Iceage – You’re Nothing [Matador, 2013]

Лесно е денес да создадеш поткована, умна и писмена музика. Колкумина решаваат, се обидуваат и успеваат тоа да го направат е друго прашање. Јајце на око се пржи побрзо, а за оброк со салата, супа и вкусно главно јадење треба желба и трпение. Интернетот, сепак, овозможи да живееме во ерата на најголемата виртуелна училница во која било историска ера. Сега речиси сè е достапно на дланка – од рецепт за ајвар, преку шема за произведување 3Д принтер до материјали со кои секој може да си конципира курс по аудиоизраз според лични потреби. Паралелно со ова интелектуално издигнување или поточно, со опцијата тоа да се случи која ни виси над глава, се одвива и континуирано оддалечување – бегство дури – од вродените пориви на човекот како животински вид. Ако нè снајде закана, без разлика дали на индивидуално или на општествено ниво од алчни и крволочни властодршци, попрво ќе напишеме филозофски трактат во статус на „Фејсбук“ отколку да дозволиме гневот да нè води во акција против статус-квото.

Пронаоѓањето рамнотежа, пак, меѓу начитаност и разбеснетост во звук и во зборови е уште потешко, особено ако младоста е клучен фактор. Данците Iceage, кои в петок ќе настапат во скопскиот Младински културен центар, со овој жежок костен се зафатија на деби-албумот New Brigade, без поголема мака го исконтролираа, а веќе на You’re Nothing, тие жонглираат со внатрешната лутина и со надворешните лекции извлечени од постарите панк-генерации. Црпејќи од необработеноста на The Stooges, по малку од дисонантноста на Black Flag и заокружувајќи сè со абразивноста на The Fall, квартетот од Копенхаген е сурово див, бучно невоздржан и енергично несопирлив. Спротивно од ова, тие оставаат доволно простор во стилот за влијанијата да испливаат на површина, но не и да се претворат во џиџана, дизајнерска, „Пауер поинт“ презентација на сè што овие клинци разбрале од манијачко вртење страници во хардкор-литературата. Тие не ја кријат интелигенцијата, ама и не се срамат од сопствениот инстинкт.

А тој, на првенчето и уште понагласено на следбеникот, напросто – џрџнува. Најпрво ја покажува силно црвената боја во фонијата што ја отвора Ecstasy и набргу се разлева во пулсирачкиот ритам, шилестата гитара, невротичниот вокал, подмолниот бас и во сите 11 песни до крајот на дискот. Стилизираност има, но од неа не се десеткувани крвта, потта и солзите. Мелодијата се прикрадува во рифот на Coalition и одвреме навреме се истакнува и во останатите композиции. Нетипичноста бендот ја демонстрира ставајќи го интермецото по само две траки, а на четвртата, Burning Hand, назабеноста забавува, гризе со средно темпо, но тоа веќе на In Haze се врти за 180 сетепени. Зарипнат, гласот превзема контрола, шестте жици денсаат развеселено, по што сè пак се сталожува на Morals, сега со пијано, марширачки ритам и војничка строгост. На Everything Drifts сè на стартот лебди на бас-линијата па запаметливиот риф и рефрен од нумерата прават еден од лајв-фаворитите на и онака концертно податливата колекција.

Скршените срца, наместо расплачено и ожалостено, на Wounded Hearts се отсликани во конфронтирачки, ама и заразен, бараж од инструменти, како и во ла-ла-вокал измислен за хорска придружба од публиката. Ѕверштината е најизразена на It Might Hit First, која е микс од ноиз, д-бит и проблесоци на грајнд, а скоро истиот спој вози и на Rodfæstet, со таа разлика што е делумно прочистен и сконцентриран. Наместо со шок, будењето на Awake се одвива со леплива, електрична, гитара и бас што упорно дроби одоздола. Влажноста на гаражата доминира со You’re Nothing, а фронтменот низ наострени заби, преку закрвавени очи, накострешена коса и со распенавена уста вреви додека песната, а со тоа и албумот покус од 30 минути, не се распрсне на ситни парчиња – и навнатре и нанадвор. Финалнава експлозија е резултат на панк-стил кој не поместува жанровски планини, но е младешки, свеж, умен и полн со адреналин. Со изразот, а и со плочава, Iceage нема да ја поттикне сеопштата револуција што ја сонуваме, меѓутоа, како сите да сме вакцинирани против нејзиното отопочнување. Тоа што, сепак, четворката ќе го инспирира е заклучокот за којшто сме потајно свесни – дека сме тромаво и безопасно џиновско н-и-ш-т-о. Ништо.

Оцена: 82/100

Артист: Iceage
Албум: You’re Nothing
Датум на објава: 19 февруари 2013
Продуценти: Iceage и Нис Бистед
Издавач: Matador

Листа на песни:
1. Ecstasy – 2:29
2. Coalition – 2:03
3. Interlude – 1:44
4. Burning Hand – 3:22
5. In Haze – 3:01
6. Morals – 3:21
7. Everything Drifts – 2:41
8. Wounded Hearts – 2:29
9. It Might Hit First – 1:22
10. Rodfæstet – 1:45
11. Awake – 2:27
12. You’re Nothing – 1:45

0 коментар

Слични написи

Остави коментар