28/06/2017

И Волтер Вајт имаше деца за чување…

Постирано на 02/10/2013 од во Телевизија

Изговорот е една од најгенијалните човечки карактеристики. Понекогаш е практичен како одбранбен механизам. Поретко, тој нè штити од ситуации опасни по месечниот џепарлак. Смислуваш дека имаш стомачен вирус, избегнуваш „дерење“, не добиваш кец и на први те подмачкуваат (слободно прилагодете го и за работа). Најчесто, пак, нè брани од самите себеси. Извлекуваш од воздух провиден сертификат за сопствените морално дискутабилни постапки за да се спасиш од непроспиени ноќи и од грижа на совест. Има и историско потврдени ситуации кога самооправдувања се засадуваат во џиновски лични фрустрации.

Стануваш, на пример, сликар. Твориш. Се обидуваш да се истакнеш. Наместо восхит, добиваш презир и исмевање. Потоа се пренасочуваш на следното најдобро нешто – наци(онален) лидер. Ничкосуваш милиони судбини зашто толпата ти верува на небулози од космички пропорции. Тие, всушност, се загубиле во гневот на нереализиран уметник чии скриени огнени јазици за малку не ја проголтале целата планета. Сличен пожар потпали и Волтер Вајт. Носечкиот лик на Breaking Bad, ТВ-драмата што заврши во неделата, за влакно не ги пеплоса најблиските.

А пет сезони милиони гледачи убедуваше во спротивното – дека сè што прави, прави за својата фамилија. Во претходната анализа, со која што ги опфатив 54-те епизоди кои се емитуваа пред едногодишната пауза, наведов дел од мотивите поради кои карактерот маестрално одигран од Брајан Кренстон се претвора од питомиот учител г-дин Чипс во раздивениот наркотрговец Скарфејс. Основен повод за преминувањето на прагот што ќе го одведе на долг пат до дното беше терминалниот рак на бели дробови. Болеста ќе го тресне секавично како што залетан скопски цепач чисти луѓе од пешачки премини на празна „Партизанска“.

Оваа каписла ќе го поттикне да отпочне производство на безмалку совршена вештачка дрога – метамфетамин – а тоа ќе иницира верижна експлозија од причини поради кои мирниот наставник по хемија ќе лаже, манипулира, злоупотребува и по некое време: ќе кова перфектни планови за атентати кои што ќе му ги реализираат пропагатори на семоќта на американските белци. Последните осум продолженија извонредно вешто ги заокружија речиси сите нишки на разгранетата измислена приказна. Имајќи предвид оти таа на голем број нивоа се пресликуваше од стварноста, финишот на гледачите им остави долг список со прашања за одговарање.

Не за тоа кој од преживеаните ликови во која дивина ќе се осами или каква кариера ќе брка со торбата полна тазе купен идентитет. Дилемите кои Breaking Bad ги отвора и по нараторски непропустливото финале се суштински поврзани со низа индивидуални стапици и општествени препреки. Најмногу, тие важат за Америка и за средната класа која што до пред некоја година оваа држава ја тегнеше напред, а сега е осудена да се влечка во кал мачејки се да преживее. Тегобите со кои е принудена да се бори армијата од работници, професионалци и високообразовани семејни луѓе, а на која ѝ припаѓа и Волтер Вајт, се фиксен елемент од кој што нашиот клет полуостров никако не може да се откине.

Некаде на оваа линија телевизискиот лик креиран од Винс Гилиган по спуштањето на завесата на шоуто ме инспирира да воспоставам линк меѓу антихеројот и Македонија. Бројни сличности можев да синхронизирам со земјава, меѓутоа, една отскокна. Таа се сведе на заклучокот дека гнасотилаците на Хајзенберг и одвратностите што со наше премолчено аминување овде се случуваат се базираат на потполно ист изговор – „имам деца за чување“. И Волтер Вајт имаше, но поради потиснатиот гнев, нереализираните соништа и пустиот страв да не го загуби и тоа малку што го има, неговите наследници ќе мора да ја исплаќаат штетата и да ги чистат рушевините што тој зад себе ги остави. Не со пари и не од плоштадите (во Албакерки). Туку со години на преиспитување со недоумицата која ќе им виси над глава – дали и тие при првата поголема потешкотија ќе измислуваат самооправдувања од чии последици и за идните генерации нема да има (безболно) оправување.

Фотогалерија од постери од Francesco Francavilla за секоја од последните осум епизоди. За да ги видите илустрациите што ги изработи за останатите 54 посетете го неговиот Tumblr профил.

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>