21/08/2017

Gravity: Волјата e сила на човечката тежа

Постирано на 17/10/2013 од во Филм

Ругањето на Холивуд отсекогаш ми била активност лесно предвидлива како и крајот на голем број од мегахитовите што се снимаат во јадрото на светската киноиндустрија. По некоја чудна случајност, луѓе кои гласно посочуваат оти не смее да се генерализира по раса, пол, етникум, сексуална ориентација или економски капацитет, најчесто се први во публиката што навива додека на критичка клада се спалува последниот популарен проект излезен од Лос Анџелес. Притоа, огнот е запален, а и во него се долева бензин полн со 98 октани предрасуди. Индивидуалното оценување – дело по дело – е небитно. Етикетата е доволна за дисквалификација. Штом остварувањето излегло од фабриката на забавата и на развратот во Калифорнија мора да е очајно, нели?

Попуштање не се прифаќа. Опуштање е забрането. Препуштањето на вртелешката од подвижни слики е за необразованите, сиромашните, бездруго – за глупавите. Ако веќе гледаш креација од седмата уметност, таа мора – пресудно е – да биде мрачна, сурова, да ти ја потврдува безмилосната реалност. Никако, ниту под најминимален услов, таа не смее да инспирира со јасни и разбирливи пораки. Може, дури е и посакувано, да ти мава боксови со затапувачка сложеност и интелектуално силување. Ако од проекција излезеш збунет како средовечна коала, режисерот гарантирано бил екстремно длабок во реализација на визуелното и во пренесување на текстуалното. Доколку, како и по секој добар поп-албум што со денови непрекинато го вртите, по претставата заминете возбудени и восхитени тогаш сигурно сте дозволиле да паднете на скапите трикови на евтиниот ентертејнмент.

Гледано од таква, европска „арт-хаус“, перспектива Gravity е само уште една, ганц-нова, вртелешка во паркот што не престанува да се шири – Холивудленд. Следејќи го ова провидно стереотипизирање, трошењето драгоцено време на ваков производ (во буквална смисла) е грев поголем од ситнењето часови и згора на тоа – уживањето – во актуелниот бран американски телевизиски серии. По основните параметри, седмиот долгометражец на 51-годишниот мексински автор припаѓа на кино-културата преку Атлантикот. Има колосален буџет од 100 милиони долари. Снимен е со последниот крик на камера-технологијата. Доработен е дигитално, всушност, сè е компјутерски изградено од нула, освен телата, движењата, изразите, односно, актерската игра. Тука, на планот кај глумците, тепихот е нагласено „зацрвенет“. Единствените две ролји ги исполнуваат Сандра Булок и Џорџ Клуни кои иако станаа натпросечни во настапите, сепак, се попознати како ѕвезди отколку како драмски изведувачи.

Овие карактеристики на Gravity се „американски и индустриски“ наспроти „европски и уметнички“, но тие во прифатлива доза го ослабнуваат ова инаку феноменалено дело. Ако кинематографијата е оживување на фантазијата, а вселената последната граница за која што повеќето од нас мечтаат да ја преминат, тогаш филмовите што се обидуваат да ни го приближат космосот се вбројуваат меѓу најфасцинантните отелотворувачи на соништата. „Гравитација“ ова ѓаволски лесно го постигнува со првиот и не го испушта од раце до финалниот кадар. Почнувајќи во темнина, со кус текстуален опис какви се (не)животот и условите во бесконечното пространство „над“ Земјата, сторијата граба со поглед кон нашата Планета Мајка. Во мртва тишина (и особено важно – на огромно платно и во црна кинотемница) таа слика вшмукува и во секунда транспортира стотина километри над државата, градот, маалото и домот каде што го минуваме секојдневието.

