Фонија – Мојот пекол [НЗ / SN, 2013]

Односот кон македонската музичка традиција изминативе неколку години отприлика има ваква форма: земаш стара песна, што попреработувана тоа подобро; Ја клукаш со дигитални студиски стероиди; Врз извитоперената мелодија снимаш процесиран, уште поискривоколчен вештачки глас; На прес-конференција бомбастично ја најавуваш како „доближување на исконското до младите генерации“; Си лапаш субвенции и купуваш евтин шампањ, се бањаш со него, а и откако ќе се исуши и ќе се лепиш како бродски лак и понатаму ќе си замислуваш оти си модерен продуцент од рангот на Кание Вест. Интерпретацијата, која треба да биде твој, личен, издржан, поглед на вредност што со децении се штитела сама од сите, без државни решенија, е навредливо грда. Тебе, пак, битно ти е дека си кренал џева, си направил помпа и најважно – пред зграда си фраер и покрај тоа што во неа одамна не живееш (преселен си во петособен стан во строгиот центар на Скопјехетн 2014).

Искрено верувам оти „Фонија“ не се мотивира од вакви локал-кретеноидности. „Мојот пекол“, нивниот нов албум, сепак, ми звучи како ода, има дух на невоздржано љубовно писмо адресирано до овдешната аудиотрадиција. Не чалгиската, црковно-византиската или самоубиствено тажачката, туку таа што почна да струи по Втората светска војна и која се претвори во стабилен ветер на поп-фестивалите во 70-тите години. Евергрини, така денес ги нарекуваме. Пристапот кон мелодијата што токму тие го имале ја движи четвртата авторска колекција на скопскиот состав. Ова мое гледиште можеби е наивно и како што триото вели дека е заслепено од книги и стихови во кои верува („Се будам пак“), така и јас кај нив го слушам Драган Ѓаконовски – Шпато. Изразот на групата од стартот е панк со певливи рефрени и решенија. Суштината на правецов е американска, попрецизно дури – калифорниска. Тоа значи и неговите мелодии се такви, брановидно океански, со The Beach Boys како најстар предок во не толку старото семејно дрво.

Таа жанровска предодредност „Фонија“на „Мојот пекол“ ја видоизмениле, а веројатно и целосно ја преориентирале кон запаметливоста специфична за овдешниве простори. И самата таа, несомнено, има западно потекло. Успешноста на подвигот на бендот, пак, се мери со степенот на природноста со која сето тоа звучи на македонски. Некому ова би му изгледало етноцентрично, меѓутоа, ако така го сфати, дебело ќе згреши. Тука не се мисли на племињата според кои сакаме да се делиме, туку на територијата што нè обединува, како и на тоновите, нотите и на хармониите кои нон-стоп кружат околу нас без разлика дали ги забележуваме или ги игнорираме. Затоа кога велам дека албумов е изворен поп-панк не мислам оти се работи за локализирана фотокопија на издание од Fat Wreck Chords од средината на 90-тите. Ова е збирка на која крајно американскиот стил е одомаќинет. Композиторски гледано, се работи за драстично припитомување на аудиолиниите до ниво што ни е нам инстинктивно најпрепознатливо.

Веселата верзија на општествено бесниот правец чии темели ги поставија Bad Religion и Social Distorsion бездруго не легнува на сечие уво, но тие што ја слушаат веднаш ќе забележат колку младото трио е созреано. Тие се потврдија како автори со ланскиот „Зелен, сончев ден“, ама со најтазе остварувањето уште подетално се дефинираат. Не само што се вешто подредени, меѓу свежите десет траки речиси и да нема пополнувачи на дупки. Отскокнуваат „Најдолгиот пат“ (чиј заразен лид е перфектен „конец филма“), „Седам и чекам“, „Мојот пекол“, „Излези“, „Сакам да згрешам“ и „Овој ден“. Токму во последнава е отелотворено сè најдобро на дискот и сè што недостасува од осакатената музичка јавност во Македонија. Полетна, леплива, со умни стихови („не ми требаат рибите во морето…нека го најдат својот блескав мамец“) таа има моќ и побитно, би требало да навлече стотици, а зошто да не и илјадници млади луѓе – според години и сфаќања. Тие најпрво ќе се идентификуваат само со неа за потоа да се пронајдат и во комплетното цеде. Ваквото лесно исцртување линија на поврзување е овозможено од причина проста како грав: мрачниот ад којшто „Фонија“ го врамнотежува со ведри, но не и празноглави, песни е нашиот, заеднички, пекол.

Оцена: 85/100

Артист: Фонија
Албум: Мојот пекол
Датум на објава: 3 септември 2013
Тон-мајстор: Ненад Трифуновски
Издавачи: Направи заедно / Sixtynine

Листа на песни:
1. Излези – 2:59
2. Сакам да згрешам – 2:26
3. Овој ден – 2:30
4. Ова не сакам да бидам – 2:32
5. Се будам пак – 2:31
6. Мојот пекол – 3:15
7. Тука си – 2:18
8. Седам и чекам – 2:30
9. Не постојам – 2:35
10. Најдолгиот пат – 3:45

Слични написи

Остави коментар