20/08/2018

Роџер Вотерс во Белград: Ѕид, ѕидосано…

Постирано на 06/09/2013 од во Албуми, Музика

Кога власта, општеството, опкружувањето или напросто, животот, нè плескаат со изгор затилници во вид на неочекувани пречки, ненадејни сопки или незамисливи можности, фасцинантно е дека најголемиот дел од нас најпрво се фаќаат за иста сламка. Дали таа има форма на доверување и инспиративно зајакнување врски со најблиските? Или се состои од возбудливо информирање и подготвување за претстојните битки? А можеби, пак, тогаш се создава црна дупка од незаинтересираност и амбивалентност кон целата однадвор наметната ситуација? Има индивидуи кои во мигови на битни или безнајачни преиспитувања цврсто газат по дел или по сите овие наведени патеки. Мноштвото, од друга страна, кога е соочено со рид или со планина од предизвици или шанси, сепак, се граба за една, единствена, јамка – стравот. Токму тој е јадрото на турнејата The Wall со која што Роџер Вотерс, бившиот член на Pink Floyd, во неделата го посети Белград.

Стравот, без разлика дали личен или колективен, гради ѕидови. Авторот на сложената и славна двојна плоча од 1979, кој денеска наполни 70 години, околу оваа порака го подигнал грандиозното, скапо и забавно рок-шоу што од 2010 е поставено над 215 пати на сите континенти освен Азија и Антарктикот (ова би било ептен кул, нели). Идејата Fear Builds Walls концертот ја пренесува двонасочно – буквално и симболично. Првото го постигнува со фактичко кревање ѕид од картонски „цигли“ меѓу бендот и публиката. Второто го остварува со низа минорни и огромни сегменти кои ја креираат конекцијата меѓу перформансот и текстуално-музичката страна на изданието. Иако ниту одблизу безгрешен The Wall е моќно заокружување на квадриптихот (мхм, токму тој збор го употребив) од концептуални збирки што Pink Floyd го почна со The Dark Side of the Moon во 1973 година.

Како и самото остварување речиси целосно потпишано од Вотерс, а на кое доминираат куси снимени парчиња наспроти вистински песни, така и сценската изведба повеќе се потпира на продукција отколку на силата на компонирањето. Ако студиските трикови при слушање во дневната соба ја затскриваат оскудноста од јаки нумери на бина оваа слабост е претворена во предност баш од давањето слика на тонот. Интрото од филмот „Спартак“, како и неколкуте пораки на телефонска секретарка, заедно со делчињата кои се накитени зад микс-пултот, оживуваат со сета пиротехника, камери кои светат како хеликоптери, макети од авиони кои се уриваат и џиновски кукли кои иако имаат степен на комичност будат чувство на бизарност, одбивност и на крајот – морничавост.

Елементиве се подвлечени и од севкупниот тон на концертот кој ја стишува химната за отуѓувањето и за нарцисоидноста на рок-ѕвездите што ечи на албумот, а ги нагласува антивоената и антикапиталистичката порака. Првото, надополнето со дистописки стајлинг, секвенци за контрола од родителите, образованието и од религијата, како и изолацијата што е (само)наметната, е присутно на цедето и е верно претставено во лајв-амбиент. Второто, пак, е единственото парче што има потенцијал (не кај секого) да разбуди негативни асоцијации бидејќи тоа е минимално вклучено во приказната на дискот, а пред публиката е претерано истурено во преден план. Иронијата во оваа точка е пресилна. Вотерс издвојува логоа на корпорации како „Шел“, логично ги поврзува со системите на злоупотреба и трупање пари, а самиот тој има недоброени средства во инвестициски фондови и учествува во настап за којшто билет чини колку третина од месечната плата во Индија. Кога на тоа ќе се додадат и слики од изгладнети деца прикажани на скапа опрема за проектирање крајно е истакнат клише-филингот на изглумена богаташка грижа на совест.

Доколку, сепак, сме реални и погледнеме кон себе, станува јасно оти конфликтноста и контрадикторноста и самите ја живееме: се тресеме и потиме за мали и мегафирми, а во исто време грутка ни создава нивната неправедна дистрибуција на богатството. Ако за јајцето можеме да испееме „ѕид, ѕидосано, вар варосано, нигде ѕирка ни проѕирка“ антикапиталистичкиот момент буши дупка во лајв-бедемот на англискиот музичар, но таа не е ниту приближно доволна за да го сруши впечатокот на воодушевување. Во најголема мера тој е резултат на доживувањето со очи наместо на искусувањето со уши. Нема дилема, звукот и бендот беа врвни, речиси без промашување, меѓутоа, публиката со глас и во хор беше најбучно вклучена само на Another Brick in the Wall Pt. 2, Mother, Goodbye Blue Sky и на безвременската Comfortably Numb. Останатиот дел од сет-листата предизвика екстаза повеќе поради продукциските ефекти, а помалку како резултат на самите нумери и на изведбата.

Аналогијата и тука е сосема очекувана затоа што плочата отсекогаш бил поценета како студиско-продукциско достигнување отколку како колекција на бесценети композиции што функционираат и самостојно, а не само како ситно шрафче во гиганска машина. Восхитувачкиот успех на концертот во Белград (и верувам секаде каде што допатувал) се должи на фактот што овој широкоекрански настап во ХД-резолуција е реализиран како што албумот е снимен. Повеќе опера од рок, театар наспроти свирка, шоу отколку изведба, The Wall на Роџер Вотерс е сè што и самиот тој, како еден од основачите и носечките фигури на Pink Floyd, го претставува – поголем од животот, поитар од просечноста и посилен од стравот.

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>