Ги нема „Ентерпрајз“ на Пикард и „Ѕвездата на смртта“ на Вејдер, ама во изобилство има вртоглавица, паника, клаустрофобија, напнатост, адреналин, страв, храброст и сè што веројатно е измешано во „утринското кафе“ на вистинските астронаути. Клуни има таков сертификат во Gravity, а Булок е научник и (вселенски) гуштер. Заплетот е генијално прост и убиствено ефективен. Додека тие инсталираат опрема на телескопот „Хабл“, руска ракета погодува нефункционален сателит по што со верижна реакција се уништени и други. Космонаутите лебдат, заедно со шатлот и останатата технологија, а рушевините се приближуваат како грамадни, зашилени, куршуми кои за милисекунда сè можат да збришат. Таа закана, тоа чувство на компресирана смрт што во секој миг е на раб да експлодира и сè да сотре, испира од екранот како солзавец на протести. Во исто време со оваа тензија, очи се навлажнуваат поради балетот со којшто носечките протагонисти натчовечки се обидуваат да се спасат во безводушната бескрајност.

Се забележуваат „цитати“ и навраќања на СФ-класици како „Одисеја 2001“ на Стенли Кјубрик, „Соларис“ на Андреј Тарковски и „Аполо 13“ на Рон Хауард, но Gravity лета барем десетпати побрзо. Притоа, нема заматување или криење под волнени облаци од рудиментарни компјутерски генерирани ефекти. Кристалноста на кадрите вџашува, а деталноста со која се осмислени и заокружени сцените застрашува. Преовладува, дури обзема, се заглавува под нокти, чувството на индивидуална безначајност во контекст на несфатливата величина на универзумот. Нам тоа ни е јасно до последен атом, ама Куарон го претставил како веројатно изгледа таму најгоре, на терен без атмосфера и гравитација, подалеку од бучавата на современата цивилизација. Несомнено, токму достигнувањата на љубопитниот хомо-сапиенс ги превезле Булок и Клуни далеку од своите комфорни дневни соби во неудобните, габаритни, одела кои се единствената заштита од смртоносниот надворешен студ. Мотивот на ваквиот несразмерен ризик?

За карактерот на седокосиот шармер тоа се авантурата и истражувањето, а за неговата партнерка во мисијата – бегството и спокојството. Некаде помеѓу овие четири насоки е сместен моралниот центар на приказната. Првите два сегмента ги раскажува научно-фантастичниот трилер, а останатите се пренесени од вселенската драма. Не е грешка на проектот да се гледа, пред сè, како на грандиозен визуелен спектакл. Некому тоа би му било доволно за да го отфрли како уште едно во низата бесмислени американски кино-шоуа. И ова предубедување губи на значење бидејќи најпресното дело на авторот од Мексико Сити не е исклучиво технолошко волшепство, туку и промислена симфонија на хуманизмот. Знам, ова звучи театрално, холивудски сиренкасто и да, во сценариото има некои клишиња. Ставени во рамки на масивната слика на филмот, како што и би ги сместиле во целокупниот опсег на опстојувањето, тие се подносливи, а на моменти се и симпатични. Така е затоа што Gravity директно зборува и симболично поставува прашања за привлечната моќ – и на планетата и на човекот. Ако за нашето огниште во космосот оваа ролја ѝ е препуштена на силата на земјината тежа, за нас самите, тоа е волјата. Заедничко за двете, пак, е што поседуваат линија која често за влакно нè дели – од животот или од смртта.

Оцена: 92/100

Наслов: Gravity [„Гравитација“, официјален превод]
Премиера: 4 октомври 2013 (САД) / 10.10.2013 (Скопје)
Режија: Алфонсо Куарон
Улоги: Сандра Булок, Џорџ Клуни, Ед Харис
Продуценти: Алфонсо Куарон, Дејвид Хејман
Сценарио: Алфонсо Куарон, Јонас Куарон
Музика: Стивен Прајс
Кинематографија: Емануел Лубеки
Студио: Esperanto Filmoj и Heyday Films
Дистрибуција: Warner Bros.

Галерија со алтернативни постери:

Doaly

Janee Meadows

Matt Needle

Nizam Ali

Paul Jeffrey

Rachael Sinclair

Tom Muller

Peter Stults

Тагови: , ,

One Response to “Gravity: Волјата e сила на човечката тежа”

  1. Кантарот 3 декември 2013 at 03:12 #

    Одличен осврт, да го додадам само и цитатот на WALL-E:)


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>