дозволи приказната сама да се развие. Не можам да верувам колку храбар, а исто така и извонредно релевантен е овој филм. Не само за Индонезија, каде што сите можат да го гледаат бесплатно, туку и за целиот свет. Гледајте го заедно со одјавната шпица – појаснува фронтменот.

ХРАНА ЗА МИСЛИТЕ
Гледањето филмови како „Чинот на убивање“ може да нè потсети дека без разлика на континентот, земјата, градот, селото или кое било место каде што има луѓе е прогонето од приказни што прават да се чувствуваме поодвоени отколку поповрзани дури и во денешниот дигитално глобализиран свет. Околу постоењето инспирација во сето ова од перспектива на еден уметник Клаусен вели:
– Триењето е инспиративно. Длабочината на разликите помеѓу нас и природата и дури меѓу нас самите е залепена од љубовта и уметноста.
Најактуелниот албум на Efterklang е за Пирамида, напуштена руска населба и заедница за ископување јаглен што совршено се вклопува во дефиницијата за „прогонети места“. Материјалот оддава чувство на напуштеност, но исто така, успева да остане неверојатно емпатичен.
– Верувам дека на многу луѓе им е познато она посебно чувство што го имате кога сте во напуштена зграда. Таа празнина, мистериозното минато, спуштањето. Ова е храна за мислите. Посетата на Пирамида, појасно од кога било претходно, ни укажа на нашата одделеност од природата. Таму, поривот за создавање, градење и за контрола е толку видливо изложен. Го гледаш целото тоа срање што тие луѓе го оставиле зад себе, чувствуваш вознемиреност и потоа се погледнуваш себеси, твојата goretex облека, опрема за снимање и немирот продолжува да расте.
Посетата и престојот во дивината на Свалбард на членовите на Efterklang им овозможи опсежно да ја проучуваат врската на линија звук-место што во неколку наврати изјавија дека навистина ги интересира. Причините зошто сето ова е толку возбудливо и вредно се следниве:
– Звуците се насекаде, во многу различни и слични нијанси. Местото е начин за да ги ископаме. На крајот, сето тоа е повеќе начин за навигација – завршува Клаусен.

Фото: Расмус Венг Карлсен

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>