Iceage во МКЦ: Бомбардирање напред до леденото доба

Сигурно не со ворп 10, но брзо ќе дојде времето, можеби додека да трепнеме, кога и ние, како андроидите на Филип К. Дик, ќе сонуваме електрични овци. Или напросто, од јагниња од крв и месо ќе нè еволуираат во бајчиња од струјни кола и тела навезени во 3Д-принтер. Дотогаш само ќе се сомневаме дали наркотичната техно-зависност нè ослободува или нè подмачкува за побезболно да се настроиме во стадото за стрижење. Дел од оние со црна волна – не сите – ќе ја надитрат фабричката лента, ама остатокот, под влијание на магијата на чичковците со стапови в раце, попрво ќе ги жигосуваат како лудаци, отколку да ги слават како херои-клетници. Свесен сум дека прекардашив со воведов. Драмата, сепак, верувам оти беше нужна. Данските панк-рокери Iceage во петокот одржаа моќна, вознемирувачка, екстремно дехуманизирачка свирка, каква што Скопје одамна не доживеал, а целосно ја заслужува.

Со таков тон и скопското дуо vveltschmertz ја отвори вечерта. Нивната изведба, не само што не ја доживеав, туку и не можам со цел памет да ја дефинирам како музика. Изјава, бучна, конфронтирачка и апстрактна, тоа бездруго беше, но под планинскиот венец од дисторзија и педал-ефекти (свесно) немаше песни. Примениле симпатична и намерна правописна грешка, ама тие се именувани според термин на германскиот романтичар Жан Пол (Рихтер). Со него е опфатено чувството кое човек го искусува кога е свесен оти физичката реалност никогаш нема да ги задоволи потребите на умот. Аналогно на тоа, конкретните звуци на двојката беа интригантни и смислено непријатни, изгледа со цел да предизвикуваат, наместо да насочуваат, меѓутоа, (барем за мене) беа преголем или претерано кодиран залак. Ова радикално изземање на хуманоста, сепак, се покажа како соодветна најава за повообичаениот, но и понатаму морничав туш на Iceage.

Користејќи траки од двете свои изданија – повеќе од новата You’re Nothing отколку од дебито New Brigade – бендот од Копенхаген звучеше, помалку или повеќе, перфектно, како што Шелдон гарантирано ги шнира врвците од патиките. За разлика од The Big Bang Theory (и без разлика што мислите за серијата) клинците на платото пред кино „Фросина“ беа скаменети. Мртви, не. Сериозни – стопроценти. Фокусирани на – а може да се каже и соединети со – инструментите, 20-годишниците не се ни обидуваа да ги исполнат вообичаените протоколи за концертна комуникација. Очигледно, тоа е ср’ж на нивните настапи: да звучат дистанцирани дури од сопствената музика со цел да го насликаат растојанието што помеѓу индивидуите и колективите секојдневно и можеби и неповратно се зголемува. За панк, тоа на прво слушање делува малку неприродно. На бина, тоа чувство на нагласена резервираност сакалдисува, но и освестува.

Квартетот на втората авторска збирка е попрефинет отколку на првенчето. Интересно е што пред Младинскиот културен центар звучеа, условно кажано, уште поисполирано. Во тоа немаше ништо вештачко. Гнев, страст, разочарување, сè грмеше од изведбата на членовите. Им се гледаше и во очите, но токму дотука, не и подалеку. Натискувајќи ја лутината до ниво што осигуруваше оти ќе се забележи, ама не и да се преточи во хаос и насилство типично присутни на жестоки панк-перформанси, како да креираа модел на убедливото мнозинство припадници на модерната цивилизација. Низ стихови тие ги осудуваат лажните морализатори и провидните коалиции, додека низ звук, прстот го вперуваат кон себеси, а со тоа и кон слушателите – во живо или во удобни домашни услови. Потполно истите овие причини ги прават Iceage обеспокојувачки за вртење на свој, затворен, терен и уште повеќе надвор, пред секого од нас. Едноставно, јасно е дека составот погаѓа вистинска, болна, жичка кога ја слика смрзнувачка природа на современото (дигитално) битисување. Затоа и со оглед на тоа што ние сме веќе таму, за нивниот настап во Скопје не може да се искористи онаа американската: Bomb them Back to the Stone Age. Грстот луѓе што одлучи да се појави на бесплатното гостување на овој бенд во подем (кој со следниот албум многу веројатно ќе експлодира во инди-меинстримот) беше почастен со нешто далеку подобро. Тие во обична петочна вечер беа бомбардирани напред – до леденото доба.

Фото: Александар Михајловски







Слични написи

Остави коментар