Ibrahim Maalouf и Dave Holland на SJF: Затворање низ призмата на илузиите

Концертите на Скопскиот џез-фестивал се одвиваат последователно, во иста вечер и ја делат бината, но никогаш не постои зрно гаранција оти ќе бидат на каков било начин поврзани. Вообичаено е, всушност, да се одвоени како џиновски вселенски тела. Секое со своја гравитација овие карпи на живата изведба најчесто се вртат околу специфична оска. Можеби потекнуваат од заедничка голема звучна експлозија и функционираат по слични закони, но индивидуалната интерпретација им овозможува да ги превиткуваат правилата. Токму од овие причини барањето НЗС меѓу уникати е шанса што го прави нашиот, а планетарен, собир особено возбудлив. Ваква конекција неретко е ѓаволски тешко да се воочи, но кога можноста да се открие сама се распостила пред слушателот штета ќе биде предизвикот да не се прифати. Полето во кое што на затворањето на 32-то продолжение на манифестацијата се вкрстија последните проекти на Ибраим Малуф и на Дејв Холанд изобилуваше со јасен, инспиративен и потценет квалитет – грув.

Неговото издигнување до степен на компактна аудиоформа, сепак, беше засебно за секој од составите. Либанецот ја почна вечерта со вовед на полпат од психоделија од 70-тите и пост-рок од новиот милениум. Најпрво, не се ни појави на сцена. Препушти гитаристот Франсоа Делпор во преден план да го исфрли нагласено значајниот жанр на лидерот – рокот – па дојде од заднина, како дел од силната тројка придружни дувачи. Јачината на звукот постепено и упорно се креваше како стрелка во апарат за мерење притисок. Набргу фронтменот го презеде водството со неверојатно продорната труба по што веднаш се кристализира оти групата ќе балансира помеѓу дисторзираната хеви-секира и блискоисточната елегичност. Рифови налик на синоќешните на СЏФ веројатно последен пат ечеле пред деценија и пол кога гостуваше Вернон Рид. Пред да маѓепса со сочувството со која што ја отсвире автобиографската нумера за повторната средба со родниот Бејрут по крајот на разорната граѓанска војна Малуф и самиот потврди оти Led Zeppelin ги вбројува меѓу најдрагите артисти кои му помогнале да си го дефинира стилот.

Како и легендарните британски прогресивци и основачи на метал-пристапот, така и 32-годишниот Либанец преселен во Париз не престанал и несомнено, сè уште истражува. Гледано од каков било агол (освен од модерно циничен кој што лицето го згрчува на ориентална сентименталност) солирањата што синоќа одѕвонуваа во мртвата тишина прекината само од шкрипења на вратите во Универзална сала беа потресни, човечки и интроспективни. Тие, сепак, не завршуваа на депресивна нота. Малуф спомна дека ги слушал и бил под влијание на македонски музичари. Не лажеше и не се обидуваше да ги импресионира присутните. Неговите композиции и најсуштински, лајв-настапот, се движеа на високооктанската енергија типична за овдешни трубачи како Наат Велиов и неговиот „Кочани оркестар“. Тоа значи дека, покрај замисленост, вчеравечер течеа и реки со веселост, фанк, блех-рефрени и ритам-секција, поконкретно тапанар, кој што несомнено растел идолизирајќи го Џон Бонам.

Сето ова ја зовре ситуацијата и доколку светлата не беа запалени аплаузот тешко оти ќе прекинеше без разлика што групата продолжи да свири уште половина час по исцрпувањето на официјалната сет-листа. Ваквиот егзалтирачки прием од публиката би подзамислил кој било солиден изведувач што треба следен да се појави на бина, но Дејв Холанд и неговата суперстар-група значително ја надминуваат оваа дефиниција за квалитет и величина. Така и свиреа. Суптилно, но замрсено. Елегантно, ама бунтовно. Ненаметливо, а сепак, со доволен број периоди кога драмата и трилерот на рокенролот целосно ја преземаа контролата. Гравитирајќи умешно помеѓу пост-бопот и фјужнот четворката го креваше и спушташе звукот како масивни океански бранови. Воглавно ја развиваа приказната од занимлив риф-почеток до нејзиниот логичен финиш, меѓутоа, не ја криеа потребата и за изблици на импровизирање што е и хаотично и агресивно. Отменоста им беше сојузник, а не симбол за скоцкана здодевност.

Енергијата, возбудата и еланот со кои свиреше не покажуваа оти лидерот на проектот пред 20-ина дена наполни 67 години. Неоптоварен од фиксацијата дека досегашната врвна кариера му гарантира пензија на мирен предавач тој е свесен за лекциите што и по половина век активност може да ги научи од помладите. Најстариот од нив, Кевин Јубенкс, очигледно не зар’ѓал од деценијата и пол свирење во групата на комедиското шоу на Џеј Лено. Релативно придушен во изведбата, тој со мал волумен на гитарата без мака реализира огромни идеи. Такви, широки и заплеткани (со левата рака развиваше едни, а со десната сосема други акорди и мелодии) структури креира пијанистот Крег Тејборн. Тапанарот Ерик Харланд, пак, иако е дел од формации и албуми на кои што бомбардира со сложеност синоќа се наметна и со вешт минимализам. Поради сето ова затворањето на 32. по ред Скопски џез-фестивал го видовме низ искусната „призма“ на Дејв Холанд, а претходно и преку имагинативните „илузии“ на Ибраим Малуф, ама ќе го паметиме по нивната опседнатост со потполно иста потрага – по ритмичко чувство и по смисла за свинг.

Слични написи

Остави коментар