Deafheaven – Sunbather [Deathwish Inc, 2013]

И пост-рокот и блек-металот во своите најшироко сфатени жанровски форми се како измислени за јодлање. Не, секако, за конкретниот германско-алпски стил на пеење, туку за впечатокот на бесконечно дудлање што истиот тој вокален израз знае често да го создаде. Ако типично безгласните и специфично врискачките практиканти на првоспоменатите два правца пуштат ум на креативен друм како што кравар заборава стока на висорамнина нивниот краен резултат ќе биде напросто – расеан. Одреден степен на дефокусираност, на ослободување на внатрешното животно од прангите, е нужен за обете гитарски инклинации, но кога тоа е во разумни дози, а доминира концентрацијата, финалниот продукт е разурнувачки. Налик на моќта на тупаницата. Сите можеме со неа да мафтаме силно и налудничаво, ама токму поради таа ненасоченост ништо нема да погодиме. Доколку, пак, прстите ги стегнеме обучено, со цврстина здобиена од вежбање боречка вештина, ударот ќе руши облакодери.

Иста снага за разнесување на личните и колективните уметнички претстави содржи Sunbather, вториот студиски албум и магнум-опус во досегашната кариера на Deafheaven. Излеан како монолит, како единствено, компактно и компатибилно, парче звук, материјалот е нагласено тежок, исклучително збиен и неверојатно изострен. На моменти се отвора пред слушателот како што каскади од бетон би се растуриле со домино-ефект, а во други мигови го поттикнува восприемачот да се посвети на уникатен тон или аудиорешение. Нема тука ништо пријатно за уши, барем ако под тоа подразбирате нежен ситар и мелодии за релаксакција. Ако, пак, припаѓате на класата што обожува да ровари низ личните и општоприфатените норми, ќе ја забележите медитативната природа на плочата. Таа е пофреквентно примално аскетска, а поретко цивилизирано молитвена. Со неа бендот спроведува темелно клистирање мисли, стравови и надежи.

Ова, нема сомнеж, е мрачна колекција, меѓутоа, не и патетична, понизна и предвидлива. Првиот блесок на неочекуваност светнува откако ќе заклучите дека вриштењето од нордиските шуми и елегичноста на шкотските планини се спојуваат во вртлози од гитарски крешченда. Во оваа точка пост-рокот и блек-металот најелеганто се претопуваат. Има човечки напор во сето тоа, постои врвна креација, а сепак, Deafheaven го извеле како двата правци да растеле во иста утроба, се отуѓиле по раѓање и сега на Sunbather пак се обединиле. Генијалноста притоа е срочена во констатацијата дека составот не прави сувопарно врзување на две навидум контрадикторни стилски ткива туку со нивното збратимување слика пејсажи на хумани емоции и бестијални вродени инстинкти. Звучните насоки со кои тоа е постигнато се студени, дистанцирани и сурови, но освен со овие, збирката е исполнета и со нежни, кршливи и потресни бои.

Ништо од ова не е очигледно. Сериозен можеби не, ама за најпрво да се пронајдат и потоа да се доживеат сите крупни подвизи и ситни детали нужно е вложување напор од слушателот. Набљудувано површно, со внимание како да вртите сингл од Џастин Бибер, материјалот е монотон, со буквално ист ритам и без трошка рима. Ако, пак, со музиката воспоставувате двонасочна конекција, доколку ја третирате како ентитет којшто се (до)оформува врз основа на личните искуства и за тоа возвраќа повеќекратно во цедево ќе слушнете сѐ од хардкор панк до комплексни симфонии. Најдоминантно, бездруго, е последново, односно речиси космичкото чувство дека доживувате уметност што е уникатна и која најживописно се вкусува во ерата кога ѝ е принесена како (духовно-интелектуална) храна на јавноста. Најмасовниот дел од неа ќе остане во сенката на незнаењето дека изданиево воопшто постои. Фрагментот од публиката – оној желниот за откритија и најбитниот – сосема сигурно бурно (ве)ќе реагира на Sunbather. Повеќемината се фасцинирани, но доволен број е убеден оти албумот не може да се пофали со вредност и тежина туку само со надуена фама. Ваквата поларизираност укажува оти Deafheaven се потпишале на дело во коешто силно веруваат и со коешто себеси се предизвикале и исцедиле повеќе од максимално. Веројатно затоа овој речиси цел час музика делува како темелно бањање од Сонцето.

Оцена: 87/100

Артист: Deafheaven
Албум: Sunbather
Датум на објава: 11 јуни 2013
Продуценти: Џек Ширли и Deafheaven
Издавач: Deathwish Inc.

Листа на песни:
1. Dream House – 9:15
2. Irresistible – 3:13
3. Sunbather – 10:17
4. Please Remember – 6:26
5. Vertigo – 14:37
6. Windows – 4:43
7. The Pecan Tree – 11:27

Слични написи

Остави коментар