The Ocean – Pelagial [Metal Blade, 2013]

Непромислен ризик превземаат бендовите кога одлучуваат да изработат звучна слика на една, единствена, џиновска и осамена, идеја. Кога е во прашање чувство, степенот на рискантност скока до небо. Тука не мислам на емоции што подмачкано влегуваат во графи. За љубов и омраза, среќа и тага, фрустрација и егзалтација, за сè помеѓу и за сè над сето ова набројано се пеело, се свири и ќе се организираат турнеи и во иднина. На ум, а очигледно и на (дигитален) друм, ми е нешто далеку поапстрактно. Неопипливо и недостижно. Замислено. Често, дури и неискусено. Само зготвено, фино подварено и пропржено на плотна како кинеска храна. Таквиот филинг се потпира на фантазијата. Се гради на темелите на други лекции извлечени од фактички ситуации, наместо на доживување во прво ХД-лице. Спуштањето до дното на океанот бездруго се вклопува во ова мое емпириски непоткрепено размислување.

На новиот студиски албум, Pelagial, германско-американскиот колектив The Ocean се ослободува од кочниците и се впушта во авантура наречена „концептуално издание за надолно движење низ океанските зони и допирање на крајната точка – дното“. Колку што знам, членовите на групата основана во 2000 година не се храбри истражувачи на „Големото синило“, ниту, пак, навеле оти се возеле во „Курск“ пред да потоне. Затоа и обидот со музика да го насликаат нурнувањето (по ѓаволите и) во морските длабочини е коцкање – креирано од имагинација, не од пракса. Истата причина, пак, повеќепати ја зголемува вредноста на успехот во доловувањето на чувството. И мојата перцепција е, несомнено, базирана на индивидуална фикција (или на бескрајно гледање на „Амбис“ на Џејмс Камерон), но и со таа резерва на памет, за колекцијава се непобитни неколку факти – таа е тешка, клаустрофобична и тензична.

Како што се ближи кон крајот, така материјалот го зголемува притисокот. А стартува со сталожен вовед. Предвесник е веројатно попрецизно. Пијаното, кое се провлекува, наметнува и се истакнува и во понатамошниот тек, на Epipelagic се лула, како питомо разбрануван океан, навестува дека сме на површината и безгрешно го отвора патот за потопување со Mesopelagic: Into the Uncanny. Заронувајќи елегантно, со слајд-акорди и потресно виолончело, таа отпрвин лебди со правилен такт којшто еволуира во бесни и хаотични испади и се одјавува со ударност како на китовска опашка. На Bathyalpelagic, што е фрагментирана на Impasses, The Wish in Dreams и Disequilibrated, тоа прераснува во токмак-интро кое набргу добива оперски димензии пред да се зацврсти во непарен хедбенгинг-фест. Хардкорот тука скока, се ломи со клавишите, успорува, па забрзува до технички дет-размери и со мегагрув и соло го затвора циклусот до Abyssopelagic.

Првиот сегмент од оваа дводелна трака, Boundless Vasts, можеби бидејќи е сместена на самата средина, нè враќа на стартниот риф и го отвора второто парче од плочата. Тука, по Signals of Anxiety, сè станува помедитативно. Отелотворено во поамбиенталните и пост-рокерски инструментални решенија бендот ја отсликува огромната длабочина во која што сме стигнале. Со Hadopelagic нè запознава краткиот прелом Omen of the Deep, а Let Them Believe со прекршен танц на шесте жици, надополнет со оркестрации и со разиграни тапани, ги открива привиденијата изродени од смртно високиот подводен притисок. Како што вели и поднасловот, когнитивната дисонантност е суперпаралела на спротивностите содржани во Demersal, додека на Benthic: The Origin of Our Wishes сè треснува одново и одново со слаџерска мачнина и со гитара разлупана како гневен митолошки монструм кој џиновските краци ги собрал во тупаница. До таа точка The Ocean нè доведува со несовршена подморница што користи хардкор гориво, навигира со метал-радар, прави оброци со рок-вокал и системот за живот го одржува со класика. Збиени во компактен челичен микс тие на најстабилен начин го приземјуваат Pelagial на подводниот патос на Земјата – или во најмрачните длабочини на хуманоста коишто и капетан Немо се обидуваше да ги расветли.

Оцена: 84/100

Артист: The Ocean
Албум: Pelagial
Датум на објава: 26 април 2013
Продуценти: Робин Стапс и Јенс Богрен
Издавач: Metal Blade

Листа на песни:
1. Epipelagic – 1:12
2. Mesopelagic: Into the Uncanny – 5:56
3. Bathyalpelagic I: Impasses – 4:24
4. Bathyalpelagic II: The Wish in Dreams – 3:18
5. Bathyalpelagic III: Disequilibrated – 4:27
6. Abyssopelagic I: Boundless Vasts – 3:27
7. Abyssopelagic II: Signals of Anxiety – 5:05
8. Hadopelagic I: Omen of the Deep – 1:07
9. Hadopelagic II: Let Them Believe – 9:17
10. Demersal: Cognitive Dissonance – 9:05
11. Benthic: The Origin of Our Wishes – 5:55

Слични написи

Остави коментар