Roscoe Mitchell и Cassandra Wilson на SJF: Црно се сонце зададе

На Скопскиот џез-фестивал има концертни вечери кога публиката го добива токму тоа што го очекува. Често, меѓутоа, се случува посетителите да пристигнат со материјалот „научен напамет“ во теорија за во практика да им биде испорачано екстремно различно доживување. Ниту се работи за новина, ниту за исклучок специфичен за нашата рурал-метропола, но ова урнисување на претпоставките е забавно за набљудување и особено благородно за личното искусување. Четвртиот ден на годинешното 32. по ред издание на манифестацијата, како во издлабен калап, легна скоро перфектно во фолдерот „шок и преплашување“. Како божем станува збор за клинец неодамна испилен од музичката академија, а не за 73-годишна легенда на фри-џезот Роско Мичел беше поттикнувач на масовен егзодус од Универзалната сала. Не, секако, со ист интензитет, но и Касандра Вилсон со најактуелниот проект вкочани повеќе вилици наместо срца да стопли.

Не исклучиво, меѓутоа, токму оваа, изненадувачка, страна на концертите ја направи синоќешната средина на фестивалот уште позапаметлива. Поради несреќен случај на трубачот, наместо трио, во првото поглавје настапи дуо. Додуша, на моменти звучеше како на бина да има најмалку пет или шест музичари, а всушност, изведба имаа само двајца. Рамо до рамо со искусниот супермузичар од Чикаго стоеше и Тајшон Сори, кој почна на тромбон, ама во текот на перформансот се префрли и на тапани и на клавир. Како и Еван Паркер на отворањето и Сидсел Ендерсен во петокот, тие воопшто не беа заинтересирани за структурирани композиции или воодушевување со лепливи фрази и „рефрени“. Еден дел од текот на свирката потсетуваа на морничавите звучни ефекти (не и на саундтракот) во филмовите на Алфред Хичкок. Другата страна им беше како давање тон на сликата со атоми кои хаотично разлетуваат на сите страни. Нагласено спонтано, во многу наврати и импулсивно, ама и вознемирувачки емотивно.

За многумина, обеспокојување донесе и стартот на претставувањето на името за кое повеќето го преполнија објектот на „Партизанска“. Разбирливо, бидејќи таа е, барем според меѓународни стандарди, најголема ѕвезда на годинашниот скопски џез-собир. Најпрво, нагаѓањето, а и желбите веројатно се вртеа околу сцената во која славната вокалистка е придружувана од акустична формација, а таа нежно везе приспивни до недоглед. Наместо тоа, од сцена беше доставена џамбо-порција со дисторзија, бучава и земјотресен ритам. Гласот, таа комбинација од цигари, бурбон и калорична храна од баровите од Њу Орлеанс, несомнено беше присутен. Добиваше дури и мигови кога ја играше и централната ролја. Доминантниот дел од течението, сепак, беше само едно шравче во севкупната апаратура составена од 57-годишната пејачка и електричното трио „Хариет Табман“. Во салата, а бездруго и во цела Македонија, уметницата од Џексон вчера беше осамен вистински суперстар, ама не го засени бендот.

Само формално, таа беше фронтвоман, а суштински, во секој поглед ја прикажуваше еднаквоста со останатите, далеку поанонимни, но виртуозни музичари. Целиот нивен концепт – а беше целосно заеднички, не само на Вилсон или на тројката – се темелеше на оставнината и на ослободувањето. Гордо носејќи го името на жената која се борела за кинење на ропските пранги на црната американска популација тие имаа за цел да ја транспортираат родната Африка – и во просторот и низ времето. Воглавно вкоренети во блузот, квартетот ги повикуваше духовите на претците кои умирале сурово берејќи памук. Како и рациновите „Ленка“, „Тутуноберачите“ и „Копачите“, составот додаде аудиослика на неправдата за која што вообичаено само сме слушале или читале. Тука, во точката каде што на оваа болка треба да ѝ се инјектира емоција, гласот на Касандра беше неверојатно илустративен. Како изваден од плантажите непосредно до делтата на Мисисипи таа со него пренесуваше лелеци низ потресни баритонски мелодии.

Партнерски, не минливо и придружно, трио-формацијата ја надполнуваше извртувајќи востановени стереотипи за одредени инструменти. Доколку во најтипичниот блуз само гитарата е таа што липа, овде истата ролја таа ја делеше со петжичаниот, дисторзиран, бас. Ако бенџото е синоним за „јужњачка сељачина“, вчера тоа зборуваше во името на сите жртви на расизмот од пред два-три века до денес. Ритмите на Африка, оние што го забрзуваат пулсот и фрлаат во ритуалистички транс и танц, беа пуштени низ вентилот на рокот и на џезот од неговата електрична ера во 70-тите. Освен бремето што Роберт Џонсон уште на почетокот претходното столетие толку проникливо го опеа, од бината се забележуваа и скици на Мајлс Дејвис и на Џими Хендрикс.

Фино врамнотежена, на оваа мешавина очигледно ѝ е потребно извесно истенчување до кое бендот ќе стигне токму преку лајв-искуството. Она што, сепак, не можеше да се избегне е способноста на Black Sun да го пренесе она „црна се чума зададе“-чувство што на овие простори е запаметено во поинакви мелодии. Тоа зборува за истиот товар што го искривил грбот, ама не им ја скршил кичмата на милиони претци на „Хариет Тубман“ и на Касандра Вилсон. Особено горди на оваа карактеристика, четворицата музичари ја вметнале во сè што досега создале. Затоа нивната музика со почит црпе од минатото и храбро галопира кон иднината.

Слични написи

1 коментар

zoran 21/10/2013 - 15:10

Pa, aferim , Aleksandre sosema pravilno ja citas ,muzikata od sinokesniot koncert na kasandra,sepak taa e glavnata inspiracija vo bendot, so specificna tezina adekvatana na serioznosta na proektot i visoki muzicki performansi ,da odgovori i na ovoj proekt.Thanks Kasandra.
I am still in love with you……..

Reply

Остави коментар