Evan Parker и Get the Blessing на SJF: Бидете немирни и слушајте британски џез

Скопскиот џез-фестивал знае да биде нежен, да покаже разбирање, да го релаксира и на слушателот да му подготви емпатична предигра во својот неколкудневен октомвриски маратон. Способен е, од друга страна, и да удри директно, од прва, со ураган. Изгледа случајно, а можеби и како најсоодветен одговор на глобалната (економска) криза и на локалната (антикултурна) девиза, последните три изданија ги стартува со предизвик – и за публиката и за опкружувањето. Ако пред две години музичките перцепции моравме да ги преиспитаме поради интелектуализмот на Вејн Шортер, а Ентони Брекстон лани нè измести од колосек користејки го компјутерскиот програмски јазик SuperCollider на синоќешното отворање лимитите ни ги тестираа Еван Паркер и Златко Каучич. Тие не свиреа песни, туку дозволуваа потоци свест да се излеваат од инструментите.

Крајниот резултат, бездруго, не беше за сечиј вкус, но и вистински индивидуалната и оригинална уметност по правило не се оптоварува со бремето на придобивање. Таа е, пред сè, доволна самата на себе додека авторите и изведувачите како Паркер и Каучич се само спроводници што ѝ овозможуваат да се роди на бина пред широк аудиториум. Ова не е конечен процес. Ниту, пак, тој се повторува. Секојпат почнува од нула или се држи до принципот „колку сцени, толку оживувања“. Така и настапот на англискиот саксофонист со словенечкиот перкусионист и во Скопје се одликуваше со чувството оти ова што се отелотворува тука и сега, всушност, и нема да го напушти Салонот на македонската опера и балет. Неоптоварена од какви било стеги музиката на двојката се креира во мигот, отвораше процепи во бетонот и на крајот – таму и си остана.

Нивната речиси едночасовна мрежа од звуци, сепак, беше направена од луѓе за други човечки суштества. Поради абразивноста, непредвидливоста и непријатноста тие нема така лесно да ја заборават, но оние похрабрите – нескротливите – трагачи по екстремно уникатен аудиоизраз веројатно најмногу ќе ја паметат. Комплетно спротивен правец на движење, реакција и перцепција следуваше на Get the Blessing. Помладите островјани изразија почит, нагласија колку постариот претходник бил „амејзинг“ (со акцент на она „а“) и веднаш тргнаа со став, брзина и самодоверба во својата, потрадиционална, но во никој случај помалку вредна форма. Освен преку индивидуалните потреби, краен суд за последново ќе даде историјата, ама во прво лице и одблизу, тоа што четворката го потпишува е издржано и возбудливо претопување на различни искуства и емоции.
Севкупниот амбиент беше филмски. Самите си кажаа дека композициите ги пишуваат замислувајќи високобуџетни холивудски хитови. Воглавно ги почитуваа контурите на трилерот, но во значителни дози вбризгуваа и акција, драма и авантура, а во одредени мигови им отвораа терен на научната фантастика и особено – на комедијата. Стегнати во црни струкирани одела тие зрачеа со одважен ретро-вајб карактеристичен за 60-тите и за 70-тите, ама носталгијата ја држеа далеку од видот и од допирот. Грувот го ширеа како епидемија на смртоносен вирус, а шармот го делеа како купони за појадок. Сето тоа беше опасно зашто ја правеше седечката позиција неподнослива, меѓутоа, ништо не беше евтино аранжирано или површно презентирано. Демонстрираа и контрола и концентрација, но знаеа и кога да збеснат или да се распуштат.

Хуморот, во онаа темна боја што е мешавина од сарказам и од иронија, а е типична за народите преку Ла Манш, се слушаше и во самите песни, но и од луѓето што ги свиреа. За една трака истакнаа оти била инспирирана од Алберт Ајнштајн, кој како мал не зборувал и ги загрижувал родителите дека пати од сериозен проблем за во петтата година да гукне и да се пожали на мајка си за изгорениот тост. Друга тема поврзаа со споменик од новоскопските лавови за кого рекоа дека сонувал да биде француски нувел-ваг актер, но откако со брод преку Атина стигнал до Париз тамошните уметници не го мирисале поради фризурата. Врвот, несомнено, беше тврдењето дека малкумина се свесни оти Александар Велики бил првиот лидер со вселенска програма. Во нејзини рамки, тој го испратил својот слон во космосот, а тој сè уште, и ден денес, е во ниската орбита на Земјата (се појавија легитимни прашања за огромниот elephant in the room).

Целиот овој компетентно музички и проникливо „идеолошки“ пристап на Get the Blessing, заедно со бунтовната напредност на Еван Паркер ме потсети на славната keep calm фраза што и симпатично и здодевно се користи за сè и сешто. Отворањето на 32. Скопски џез-фестивал, пак, ја сврте обратно и делумно ја прилагоди во финалната порака: Бидете немирни и слушајте британски џез.

Слични написи

Остави коментар