Слобода и затвор во „Соба со пијано“

Како вообичаено го замислувате затворот? Мене, на пример, за овој збор ми се врзани две искуства. Првото, понаивно и восхитувачко, го доживеав како клинец. Растејќи во голема земја со мали републики неодвоени од ситни нешта како граници возбудата се манифестира во гледање филм за бегство од Алкатраз, остров од чии водни бедеми наводно никој жив не се спасил. Тоа го промени кој друг ако не Клинт Иствуд. Второ, посурово и потраорно, вкусување на занданите дојде со „Тетовирање“, кога огромната заедничка држава почна да се стеснува, а оградите стануваа сè поцврсти и сè повисоки. Следствено на ова, како ја дефинирате слободата? Лично и конкретно, ова чувство го добивам кога лутам и се потам низ планински лавиринти, а апстрактно, кога искрено сум уверен оти правото на изразување ми е нечепнато и е заштитено од канџите на дивјаците. На одредени рамништа или од повеќе различни агли, „Соба со пијано“ ги обработува двете спротивни состојби – на папагалот во кафез и на јастребот во лет.

Последниот наслов на режисерот Игор Иванов-Изи има нетипичен наратив. Солидно се дистанцира од филмските конвенции, пренесува седум животни текови составени од повеќе човечки судбини, а сепак раскажува една приказна – таа на хотелската соба во која со години скапува пијано кое или е сосема обично или, пак, има славна концертна историја. Трошниот инструмент е тој што ги засидрува случувањата, а четирите ѕида се единствена фиксна точка во опкружувањето. Не само што не мирува, околината лебди, ги заматува границите помеѓу минатото, сегашноста и иднината, а малата квадратура стои стамено и самоуверено, сама за себе. Просторот надвор, останува таму, исклучен е од настаните. Понекогаш, како фрагмент, се вклучува во дејствието, но не му влијае. Поради тоа, градот надвор делува универзално, може да го претставува кое било место на планетава. Јазикот на менаџерот на објектот и исечоците од весници го сместуваат во Македонија, веројатно во Скопје, иако името на метрополата не се споменува.

На линија на оваа прилагодливост се засебните стории за кои, исто така, се навестува од каде потекнуваат според македонските, германските, еврејските и турските зборови кои ликовите ги употребуваат, но и тие лесно можат да си ги сменат позициите или да важат за други (архе) типови. Спротивно од еластичноста на екстериерот, ентериерот е статичен. Причината за тоа е позната – тој на сите карактери им е оаза каде што можат да се чувствуваат целосно свои. Или им е остров којшто им овозможува бегство од сè наоколу, а неретко и од самите себеси. Го замислуваат и како попатна станица, како штица од која што ќе отскокнат кон поубав живот. Му ја даваат ролјата на соновник, во којшто наместо толкување, се запишани желбите на засегнатите. Обичната соба ја претвораат во чистилиште во чиишто кругови своеволно се вртат со надеж и верба оти така ќе си ги измијат гревовите. Таму, во таа крајно секојдневна просторија со одвај еден вреден предмет, одат да се надеваат, да стагнираат и да забораваат. Напросто, да бидат слободни.

Во таа точка се кристализира оти тоа маглосување од сопствената и од колективната мачна реалност, таа штипка за затнување нос поради фекалиите што не се намалуваат, туку натрупуваат, тој лет за спас од чувството дека со желбите чекориме напред, а од прагматизмот сме влечени назад, сè ова заедно се оформува во – затвор. Без разлика дали станува збор за лични потреби или за општествени проблеми (во филмот првите преовладуваат, но и се повразни со вторите) нивното реализирање во изолација или игнорирање во карантин не доведува до ослободување, туку до заточеништво. Кога, на пример, нашиот најтесен и најмил универзум – родниот град – силеџиски го задушуваат со циркузантски градби, карикатурни споменици и панаѓурски менталитет, повеќето од нас, откако ќе сфатат дека се безначајно малцинство, мирот и задоволството го бараат во малиот круг со најблиските, во екстремно ограничената културна понуда, во книги, музика, алкохол, дрога, во сенешто и во ништо. Понекогаш тоа функционира. Другпат е и нужно. Најчесто, пак, тоа што привремено нè избавува трајно нè осакатува.

Така и ликовите во филмот: отпрвин доаѓаат кај клавирот за да живеат, а на крајот се враќаат за да умрат. Не сите, секако, и не е целата сторија до тој степен фатална. На искрените, добродушни, сонувачи им е доволна трошка среќа што ќе ги поттурне и охрабри да го пречекорат прагот што го издвојува махиналниот марш во колона од исполнувачкиот трк без контрола. Овој, како и останатите контрасти и нијанси кои, сепак, се врзани со носечката нишка – хуриетот – не се ниту недопрени, необработени, ниту непознати. Најтазе додатокот во долгометражната македонска кинематографија поради тоа, но и како резултат на повеќе сценаристички клишиња, актерски падови (најмногу кај домашните глумци) и одреден број неубедливи визуелни моменти не е револуционерно дело што поместува арт-планини.

Поентата, меѓутоа, е дека проектот свесно не влегува во претенциозно убедување оти е грандиозна креација. Напротив, ова е мало остварување неизмерно гордо со своите големи ликови и огромна порака. Неважно е што не е совршено наштимана. Небитно е што не е безгрешно варосана. Незначајно, на крајот на краиштата, е и дали е доволно добра за да биде номинирана или, пак, за да добие каква било златна статуетка. Клучно – есенцијално – е што „Соба со пијано“ невоздржано, храбро и повеќеслојно го отвора прашањето за насушната човечка потреба за слобода во време кога и домовите полека ни ги преобразуваат во затвор.

Оцена: 73/100

Наслов: „Соба со пијано“
Премиера: 14 септември 2013
Режија: Игор Иванов-Изи
Продуцент: Томи Салковски
Улоги: Наташа Петровиќ, Васил Зафирчев, Торстен Вогес, Јагода Кумриќ
Сценарио: Жанина Мирчевска и Игор Иванов-Изи
Музика: Чили Гонзалез
Издавач: „Скопје филм студио“

Слични написи

Остави коментар